-1.2 C
Скопје
09:02 - 23 декември, 2024

Интервју со Сара Ферро и Дарко Набаков од фестивалот „Македокс“: Квалитетната програма не треба да трпи компромис

Преминот во новата декада екипата на фестивалот на креативен документарен филм „Македокс“ одлучила да го препушти на младата генерација. Обично се вели дека првите десет години се најтешки, а подготовките на 11.Македокс требало да бидат базирани на стекнатите знаења и искуства од претходните изданија. Кога се правеле првите планови за новото издание на фестивалот за зборот пандемија требаше да се отвори енциклопедиски речник, а за ковид-19 не се знаеше ниту во Кина. За хибридни филмски фестивали не се знаеше ниту кај нас, ниту во светот, иако веќе постојат мноштво платформи за гледање филмови на интернет.

Храброста да го прифатат предизвикот да раководат со реализација на филмски фестивал, и тоа на креативен документарен филм, ја имале Сара Ферро и Дарко Набаков. Двајцата се дел од подмладокот на „Македокс“ веќе 10-ина години. Тематскиот концепт бил одреден, било смислено и мотото на новото издание. Потоа се појави коронавирусот.

Бројот 11 може да се чита како почеток на нова декада, како 1.1, а може и да се чита во неговото скриено значење, како број што означува порта кон други, метафизички димензии, или како број што означува носење на суд, одлука.

Единаесетото издание на „Македокс“ со мото „Слеј се со тишината“ ќе биде посветено на звукот и тишината. На слушање на наједноставното и најтешкото, и на поглед кон невидливото. Фокусот е ставен на поезијата во филмот – дизајнот на звук. А фестивалот, кој се покажа како жилав троскот, ќе го менува својот ритам согласно препораките за заштита на општото јавно здравје. Фестивалот ќе се одржи од 19 до 26 август во хибридно издание и без гости од странство.

На влегувањето во втората декада на „Македокс“ го прифативте предизвикот да раководите со реализацијата на 11. издание на фестивалот. Како го доживеавте/почувствувавте овој предизвик?

Сара: Од самиот почеток, структурата на организацијата е поставена хоризонтално, а процесот на повлекување на „сениорите“ од раководните позиции постепено се одвива години наназад, така што не беше неочекувано. Сепак, раководењето со веќе етаблирана организација носи голема одговорност и очекувања, кои се надеваме дека ќе ги исполниме.

Практично, функциите ги прифативте пред да се појави епидемијата на ковид-19. Колку пандемијата ги искомплицира работите во организирањето на фестивалот?

Дарко: Да се работи фестивал во држава во која културната политика има разорувачка вирулентност е секогаш предизвик. Оваа година пандемијата предизвика несигурност и отежнување на организацијата во целиот свет. Работите и правилата се менуваат постојано, наше е да изнајдеме креативен начин за нивно прилагодување.

Што значи хибридно издание на филмски фестивал?

Дарко: Тоа значи дека публиката ќе има можност да ја проследи филсмката програма во живо и он-лајн. Истовремено сите дополнителни фестивалски активности: работилници, мастеркласови, дебати, дискусии, форумот „МакеКоПроДокс“ и други ќе заземат место во виртуелниот простор. Најтешко за нас паѓа тоа што авторите на филмовите нема да може да присуствуваат во живо на фестивалот, но мислам дека најдовме креативни решенија како да ги доближиме до публиката и таа фестивалска атмосфера да ја создадеме он-лајн.

Сара Ферро – Документарниот филм е како кромидот, за да дојдеме до неговото јадро треба да излупиме многу слоеви

Колку сениорскиот дел од екипата на „Македокс“ ви дава поддршка и соработува со вас?

Сара: Сениорскиот дел од екипата на „Македокс“ нè остава сами да се снаоѓаме со ситуациите и предизвиците, но, во клучни моменти секако дека ни даваат поддршка и соработуваат со нас. Сепак, тие, сè уште, се дел од тимот и одговорни за одредени делoви во организацијата на фестивалот. Се надеваме дека ќе ни бидат поддршка и во наредните години.

Двајцата сте дел од екипата на фестивалот од самите почетоци. Кои се најзначајните искуства што ги стекнавте изминатите десет години?

Дарко: Мислам дека стекнавме голем број на професионални, но и животни вештини. Искуствата ме научија дека работите не се решаваат со паника и дека квалитетната програма не треба да трпи компромис.

Сара: За мене најзначајните искуства се тимската работа, работното искуство и исклучителни и професионални контакти во и надвор од државата.

Сара, потекнуваш од семејство кое речиси целосно е посветено на филмот. Баба која е еден од основачите на Кинотеката, татко што е врвен кинематографер, тетка што била дел од филмската екипа на стотина македонски кратки и долгометражни филмови. Дипломираше на комуниколошки студии, но целиот живот си поврзана со документарците. Тоа е благодет или обврска?

