2.8 C
Скопје
17:26 - 22 декември, 2024

ИНТЕРВЈУ со претседателот Стево Пендаровски: Покажавме дека и на Балканот може да се води европска политика

Кај сите политички лидери на Балканот, без исклучок, постои уверување дека по тешките одлуки што ги донесовме изминативе три години, Северна Македонија гради нова политика кон соседите и забрзано се интегрира во евроатлантските структури. Покажуваме како во регионот на сè уште проблематичниот Балкан, политиката може да се води на поинаков начин, со манир на европска земја, која денес генерира стабилност.

  • Предвремените парламентарни избори се неповратно изгубено реформско време, беа ли голема грешка или неминовност?

– Предвремените парламентарни избори се резултат на договорот на лидерите на најголемите парламентарни политички партии кој дојде во еден специфичен период, по недонесувањето одлука за почеток на пристапните преговори со Европската Унија во октомври минатата година. Иако земјава ги исполни предусловите за почеток на преговорите, Советот на ЕУ одлучи да се наврати на прашањето на проширувањето напролет, а негативната рефлексија на таа ситуација, најпрво, ние ја почувствувавме. Фактот дека лидерите на политичките партии едногласно се согласија за предвремени избори е пример за практицирање на зрела демократија. Не сметам дека се изгубено време, туку, напротив, во дадениов момент, изборите се можност за обнова и проверка на политичкиот легитимитет на партиите во новиот политички контекст.

  • Компаративно и без дипломатски ескивирања, до кој формат претседател, сега на Република Северна Македонија, сметате дека сте најблиску, до Глигоров, Црвенковски, Трајковски или до Иванов?

– Секој претседател ја одигра својата улога во дадениот момент. Јавноста и историчарите имаат изграден суд за политичката улога и достигнувањата на поранешните претседатели Глигоров и Трајковски, а за поранешниот претседател Црвенковски сè уште е рано да се даде дефинитивна оцена. Со двајца од нив, Трајковски и Црвенковски, имав можност блиску да соработувам како нивен советник.

Мојот начин на работа, а со тоа и мој личен белег, е да делувам во рамките на моите уставни и законски надлежности, без користење непотребни бенефиции на трошок на граѓаните, и, посебно важно за мене, да бидам отворен за сите граѓани и секогаш да го кажувам мојот став за суштинските државни прашања.

Посебна специфика што го одликува мојот кабинет е следењето различни општествени прашања и проблеми, од животната средина, работнички права, уметноста, граѓанскиот сектор, до внатрешната и надворешната политика, секако во рамки на можностите и капацитетите што како кабинет ги имам на располагање. Ова создава простор да бидам колку што е можно проактивен и информиран, макар бил „обвинет“ дека го надминувам мандатот и ингеренциите.

Сакам да помогнам, тоа ми е намерата. Се обидувам да покажам дека политиката може да биде поинаква, а еден од начините е со проактивност, само така се стекнува и се гради односот и кон институциите и кон граѓаните.

  • Имате ли отсега визија кој ќе биде Вашиот личен претседателски печат што ќе го оставите во домашната јавност?

– За време на изминатите десет месеци од мандатот секогаш се трудам да се придржувам до тоа што го ветив пред изборите. Да бидам претседател кому интересите на државата му се пред какви било партиски, лични или бизнис-интереси. Чесноста, искреноста, отвореноста, транспарентноста, се единствен начин да се врати довербата на граѓаните кон институцијата Претседател.

Исклучително ми е важно како претседател да бидам достапен за граѓаните и за сите општествени групи, а секогаш кога ќе сметам дека е соодветно, и јавно да ги застапувам нивните специфични интереси.

  • Останувате ли на ставот дека Претседателот на државата треба да се избира на непосредни избори или, по примерот на многу други балкански и европски држави со идентично уредување, ќе преферирате вториот мандат да го добиете од пратениците во парламентот?

