0.8 C
Скопје
11:19 - 23 декември, 2024

ИНТЕРВЈУ со Тања Томиќ, експертка за јавни политики: Секоја од 60-те жени во нашата датабаза може да се носи со која било функција

Наш соговорник е Тања Томиќ, една од водечките македонски експерти за јавни политики. Во текот на својата досегашна политичка кариера таа е избрана на различни лидерски позиции, како на општинско – член на Совет на Општина Кисела Вода и Совет на Град Скопје, така и на национално ниво – пратеничка во Собранието на Република Македонија. Активно е вклучена во општествениот живот преку активности и учество во здруженија на граѓани, а како основачка на Мрежа на жени за нови политики ИДЕМ, ја воспоставува првата база на податоци на жени експертки на веб-страницата www.ednakvi.mk.

Со каква идеја и цел е основана интернет-страницата Еднакви.мк?

– Интернет-страницата www.ednakvi.mk е основана со цел да обезбеди информации кои им се потребни на жените во секојдневното живеење, како и простор за промовирање на жените од различни области или кратко кажано да покаже дека имаме жени со искуство и знаење во сите области. Така на пример, на страницата можат да се најдат правните регулативи кои ги засегаат жените и им ги штитат нивните права. Исто така можат да се прочитаат интервјуа на жени кои се успешни, но сепак не доволно видливи во општеството, како што се жените кои беа дел од серијалот „Секојдневни хероини“.

Кому се обраќате? Колку мажите се заинтересирани да ги следат актуелните женски теми?

– Интернет-страницата беше креирана за да ја зголеми информираноста на жените за сите можности кои им ги нуди општеството, но и за да ја подигне нивната видливост. Најголемиот дел од публиката сè уште ни се жените, иако јас сметам дека родовата еднаквост не се однесува само на жени. Постигнувањето на родова еднаквост исто така подразбира недискриминација на мажите во одредени области и се надевам дека во иднина и мажите ќе станат дел од нашата публика.

Располагате со датабаза на жени експертки. Колку податоци содржи базата? Како се станува дел од оваа база? Кој и како ја користи оваа база?

– Датабазата на жени експертки е формирана како дел од активностите на Мрежата на жени за нови политики ИДЕМ и Symphony Solutions, а е хостирана на www.ednakvi.mk. Таа досега брои 60 жени експертки од различни области: право, економија, машинство, односи со јавност, родова еднаквост, земјоделие, безбедност и така натаму. Најчест изговор зошто нема жени на одлучувачки позиции или зошто во медиумските дебати најголемиот дел од говорниците се мажи, беше дека нема жени што се стручни во конкретните области. Токму поради тоа решивме да ја креираме оваа датабаза со цел на едно место да може да се најдат жени експерти од која било област. За да може да стане дел од датабазата секоја кандидатка треба да исполнува минимум пет години искуство во одредена област. Се пријавува преку креирање на профил на интернет- страницата и поставување на сопствената биографија. Откако ќе ја провериме веродостојноста, нејзиниот профил станува јавен и секој на кој му е потребна експертиза од нејзината област може директно да ја контактира. Целта е датабазата да ја користат и политичките партии и медиумите и здруженијата на граѓани. Јас сум убедена дека која било од овие 60 жени кои досега се во датабазата, може да се снајде и на политичка функција – пратеничка, министерка, директорка, и во стручна дебата – телевизиска, радио или онлајн, во нејзината област на експертиза.

Она што сè уште недостасува е застапеноста на жените во извршната власт, односно како министерки, директорки и градоначалнички, што е предизвикот на жените од оваа генерација политичарки.

Според вас, до каде сме, воопшто, со родовата еднаквост во Македонија?

– Имаме постигнато големи исчекори во одредени делови на родовата еднаквост, но за жал сè уште сме далеку од постигнување на целосна родова еднаквост. Во однос на земјите од регионот предничиме во донесување на законските регулативи, како што се Закон за еднакви можности на жените и мажите, Закон за заштита од вознемирување на работно место, Закон за спречување и заштита од дискриминација, ратификацијата на Истанбулската конвенција, но за жал, заостануваме во имплементација на законите.

Која е најгорливата тема кога се во прашање жените во Македонија?

– Иако има многу горливи теми кога се во прашање положбата и можностите на жените во Македонија, сепак, како најгорливо би го издвоила семејното и родово базираното насилство. Иако Истанбулската конвенција конечно се ратификуваше во март 2018 година, сепак треба уште многу да се работи на нејзина целосна имплементација бидејќи сè уште не е усогласено националното законодавство со одредбите од Конвенцијата. И покрај скромните исчекори направени во последните две години, сè уште нема доволен број специјализирани сервиси за помош и поддршка на жени и девојки жртви на родово засновано насилство, податоците не се собираат систематски, распределени според релевантни фактори, ниту пак има стратегија за спречување на сите форми на родово заснованото насилство врз жените. Секако, ова е моја лична перцепција, која не е заснована на родови податоци бидејќи истите во државата ги нема за сите сектори.

Подолг период бевте дел од политичката сцена, зошто се повлековте и дали планирате враќање?

