1.8 C
Скопје
09:04 - 25 декември, 2024

Интервју со Слаѓана Вујошевиќ, актерка: Убава жена е онаа на која не ѝ треба огледало за да провери како ќе се чувствува денес!

Слаѓана Вујошевиќ е театарска, филмска и телевизиска актерка, вработена е во Турскиот театар во Скопје и демонстратор е по предметите Сценски говор и Техника на глас на Факултетот за драмски уметности во Скопје. Во 2012 година заминала за Истанбул и како стипендист од Владата на Република Турција го изучувала турскиот јазик и студирала мастер студии на Државниот конзерваториум при истанбулскиот универзитет, а веднаш по магистрирањето добила стипендија за докторски студии. Минатата година, под менторство на проф. д-р Хасан Акбулут, го положила задолжителниот квалификационен испит за премин во научно истражување и ја одбранила докторската теза. Меѓу повеќето актерски улоги во театарски претстави и на филмското платно, оваа млада и талентирана глумица остварила и три улоги во популарните турски телевизиски серии „Големото прогонство од Кафкасија“, „Горка љубов“ и „Мојот топол дом“. Меѓу децата е позната по гласот на Биби, односно Слаѓана го надсинхронизира ликот на Биби во првиот македонски анимиран серијал „Светот на Биби“.

Како реагираа твоите родители на веста дека си решена да станеш глумица?  

– Како и за секоја друга моја желба за надоградба, така и во изборот на студии, моите родители ми беа максимална поддршка. Со многу трпение, разбирање и преслушување на поезијата и монолозите за приемниот испит, тие беа во секој момент тука за мене. И ден денес, тие се првите личности кај кои се обраќам за разговор, дебата и најискрена критика по секоја моја креација.

Каков предизвик е за тебе позајмувањето на гласот на шестгодишната Биби? Колку оваа улога ти легна при срце, и што имаат заедничко една триесетгодишна девојка и хероината Биби?

– Најнапред, сакам да напоменам дека Биби е производ на високопрофесионална и исклучително креативна и посветена екипа. Оттука, моја голема чест и задоволство е што токму мене ми припадна предизвикот да го позајмувам гласот на овој лик. Истовремено чувствувам голема одговорност, особено сега, кога Биби стана дел од речиси сите домови и пример за добро однесување на многу дечиња. Секое снимање за мене е уживање, и можам да кажам дека ова е еден од најдрагите проекти на кои сум работела. Секоја подготовка за снимање ме носи во светот на децата и ја буди одново онаа препознатлива детска енергија во мене. Ја обожавам Биби поради искреноста, позитивниот поглед кон светот и подготвеноста да си ја признае грешката и искрено сакам да верувам дека тоа е она што ни е заедничко!

Турските телевизиски серии се важен фактор за високоразвиениот туризам во Република Турција и мислам дека токму затоа многу се инвестира во овој сектор. Нема турска серија без познатите кадри од Босфор или Галата Кулеси, богатиот турски појадок или без турската музика што буди силни емоции. Фотограф: Мурат Гунери

Во Истанбул ги заврши магистерските и докторските студии, што денес професионално те поврзува со овој град?

– За време на магистерските и докторските студии имав шанса да соработувам со неколку приватни театри, телевизии и академии и да остварам контакти со врвни театарски и телевизиски имиња со кои постојано сме во контакт. Сè уште сум дел од тимот на професори кои држат часови по актерска игра во приватниот театар „Ентропи Сахне“ на познатиот актер Јурдаер Окур и „Хата Јапим Атолјеси“ на актерката Демет Евгар. A со оглед на тоа што во Истанбул секој актер има свој менаџер, така и јас соработувам со Гокхан Гунеш, кој ме застапува таму и ги договара моите филмски и телевизиски проекти. За жал, поради состојбата со пандемијата многу од овие работи, сега засега, се во мирување.

Според твоето искуство во турските серии, на што се должи нивниот успех?

– Турските телевизиски серии се важен фактор за високоразвиениот туризам во Република Турција и мислам дека токму затоа многу се инвестира во овој сектор. Нема турска серија без познатите кадри од Босфор или Галата Кулеси, богатиот турски појадок или без турската музика, која буди силни емоции. Би рекла дека тоа се основните нешта што ги маѓепсуваат луѓето ширум светот да гледаат турски серии. Истовремено, интригантните сценарија кои обработуваат најчесто љубовни приказни меѓу ниската и високата класа, љубовта помеѓу сиромашната девојка и богатото момче, се проверен рецепт за успех. Се разбира, ништо без талентираните актери и актерки, кои истовремено изгледаат прекрасно.