– Да, без дилема. Легитимитетот, кредибилитетот и севкупното дејствување на претседателот има неспоредливо поголема тежина кога е избран на непосредни избори. Исто така, нашето тридецениско демократско искуство ни дава аргументи за улогата на претседателот во клучни историски настани за државата, како што беше, на пример, кризата во 2001 година, но и годините на етаблирањето на нашата независност. Дополнително, и компаративното искуство покажува дека во голем број држави со слично уставно уредување, претседателот се избира на непосредни избори. Тоа е случај со најголем дел од државите во регионот, но и со повеќе држави од Централна Европа.

  • Кого за изборен победник на 12 април посакува граѓанинот Стево Пендаровски? Нема да се задоволиме со одговор од типот дека за тоа ќе решат граѓаните.

– Посакувам фер и демократски избори на кои граѓаните слободно ќе можат да ја изразат својата волја. Во земјава, сè уште, постојат големи политички поделби, анимозитети и затоа посакувам по овие избори да влеземе во помирен период и победник да биде Република Северна Македонија. Тоа што неспорно ѝ е потребно на нашата држава е продолжување на клучните политики од изминативе три години, тука, мислам, пред сè, на Договорот од Преспа, Договорот за добрососедство со Бугарија и градењето повисоко ниво на меѓуетничка кохезија, кои несомнено отворија можности за напредување од секој аспект.

Не смееме да се враќаме назад како држава и повторно да отвораме стари конфликти и проблеми. Прашање на недели е полноправното членство во НАТО, а отпочнувањето на преговорите за членство во ЕУ е со голема извесност. Ова немаше да биде можно без политиките што ги споменав и давањето мандат за таков тип политики е без дилема интерес на сите граѓани. На крајот, демократијата значи да се слушне гласот на граѓаните, и каква ќе биде нивната мнозинска волја, јас како претседател ќе ја почитувам.

  • Кому претседателот на државата посакува да му го даде мандатот по 12 април?

– Согласно Уставот, претседателот е должен во рок од десет дена од конституирањето на Собранието, мандатот за состав на Владата да го довери на кандидат на партијата, односно партиите што имаат мнозинство во Собранието. Така што, мандатот без дилема ќе го добие оној што ќе има обезбеди мнозинство од 61 пратеник во Собранието.

  • Се замешавте во националниот идентитет на Гоце Делчев. Што бил Гоце и чиј е Гоце?

– Ниту сакам ниту ќе сакам во иднина да се мешам во работата на македонско-бугарската историска комисија. Единствено што сакав е да го олеснам процесот и да дадам поддршка на работата на мешовитата комисија, особено на членовите од наша страна. За жал, мојата добронамерна интервенција наиде на определени негативни реакции, како кај нас дома, така и во Бугарија.

Инаку, со мојата изјава воопшто не се замешав во националниот идентитет на Делчев, само укажав на потребата да се следат неспорните историски факти во дадениот историски контекст. Без дилеми, Гоце Делчев е наш национален херој, борец за независна Македонија. Неговото значење и за бугарскиот народ го прави да биде дел и од нивната национална историја, и во таа насока тој е обединувачка, а не разединувачка историска личност, важна за односите меѓу Република Северна Македонија и Република Бугарија. Сметам дека тоа што го кажав беше доволно јасно за сите луѓе со добри намери од двете страни на границата.

  • Кој е Вашиот впечаток, и сознанија секако, каква е Македонија денес во очите на Вашите колеги претседатели од Балканот?

– Тука има две компоненти во односите меѓу државите на Балканот. Првата е, големата слика, а тоа е јасната аспирација за членство во ЕУ на сите држави кои, сè уште, не се дел од ЕУ. Добро е што земјите од Балканот кои се веќе дел од ЕУ ја споделуваат оваа идеја и се големи поддржувачи на останатите земји од Западен Балкан кои не сме, сè уште, во ЕУ. На оваа тема постои недвосмислен консензус.

