0.8 C
Скопје
00:58 - 22 декември, 2024

Интервју Жарко Караџоски: Нема да се зарази тој што гласа, туку тој што не ги почитува мерките!

Претседателот на Комисијата за заразни болести д-р Жарко Караџоски се најде во фокусот на интересирањето на јавноста, откако бројот на заразени почна драстично да расте, откако непочитувањето на мерките за заштита доби загрижувачки размери и, особено, откако одржувањето на предвремените парламентарни избори беше доведено во директна зависност од одлуките и препораките на Комисијата.

Бројот на заболени секојдневно се зголемува и се отвораат нови кластери. Ви забележуваат дека ги обвинувате граѓаните за тоа?

– Ги обвинувам и граѓаните за непочитување на мерките, но и сите други. За време на првомајските празници ние како стручна комисија издадовме соопштение за мерки на претпазливост, но Главниот кризен штаб и Владата усвоија нешто сосема друго. Потоа бевме непријатно изненадени кога се случи Литијата во Струга, во која имаше целосно непочитување на превентивните мерки за спречување на респираторната инфекција. И за бајрамските празници Комисијата сугерираше да се предложи мерка за спречување на вирусот, со тоа што ќе го ограничиме дружењето со обврзно носење маска, со држење дистанца. Очекувавме дека нема да има тактизирање во донесувањето на одлуките. Но, видовме непочитување на мерките од страна на наши сограѓани од исламска вероисповед во одредени делови од Скопје, но и на ниво на државата.  Тоа доведе до проширување на вирисот меѓу населението, прво во фамилијата, па во најблиското соседство и пошироко. Непријатно сум изненанден, дури и револтиран поради неспроведување  на мерките на домашни свечености. Какво е тоа организирање свадба со стотици гости или организирано јадење мекици по повод новороденче или славење матурски вечери? А од друга страна очекуваме полицијата да биде таа што ќе контролира што се случува во државата.

Дали полицијата контролираше доволно и соодветно?

– Во некои сегменти да, особено на почетокот кога го спречуваше движењето во полициски час. Но, преку ден кога имаше забрана на движење можевме да видиме деца на улица, луѓе кои купуваат непречено во маркетите и слободно се движат, а полицијата стои до нив и не реагира. Свесни сме дека над 85 проценти од граѓаните се однесуваат совесно кон себе и кон другите, но мора да се знае кој ја шири инфекцијата. Тоа се главно младите до 30-40 години кои и несвесно го шират ковид 19 и не занејќи дека се асимптоматични носители на вирусот. Асимптоматските на нозе, како лесна настинка, ја прележуваат инфекцијата, некогаш и не знаејќи дека се носители.

Зошто значителен број сограѓани сепак не ги почитуваат мерките за заштита?

– Дваесет проценти од нив воопшто не веруваат дека има ковид вирус. За тоа придонесуваат и некоректните изјави дека вирус не постои и дека е тоа политичка измислица за да и наштети на економијата, или дека некој што е моментно на власт се обидува да добие политички поени. Апсолутно се спротивставувам на сите овие мислења. Комисијата не  е партиско тело, и не спроведува ниту партиски, ниту религиски одлуки.

Дали по последната прес-конференција се чувствувате навреден, зашто понекогаш изгледа како да полемизирате со некој кој ве обвинува?

– Не сум навреден што последниве денови по мене се фрлаа дрва и камења. Ме обвинуваа партиите, но јавноста мора да сфати дека Комисијата работи согласно критериуми, според струка, наука и свој бекграунд. При секое донесување одлука имаме „сочна“ расправа и ниедна не е донесена едногласно, ниту пак затоа што нејзиниот претседател така решил. Дополнително, што јас како претседател не сум највисока функција, туку има уште три над мене – началник, раководител и директор. Инаку, мојата стручност е неспорна. Имам над 35 епидемии зад мене. Затоа на почеток предвидов дека ќе имаме над 2.000 позитивни и 150 до 200 смртни случаи.