Што значи да се биде актерка денес? Значи ли да се жртвува сè што треба да биде составен дел од животот на една „нормална“ личност, постојано да се живее на тобоган, од еуфорија до страв и разочарување?

– Од неодамна сфатив дека страдањето, разочарувањето и стравот се само уште еден избор, а не нужна состојба. Ми се чини дека која било професија е многу убава и пријатна ако се работи со љубов и посветеност. Мене ме исполнува максимално мојата професија и уживам да ја испитувам од секој можен аспект. Кога немам театарски проект, си давам предизвик да креирам ликови за телевизиски серии, кога имам можност за филм или анимација се предавам целосно во тој свет. А веќе подолго време уживам во предавањето на моите искуства и знаења на помладите колеги. Не жртвувам ништо за да бидам среќна! Сфатив дека добра организација овозможува извршување на неколку обврски истовремено, а притоа и емоционална исполнетост.

Биби е производ на високопрофесионална и исклучително креативна и посветена екипа. Оттука, моја голема чест и задоволство е што токму мене ми припадна предизвикот да го позајмувам гласот на овој лик. Фотограф: Мурат Гунери.

Како реагираш кога ќе бидеш одбиена за некоја улога, колку е тоа тешко да се надмине и да се продолжи понатаму?

– На почетокот бев прилично чувствителна на тоа и ме погодуваше. Мислев дека секое одбивање се должи на мојот недоволен квалитет, а често и на изгледот. Денес, од друга страна, на секој кастинг му приоѓам како на уште една можност за создавање мало уметничко дело, но фокусот од тоа некому да му се допаднам, свесно го вртам кон тоа да го дадам максимумот од себе.

Колку убавината ги отвора вратите кон успехот? Што за тебе значи убава жена?

– Првите години од мојот престој во Истанбул, кога бев фасцинирана од турските актери и актерки, кои многу ги негуваат своето тело, лице и коса, многу поразлично ќе одговорев на ова прашање. Во тој период, јас бев оптоварена со својата тежина и изглед и бев убедена дека тоа е патот до успехот, барем во тамошниот телевизиски сектор. Но, за среќа, многу брзо сфатив дека сакам и треба да работам на своето тело, лице и глас, исклучиво како актер кој го тренира својот инструмент. А приватно, работам на себе како личност и читам многу. Затоа денес, за мене убава жена е онаа на која не ѝ треба огледало за да провери како ќе се чувствува денес! За мене убава жена е онаа која се негува за себеси, а не за тоа да им се допадне на другите. И кога мислам на негување, за мене тоа негување подразбира работа на себе и одржување на внатрешниот мир и спокој.

Многу брзо сфатив дека сакам и треба да работам на своето тело, лице и глас, исклучиво како актер кој го тренира својот инструмент. Фото – кадар од ТВ серијата Големото Прогонство од Кафказ

Од која македонска глумица можеш да кажеш дека најмногу си научила, а која те инспирира и мотивира?

– Основите на актерската игра ги научив од моите професори Владо Цветановски  – режисер и Мими Таневска – актерка. Тие беа извонреден тим, кој и покрај веќе стекнатите титули, постојано се надоградуваа себеси за да нè надоградуваат нас. Заедно создадоа навистина успешни генерации на актери. Се чувствувам привилегирана што бев нивна студентка. За време на студиите и по нив, следев многу македонски претстави и филмови и со тоа бев сведок на извонредни актерски остварувања. Има многу актерки, кои секој на свој начин влијаеја на мојот развој како актер. Навистина е неблагодарно да именувам, бидејќи секоја од нив, со својата специфичност и особеност инспирира и нуди можност да се учи. Некои од нив се и големи борци и социјално активни и одговорни личности, а со тоа се моја, но и мотивација на идните генерации за целокупен придонес во опшеството.

Забележуваш дека уметниците треба да го задржат нивото на театарот создавајќи дела што ќе го држат гледачот во комплетно внимание, но прашањето е – каков е денешниот гледач? Најпосле и која е одговорната публика?