Во рамките на билатералните односи, на моите средби со речиси сите наши соседи и државите од поширокиот регион, можам да заклучам дека се движат во позитивен правец. Се разбира, со некои држави односите се развиваат побавно, а со други подинамично. Во една реченица, кај сите политички лидери на Балканот, без исклучок, постои уверување дека по тешките одлуки што ги донесовме изминативе три години, Северна Македонија гради нова политика кон соседите и забрзано се интегрира во евроатлантските структури.

Сумирано, мислам дека покажуваме како во регионот на сè уште проблематичниот Балкан, политиката може да се води на поинаков начин, со манир на европска земја, која денес генерира стабилност.

  • А надвор од кажаното, од формалното и со сето бреме што при разговорите со европските државници го носите поради нашите домашни криминални и корупциски состојби и афери, со крахот на СЈО и со нефункционалното судство, што меѓу редови читате од нив, што Ви премолчуваат?

– Повеќе од една деценија имавме партизација на институциите и состојба што и самата ЕУ ја нарече „заробена држава“. Имавме голем скандал со прислушувањето каде што се смета дека повеќе од 20.000 граѓани од сите општествени структури, од политичари, бизнисмени до новинари и граѓански лидери биле ставени под систем на прислушување. Имавме голема политичка криза, по која по вторпат во историјата на независна Македонија имавме меѓународно посредување за да се разреши. Не можеме да очекуваме работите едноставно и брзо да се вратат во нормала, потребно е многу напорна работа. Но, од друга страна, ова не смее да биде изговор за актуелните појави на корупција или да биде причина за неефикасна борба против тој вид криминал. Имаме голем проблем, но несомнено е дека постои јасно изразена политичка волја да се решаваат работите. Земете го случајот „Рекет“ како пример. Познато е дека јас одржав прес-конференција на која реагирав за инертноста на институциите, а со цел да имаме јасен и брз одговор заснован на закон. Тоа беше во август 2019, а сега сме март 2020 и веќе на дневна основа сме сведоци дека постапката со една динамика се реализира во судот и тоа е добро.

Инаку, да го заклучам одговоров на Вашето прашање: во разговорите со странските државници не се премолчува ништо, и тоа е корисно за нас.

  • Кој е поголем, Трамп или Путин? А кој е посилен? По НАТО, излезе ли конечно земјава од пресата Вашингтон – Москва или поради крупните геостратегиски интереси на големите не е ставена точка на темата безбедна Северна Македонија?

– Денес живееме во мултиполарен свет и повеќе не ја препознаваме таа поделба на влијанија како во минатото според идеологијата. Голем удел во одредувањето на влијанијата имаат и економските интереси и технолошкиот развој што со себе го носи глобализацијата.

И двајцата државници се влијателни. Едниот е претседател на најмоќната демократија во светот, а другиот на територијално најголема држава со значителна воена моќ. Тоа што е важно за нас како Северна Македонија е прашањето со кого споделуваме исти демократски вредности и сојузништво во насока на остварување на нашите национални интереси. Три децении работиме за влез во НАТО, јасно е за која насока сме се определиле – да бидеме дел од западниот демократски свет. Но, ова не исклучува да развиваме добри економски и трговски релации со останатите земји од светот.

  • Какво Ви е чувството, може ли да се биде претседател на сите граѓани или е доволно да се биде претседател на државата?

– Нема суштинска разлика, бидејќи државата ја сочинуваат сите граѓани. Јас уште во моето прво обраќање во парламентот, на 12 мај минатата година, јавно се обврзав на одговорно однесување, како што доликува на претседател избран на директни и општи избори, со гласовите од сите етнички заедници. Тоа подразбира да бидам достапен и еднакво близок до граѓаните, независно дали гласале за мене или не, и да бидам дистанциран од теснопартиските интереси на политичките субјекти. Досега, во изминативе 10 месеци опстојувам на овие заложби и не мислам да отстапам од нив.

Добро е што оваа моја одлука за дејствување е препознаена од политичките субјекти во земјата, и од тие што ме поддржаа на изборите, и од опозицијата која истапи со свој кандидат. Јасно е дека до крајот на мојот мандат нема да има отстапување од овие мои позиции.