– Поминав околу 15 години на политичката сцена и ги поминав сите скалила во законодавната власт, од советничка во општина до пратеничка во Собранието на Република Македонија. Политиката е исцрпувачка и напорна работа доколку ја работите посветено и во интерес на граѓаните и не ви остава време за приватен живот и сопствен развој, посебно доколку сте жена. Сметав дека треба да посветам малку време на себе пред да се нафатам на нови предизвици во политиката и од оваа временска дистанца мислам дека тоа ми беше вистинска одлука. Оттогаш ги завршив магистерските студии, се вклучив во неколку организации и во моментов ја подготвувам за печат книгата „Менаџмент на човечки ресурси во политичките партии во Македонија“. Во неа ќе биде објавено истражувањето кое го правев во 2016 година за тоа кои се бенефитите доколку политичките партии почнат во своите процеси да ги користат принципите на менаџмент на човечки ресурси како што тоа го прават компаниите. Не можам да кажам дека никогаш нема да се вратам во политика, но во моментов сум многу далеку од тоа и уживам во пренесување на знаењето и помагање на оние жени кои сакаат да се занимаваат со политика.

Од периодот кога бевте активни во политиката, до денес, што се промени во однос на застапеноста на жените во креирање на политиките и во процесите на одлучување?

– Оттогаш досега зголемен е бројот на жени кои учествуваат во законодавната власт, односно на листите за кандидати за пратеници и советници. Во изборниот закон се зголеми квотата за застапеност на помалку застапениот пол од 30 отсто на 40 отсто. За овие парламентарни избори една политичка партија веќе најави дека ќе има 50-50 сооднос на пратеничките листи, а верувам дека и другите партии ќе го следат тој модел. Она што сè уште недостасува е застапеноста на жените во извршната власт, односно како министерки, директорки и градоначалнички, што е предизвикот на жените од оваа генерација политичарки.

Не можам да кажам дека никогаш нема да се вратам во политика, но во моментов сум многу далеку од тоа и уживам во пренесување на знаењето и помагање на оние жени кои сакаат да се занимаваат со политика.

Дали сте можеби во тек, каква е состојбата со економските права на жените во однос на платата и вреднување на работниот труд?

– Прво, мислам дека е важно да се напомене дека според економската активност жените претставуваат голем дел од работоспособно неактивно население, односно според последните статистики на Државниот завод за статистика 64,2 отсто од работоспособните жени се неактивни, додека тој процент кај мажите е 35,8. Јазот во платите помеѓу мажите и жените сè уште е голем, но тоа е многу обемна тема. Според истражувањето на „Фајнанс тинк“ во 2015 година во просек жените земале за 12 отсто помали плати од мажите. Тука ќе споменам само дека, на пример, во работните места кои се плаќаат над 40.001 денари, учеството на жените е само 19 отсто, додека мажите сочинуваат 81 отсто од луѓето кои се платени над оваа сума.

Што треба да се направи за да се постигне идеалното 50-50 отсто на застапеност на жените на раководни позиции? Може ли тоа да се постигне во блиска иднина?

– За да се постигне паритет во законодавната власт доволно е да се измени Изборниот закон и наместо квота од 40 отсто да стои 50-50. За да се постигне во извршната власт потребна е доволна свесност и кај раководствата на партиите дека во сите извршни тела соодносот мажи-жени треба да е еднаков. На таа едукација и родово сензибилизирање сè уште треба да се работи, бидејќи во нашиот систем раководствата на партиите ги бираат носителите на извршна власт. Во случајот со извршната власт на локално ниво – градоначалници и раководители на сектори, постојат повеќе различни модели кои можат да се применат, но за почеток доволно е да се актуелизира темата и да се бараат решенијата кои одговараат кај нас во пресрет на следните локални избори во 2021 година.

Која жена од македонскиот јавен живот ве инспирира и зошто?

– Тоа би била Цветанка Иванова, поранешна пратеничка и актуелна генерална секретарка на Собранието. Има многу причини зошто таа ме инспирира, но би навела само дека има сериозен пристап кон секоја позиција на која работела и дека е една од пионерите на движењето за родова еднаквост, а со самото тоа има и огромен придонес во унапредувањето на можностите и правата на жените.

 

Фотографии – Драган Митрески

 

The post ИНТЕРВЈУ со Тања Томиќ, експертка за јавни политики: Секоја од 60-те жени во нашата датабаза може да се носи со која било функција appeared first on Слободен печат.

Слични објави

Франција ја забрани продажбата на Ајфон 12, поради преголемо зрачење

Еспресо

Небото ќе го осветли Нишимура, феномен кој се случува еднаш на 435 години: Вечерва поминува кај нас

Еспресо

(Видео) По слетувањето на Месечината, Индија лансираше ракета за проучување на Сонцето

Еспресо

(Видео) Само 24 пилоти имаат дозвола да слетаат на аеродромот во Бутан

Еспресо

„Зум“ ги враќа своите вработени назад во канцеларија

Еспресо

Среќник од Германија доби 10 милиони евра на „Евроџекпот“

Еспресо
Се вчитува....