– Ова прашање бара комплексен одговор, па затоа ќе го ограничам во театарски рамки. Привилегијата што ја поседува театарот, за разлика од која било друга уметност е тоа што актерскиот творечки процес се одвива пред очите на гледачите. Оттука, театарскиот актер и гледачот создаваат специјален однос, во кој взаемните реакции се неизбежни. Гледачот реагира на актерската изведба, додека и самиот актер реагира моментно на реакциите од публиката. Како  резултат на тоа, изведбата на актерот многу често зависи од самата публика. Со самото тоа, би рекла дека одговорноста на публиката би требало да е еквивалентна на професионалноста на актерската екипа. Одговорна публика е таа која е пред сè информирана публика. Добро информираната публика гради однос кон авторите на делото и оттука е неизбежна почитта кон трудот на екипата. Публика која ги почитува уметниците, чувствува потреба да придонесе за напредок на уметноста и не се задоволува со низок квалитет и непрофесионалност. И така тој волшебен круг се заокружува со самите театарџии, кои не сакаат да ја разочараат оваа своја драга и ценета публика.

Не може насила да се даде, може само насила да се земе, забележуваш. Не може насила да се помогне, ако некој не побара помош. Гледајќи во нашето општество, што можеш да видиш – каде насила се дава, а каде насила се зема? А каде не се помага дури и кога треба да биде тоа со сета сила?

– За да ја избегнам генерализацијата, повторно ќе се обидам да одговорам на ова прашање задржувајќи се во рамки на театарската уметност. Поради пандемијата, театарскиот уметник денес е приморан да ги одложи планираните проекти и му е одземена слободата да создава дела на начин на кој досега бил научен тоа да го прави. Театарската уметност, која се разликува од секоја друга уметност токму поради фактот дека се случува пред жива публика, одеднаш е уште еден јавен настан кој може да претставува закана за ширење на пандемијата. Оттука актерот, затворен во својата дневна соба, се чувствува насилно иселен од театарската сцена. Но на актерот од 21 век, за разлика на тој од минатото, му се понудени технолошки можности да создава на виртуелната сцена. Можностите се подеднакви за сите, но изборот е личен. И така, театарската фела се подели на: театарски технофоби, кои оваа состојба ја доживуваат како сквернавење на уметноста; и театарски ентузијасти, кои не умеат да го зауздаат својот порив за креирање и прилагодувајќи се на новите услови за работа, креираат и творат со полна сила. И на едните и на другите ни е насилно одземено нешто, но ни е понудено решение кое може да биде привремена замена за одземеното. Овие технолошки можности се всушност помошта што ни е на располагање, но зависи од нас дали ќе ја прифатиме или не.

Дали си била жртва на полова дискриминација во текот на кариерата?

– Да! Во еден договор за проект, имаше член во кој се наведуваше парична казна од апсурдна сума доколку се случи бременост за време на реализирање на проектот. Убедувањето траеше со денови и главен аргумент беше дека сите други актерки веќе потпишале. Навистина непријатно чувство!

Кои се денешните хероини според тебе?

– Без многу двоумење би рекла дека денес, нашите најголеми хероини се здравствените работнички, кои неуморно се справуваат со вирусот. Хероини се и сите оние кои директно се соочија со вирусот, го пребродија и сега даруваат крвна плазма за лечење на други заболени. И не можам да ја изоставам хероината, која за несреќа го загуби својот живот, но даде шанса за живот на тројца непознати. Но би додала дека хероина е секоја онаа жена, девојка или девојче, кои со своето однесување ги почитуваат препораките за заштита на своето здравје, а со тоа и на здравјето на своите најблиски и останатите. Ете, за жал, денес сме приморани и она што е во суштина нормално да го издвоиме како херојско дело, за да допре до неразумните.

Насловна фотографија – кадар од ТВ серијата „Горка Љубов“.

 

 

The post Интервју со Слаѓана Вујошевиќ, актерка: Убава жена е онаа на која не ѝ треба огледало за да провери како ќе се чувствува денес! appeared first on Слободен печат.


Интервју со Слаѓана Вујошевиќ, актерка: Убава жена е онаа на која не ѝ треба огледало за да провери како ќе се чувствува денес! was first posted on јуни 24, 2020 at 12:00 pm.

Слични објави

Франција ја забрани продажбата на Ајфон 12, поради преголемо зрачење

Еспресо

Небото ќе го осветли Нишимура, феномен кој се случува еднаш на 435 години: Вечерва поминува кај нас

Еспресо

(Видео) По слетувањето на Месечината, Индија лансираше ракета за проучување на Сонцето

Еспресо

(Видео) Само 24 пилоти имаат дозвола да слетаат на аеродромот во Бутан

Еспресо

„Зум“ ги враќа своите вработени назад во канцеларија

Еспресо

Среќник од Германија доби 10 милиони евра на „Евроџекпот“

Еспресо
Се вчитува....