Како да се спречат појавите кои дополнително ја компликуват ситуацијата?

– Јавно ги повикав политичките партии и сите верски заедници да се обединиме во борбата против ковид 19, за секој да влијае врз своите приврзаници или верници. Им реков – немојте да придонесуваме негативно во екот на најголемета епидемија, како што ИВЗ дозволи да се влегува во џамиите во време кога дури и Турција и Мека и Медина го забранија тоа. И уште таму некој вели нема никаков вирус, умрен бил. Ние излеговме поголеми католици од Папата.

Дали можеше да се направи повеќе околу информирањето на граѓаните, околу транспарентноста?

– Што повеќе? Па, сведоци сме дека медиумите имат секојдневен брифинг од министерот за здравство. Дали во последниве 20 години некој министер за здравство излегол повеќе во јавност со дневен брифинг за актуелна состојба и дали некој од почетокот на кризата има нешто скриено, некој резултат или број на тестови, на позитивни? Дали сме можеле да ги филуваме резултатите или да ги скриеме? Да, сме можеле. Но, што би добиле? Во еден ден ќе ни се преполнат болниците со стотици болни, иако ќе речевме дека имаме само пет позитвни. Не, уште на почеток Комисијата за заразни болести одлучи да биде стопроцентно транспарентна, дека ќе ги објавува резултатите каква и да е состојбата со короната.

Не се работи за тоа дали ги прикривате резултатите, туку како ги регистрирате случаите. На пример, бројката на починати можеби ќе биде помала ако единствената причина за смртта не е вирусот? Зошто ги тестирате починатите?

– И заради таа транспарентност починатите кои не се ковид пациенти ќе ги водиме како ковид, затоа што некој ги дијагностицирал. На пример во сообраќајна несреќа загинува некое лице, земен му е брис и тој испаднал позитивен. Ние го водиме дека почнал од ковид. Значи, кауза мортис е едно, а кардиа карест е друго. Или ако лицето починало од малигно заболување, но во периодот од месец или два поради намалениот имуно компромитиран систем закачило и ковид, ние го водиме како починато од ковид. Дури и при случај на смоубиство лицето се води дека починало од ковид, само затоа што при брисот се покажало дека било позитивно. Со целосна одговорност кажувам дека најмалку триесет се водат како починати од ковид, иако причината за нивна смрт е сосема друго заболување.

Може ли да се стекнеме со колективен имунитет и дали за тоа е подобро да ги отвориме вратите и да ги укинеме мерките?

– Се обидоа тоа да го сторат и поразвиени и подемократски земји, но не успеаја. За да се создаде колективен имунитет треба да заболат 70 проценти од населението. Кај нас отприлика милион и четиристотини илјади граѓани. Кој здравствен систем може да си дозволи толку позитивни, од кои 80 проценти по светски критериуми ќе бидат асимптоматски, а 20 ќе имаат клинички симптоми што е отприлика триста илјади луѓе. Од нив пет проценти ќе имаат воспаление на белите дробови и ќе мора да се хоспитализираат. Тоа значи 20.000 кревети за нивна хоспитализација, а два проценти ќе мора да се стават на респиратор. Која држава во моментов има 2.000 респиратори и толку болнички кревети само за болни од воспление на белите дробови? Затоа и Шведска, каде имаше 1.700 смртни случаи за една недела, ја промени политиката и алгоритмот на тестирање. Ако Германија дозволеше создавање колективен имунитет, ќе требаше 63 милиони луѓе да се разболат, 12 милиони да бидат со тешко воспаление на белите дробови и 700.000 кревети за оние на кои ќе им требаше респиратор. Значи, не бива тој систем, да го пуштиме народот тивко да се имунизира.

Тогаш, колку време треба да седиме изолирани со максимално почитување на мерките и дали кога ќе излеземе надвор нема повторно да се соочиме со вирусот за кој велите дека нема да си замине?