Сара: Точно дека сум израcната со филм и филмска уметност, можеби токму поради тоа постдипломските студии ги продолжив на Продукција. Комуниколошките студии имаат голем придонес во моето работење во „Македокс“ од многу аспекти. Не би можела да кажам дека тоа е обврска, бидејќи сите сами го одбираме патот во животот, а мислам дека на некој начин е благодет, бидејќи филмот нема граници и покрај неизвесностите и проблемите што ни ги носи.

Дарко Набаков – Откако станав дел од „Македокс бандата“ еве ме веќе со години „заглавен“ со ненадејната љубов – документаристиката

Дарко, твојот избор беше актерството и дипломираше на ФДУ, претходно студираше и историја на уметност, но од второто издание си дел од „Македокс“. Како ја почувствува љубовта кон документарните филмови?

Дарко: Како и многу други, сосема случајно на „Македокс“. Пред девет години го посетив фестивалот, кој некако веднаш ме маѓепса, па следната година решив да откријам како се случуваат работите од другата страна и се пријавив да волонтирам. Потоа станав дел од „Македокс бандата“ и еве ме веќе со години „заглавен“ со ненадејната љубов – документаристиката.

Голем дел од актуелниот тим на „Македокс“ е регрутиран од волонтерската база – Сара и Дарко заедно со волонтери на „Македокс“ во 2013 година

Која е спецификата на документарците во однос на другите жанрови во филмската индустрија?

Сара: Документарниот филм е како кромидот, за да дојдеме до неговото јадро треба да излупиме многу слоеви. Од секоја стара приказна може да се роди нова, но само доколку ѝ се овозможи плодна почва за развивање. Неговиот мирис не го поднесува секој, но без него ниту една манџа не е вкусна. Тој често знае да нè расплаче, но и да нè направи среќни. Токму затоа кромидот е симбол на нашиот фестивал.

Каква е вашата визија за „Македокс“, филмските фестивали, филмот, киното, во наредните 10 години?

Дарко: Се надеваме дека фестивалот ќе го задржи својот препознатлив белег – специфичниот третман на авторите. Секако, се надеваме дека тој ќе расте, но контролирано. Веќе работиме на меѓународни соработки кои би требало да придонесат кон отворање нови можности за македонските документаристи и професионалци од филмската индустрија низ Европа. Сметаме дека е време за дисперзија на културата и отворање на мали кино сали, кои ќе го третираат документарниот филм низ целата држава. Но, за почеток се надевам дека филмските фестивали и луѓето кои работат на нив нема да треба да чекаат уште 10 години за да бидат препознаени и достојно третирани од државата.

Куршумли ан е фестивалското гнездо на „Македокс“, кое годинава ќе биде оставено „да се слее со тишината“ (Фотографијата е од 2019 година)

Од кои причини годинава фестивалот да не се одржува во Куршумли ан и како реагиравте на оваа ситуација?

Дарко и Сара: Куршумли ан е гнездото на фестивалот „Македокс“. Стана и симбол на скопјани за крајот на летото поминато со документарен филм и долги разговори под ѕвезденото небо. Сепак, оваа година, по една деценија, фестивалот на само неколку дена од своето започнување сè уште ја нема добиено поддршката од Агенцијата за филм.

Причината е наш административен пропуст, кој во изминатите седум месеци и покрај заложбите на директорот, администрацијата и членови на Управниот одбор на Агенцијата, дел од Управниот одбор одбива да го разгледа и да изнајде решение. Овој деградирачки пристап кон работата и значењето на фестивалот, кој е оставен без финансии во време на пандемија во која успеа да ја подготви својата програма во целост, придонесе истата да не може да биде реализирана според првичните планови. Токму затоа, оваа година принудени сме да го оставиме Куршумли ан во тишина, со надеж дека ќе се вратиме од следната година со третман и поддршка каква што „Македокс“ заслужува.

(Интервјуто е објавено во „Културен печат“ број 44, во печатеното издание на „Слободен печат“ на 15-16 август 2020)

The post Интервју со Сара Ферро и Дарко Набаков од фестивалот „Македокс“: Квалитетната програма не треба да трпи компромис appeared first on Слободен печат.


Интервју со Сара Ферро и Дарко Набаков од фестивалот „Македокс“: Квалитетната програма не треба да трпи компромис was first posted on август 17, 2020 at 10:30 am.

Слични објави

Франција ја забрани продажбата на Ајфон 12, поради преголемо зрачење

Еспресо

Небото ќе го осветли Нишимура, феномен кој се случува еднаш на 435 години: Вечерва поминува кај нас

Еспресо

(Видео) По слетувањето на Месечината, Индија лансираше ракета за проучување на Сонцето

Еспресо

(Видео) Само 24 пилоти имаат дозвола да слетаат на аеродромот во Бутан

Еспресо

„Зум“ ги враќа своите вработени назад во канцеларија

Еспресо

Среќник од Германија доби 10 милиони евра на „Евроџекпот“

Еспресо
Се вчитува....