-3.2 C
Скопје
03:29 - 23 декември, 2024

Исклучените од парно ќе бараат милионски отштети и одговорност од 65 судии

Сите 12.000 граѓани што плаќаа паушал на компанијата „БЕГ“ за топлинска енергија и покрај тоа што ги исклучија нивните станови од парно или не плаќаа, па се тужеа со години, наскоро на суд ќе можат да бараат поврат на дадените пари врз основа на пресудата од Европскиот суд за човекови права (ЕСЧП) од Стразбур, донесена во минатиот четврток.

Марјан Ненов од здружението „Но пасаран“ за „Слободен печат“ вели дека има неколку опции за доброволно исклучените од парното греење и ги повикува сите граѓани кои беа принудени да плаќаат и оние што имаа судски спорови да дојдат в петок, во 11 часот, на протест пред граѓанскиот суд и на консултации со адвокати и правници.

Тој најавува дека ќе бараат одговорност од 65 судии од Основниот и од Апелацискиот суд, кои во изминативе години суделе во постапките против нив.

Ненов: Борба до целосно обесштетување

– Ова е прва ваква силна пресуда против државата Македонија од судот во Стразбур. Образложена е на 38 страници и ние сега ја преведуваме и додека чекаме да помине рокот од 3 месеци за жалба, ќе ги консолидираме нашите чекори за понатаму. Имаме неколку опции. Оние што не оделе до Стразбур, можат да бараат повторување на постапката во македонските судови, кои сега ќе мораат да ја почитуваат пресудата од ЕСЧП како изворно право. Граѓаните што ќе ја добијат оваа постапка, ќе имаат право на обесштетување на сите трошоци. Но, можно е „БЕГ“ да прогласи намерен стечај за да ја избегне обврската да ги плаќа обесштетувањата, затоа што се работи за огромни, милионски суми. Има околу 12.000 исклучени од парно, од кои голем дел не плаќале и се тужеле. Станува збор за многу судски предмети, околу 50.000. Само јас лично имам 17 пресуди. Значи, ако граѓаните решат да тужат, можат да бараат повторување на постапката во која странка е „БЕГ“, а можат да почнат и нова постапка во која покрај „БЕГ“ ќе ја тужат и Регулаторната комисија за енергетика (РКЕ) затоа што пресудата од Стразбур дава основа да се тужи регулаторното тело кое донело правилник врз чија основа им се наплатувало на граѓаните. Така, ако „БЕГ“ оди во стечај, отштетата ќе ја плаќа државата, преку РКЕ. Индивидуално, секој сам треба да реши дали ќе ја повтори постапката против „БЕГ“ или ќе почне нова постапка со тужба против „БЕГ“ и РКЕ – вели Ненов и додава дека и оние што плаќале редовно и досега немале спор со „БЕГ“, можат да тужат и да ги бараат парите назад.

Ненов најавува дека ќе бараат одговорност од судиите што суделе во постапките, редовно на штета на граѓаните.

– Бевме на состанок со претседателот на Судскиот совет Киро Здравев, покренуваме иницијатива за неколку судии во Основниот и во Апелацискиот суд, за кои ќе бараме дисциплински постапки или разрешување. Ќе поведеме постапки против 65 судии, затоа што се огрешиле и пресудувале спротивно на законите, Уставот и меѓународните конвенции. Судиите од Уставниот суд ќе ги оставиме на крај – вели Ненов.

Oсвестување за потклекнатото судство

Според Судот од Стразбур, кај овие граѓани има повреда на Европската конвенција за човековите права, односно членот 1 во кој се пропишува дека секое физичко или правно лице има право на мирно уживање на својот имот. Судот одлучил за осум тужби против Македонија, кои ги споил во една одлука, а според здружението „Но пасаран“, во кое се здружени обесправените граѓани, во Стразбур има уште 130 предмети за кои очекува иста одлука како за првите осум, дека државата Македонија им ги повредила граѓанските права на тужителите.

Европскиот суд наложил на оштетените граѓани да им се исплатат трошоци во висина од 320 до 2.100 евра.

Според адвокатот Александар Варела, кој беше дел од тимот што ги застапуваше граѓаните во Стразбур, оваа пресуда значи многу за приближување на Македонија кон европската заедница и нејзиниот однос кон правото и правдата, како и кон целосно владеење на правото во една правна држава.

– Оваа пресуда е голема сатисфакција за многу обесправени, дури и за тие што не приговарале, но сепак биле неосновано задолжени да плаќаат. Ваквите пресуди од ЕСЧП се и лек за освестување на потклекнатото судство, кое требаше да ја донесе оваа или слична пресуда веднаш по првиот предмет во 2013 година и тогаш немаше ни да има толку предмети – вели Варела за правниот портал „Академик“.

Според него, успехот е голем, особено што се потврдиле како точни, праведни и сега веќе законски исправни сите протести и приговори на обичните граѓани, кои биле присилени да плаќаат сметки за нешто што претходно во законска процедура уредно го исклучиле или никогаш не се вклучиле.

– Со подзаконски акт се дерогираа законите и Уставот, а особено со судските пресуди што се носат во нашиот најголем суд од 2013 година до ден денешен. Важноста е што се демаскира и се утврди нестручноста, паушалниот пристап и ноторното незаконито постапување на судот, Владата и големите приватни компании. Се потврди дека обичниот човек има поголема смисла за своите права од целиот правосуден систем, особено што и Уставниот суд се „избламира“ со препишување на објаснувањата од РКЕ за наводното ширење на топлината преку ѕидовите на зградите. Целата логика беше исклучена во корист на наводните издадени фактури, кои воедно не се ни разгледуваа за нивната основаност, туку беспоговорно се прифаќаа од судовите, а со тоа граѓаните кои приговараа мораа да платат и судски трошоци, кои беа десетпати над тужените сметки – вели адвокатот Варела.

Тој објаснува дека досега имало инцидентни пресуди во корист на граѓаните, но таквите пресуди биле веднаш враќани на повторно судење, со насоки од повисокиот суд дека треба да се гледаат факти во корист на приватните дистрибутери, а воопшто не се спомнувал фактот дека никој нема потпишано договор, односно дека не е воспоставена облигација.

The post Исклучените од парно ќе бараат милионски отштети и одговорност од 65 судии appeared first on Слободен печат.

Слични објави

Франција ја забрани продажбата на Ајфон 12, поради преголемо зрачење

Еспресо

Небото ќе го осветли Нишимура, феномен кој се случува еднаш на 435 години: Вечерва поминува кај нас

Еспресо

(Видео) По слетувањето на Месечината, Индија лансираше ракета за проучување на Сонцето

Еспресо

(Видео) Само 24 пилоти имаат дозвола да слетаат на аеродромот во Бутан

Еспресо

„Зум“ ги враќа своите вработени назад во канцеларија

Еспресо

Среќник од Германија доби 10 милиони евра на „Евроџекпот“

Еспресо
Се вчитува....