– Точно е дека никој не рекол дека вирусот ќе го снема. Тој е меѓу нас. И ние мора да научиме да живееме со него. Состојбата во светски рамки е таква. И ќе биде така се додека не се направи вакцина. А прашање е кога ќе се направи вакцина, иако светот троши стотици милиони долари и евра за таа намена. Десетици препарати се ставени како потенцијални вакцина, но за да стане вакцина мора прво да се спроведе негово производство. За да се произведат неколку милијарди од него треба стотина најдобри фабрики во светот да произведат ист тип препарат. И државата што ќе го произведе препаратот ќе има ексклузивитет прва да го даде на своето население. Потоа сите ќе купуваат од неа. Кога нашата земја може да смета дека ќе може да го купи тој препарат? Тогаш кога ќе има големо производство и широка дистрибуција. Очекувам вакцина кон крајот на 2021 и почетокот на 2022 година.

Не знаеме дали сме во пикот на овој вирус, а веќе треба да се подготвуваме за сезонскиот грип. Како ќе се справиме се двата вируса истовремено?

– Тоа е клучно прашање. Сезонскиот грип почнува кон крајот на декември и почетокот на јануари. Вториот бран е на крајот на февруари и почетокот на март. Затоа побаравме поголема количина вакцини за обичен грип. Ќе имаме уште поголем проблем бидејќи двата вируса имаат слична респираторна симптоматологија. Тогаш граѓаните ќе ги тестираме и на грип и на ковид. Смртноста и начинот на трансмисија е сличен, но смртноста кај ковидот е многу поголема. Кај грипот е 0,5 до еден процент, а кај ковидот може да биде осум, десет и дванаесет проценти. Затоа и ризиците за граѓаните ќе се зголемат.

Се води голема политичка битка за датумот за изборите, која се темели на здравствената состојба. Дали Комисијата има изготвено протокол за избори и за кој период?

– Да, комисијата доби задача да изготви изборен протокол. Никој никогаш не ни рекол кога ќе бидат изборите. ДИК во полн состав беше повикана кај нас, а од нас беше побарано да им дадеме критериум за да се спроведе изборниот ден. Комисијата изготви протокол и тој е доставен до ДИК. Но, ние кажавме дека не можеме да проектираме во кој период може да има избори. Само кажавме кои критериуми треба да се задоволат за да се спроведат. И во соседството се подготвуваат за избори. Никој, никаде не го прекинал изборниот процес поради ковид. Затоа што никој во нашиот нормален живот нема да се зарази ако ги почитува мерките за заштита, за дистанца, ако носи маска или ако се дезинфицира. Значи, направивме протокол кој важи кога и да се одржат изборите.

Сепак, кога да очекуваме олабавување на мерките?

– Зависи од епидемиолошката состојба. Кога кривата на заболени ќе почне да се намалува, како што беше на петти и шести мај, кога ги олабавивме мерките затоа што не се живее под стаклено ѕвоно. Затоа и почнавме да ги отвораме терасите на рестораните и моловите.

The post Интервју Жарко Караџоски: Нема да се зарази тој што гласа, туку тој што не ги почитува мерките! appeared first on Слободен печат.


Интервју Жарко Караџоски: Нема да се зарази тој што гласа, туку тој што не ги почитува мерките! was first posted on јуни 14, 2020 at 5:32 pm.

Слични објави

Франција ја забрани продажбата на Ајфон 12, поради преголемо зрачење

Еспресо

Небото ќе го осветли Нишимура, феномен кој се случува еднаш на 435 години: Вечерва поминува кај нас

Еспресо

(Видео) По слетувањето на Месечината, Индија лансираше ракета за проучување на Сонцето

Еспресо

(Видео) Само 24 пилоти имаат дозвола да слетаат на аеродромот во Бутан

Еспресо

„Зум“ ги враќа своите вработени назад во канцеларија

Еспресо

Среќник од Германија доби 10 милиони евра на „Евроџекпот“

Еспресо
Се вчитува....