  • Изразено во грамови или во тони, колкаво количество благодарност му должите на СДСМ за Вашиот избор? Имате ли чувство дека сте ѝ должни на таа партија или дека оттаму има амбиции за некаква хипотека спрема Вас?

– Немам чувство дека имаме долг еден кон друг затоа што повеќе од 10 години заеднички ја биевме битката против автократскиот режим, а директно на избори за првпат во 2014 година кога тој режим беше на врвот од својата моќ. Резултатот од минатогодишните избори е одраз на волјата на мнозинството граѓани да се поддржи опцијата за интеграција во ЕУ и НАТО со добрососедски политики и да се поддржи политиката на меѓуетничка кохабитација во духот на Рамковниот договор.

Моите клучни позиции и верувања како претседател, во меѓувреме, не се сменети: владеење на правото, борба против корупција, функционална демократија во сојуз со западните демократии и од тоа нема отстапување. Сè додека се работи во оваа насока, а, впрочем, тоа граѓаните единствено и го очекуваат од нас, политичарите, јас не гледам причина за политички разидувања.

Да заклучам, во изминатите 10 месеци, сите политички партии кај мене имале еднаков третман и така и ќе остане. Сакам да соработувам со сите, за да ја градиме државата во интерес на граѓаните.

  • Некој дефинитивно ќе треба да покрене иницијатива за укинување на т.н. пржинска влада за да не паѓаат од смеа граѓаните од нејзиното функционирање, по априлските избори ќе бидете ли тоа Вие?

– Пржинската влада се наметна, би рекол, како политичка потреба на специфичниот политички контекст на времето во кое беше формирана. Објективно, во време на длабоката политичка криза во 2016 година, техничка или преодна влада за спроведување на изборите беше потребна. Кога нивото на недоверба меѓу партиите ќе биде помало од денес и кога ќе имаме друго ниво на политичка култура, најверојатно, ќе се постави прашањето за потребата од понатамошно спроведување на тој модел. Но, факт е дека за какви било измени во таа насока ќе биде потребен широк политички консензус.

  • Ќе правите ли своја политичка партија на крајот од Вашиот мандат?
    – Не.
  • Кои, според Вас, се првите три приоритети по вонредните парламентарни и кој ќе ги реализира, која институција и која државна функција е најодговорна за нивна реализација?

– Кратко и јасно: економија, владеење на право и заштита на животната средина. Исто така со поделбата на власта во нашата земја јасно е кој за што е одговорен односно извршната власт или владата има политички мандат да делува и спроведува политики, а сите други да соработуваат и придонесуваат во рамките на својот мандат.

  • Не Ве гледаат по Скопје, излегувате ли некогаш по градот приватно?

– Јас сум истиот човек како и пред 12 мај и излегувам со непроменет интензитет во истиот круг на семејни пријатели, на истите локации. Тоа што не сум премногу видлив се должи на фактот што не сакам да парадирам со протоколи и обезбедување како некои пред мене.

  • Минувате ли под Триумфалната капија и Ве прави тоа горд Македонец или ја заобиколувате?

– Јас сум Македонец, но Триумфалната капија, како и поголемиот дел од т.н. проект „Скопје 2014“, нема никаква врска со македонизмот, со нашата македонска традиција и култура. Освен грст споменици на нашите национални херои, најголемиот број споменици и згради изградени или „преоблечени“ во фасади што треба да имитираат барок, класицизам или неокласицизам, се уметнички и цивилизациски кич со кој не можете да се гордеете. Чувството на срам и пониженост дополнително се засилува со сознанијата за огромни злоупотреби на јавни пари за преплатување на градбите со низок квалитет на што нè потсети, по којзнае кој пат и неодамнешното невреме.

  • Што досега како претседател сакавте, а не успеавте да реализирате?

– Досега, согласно со ветеното во мојата изборна програма, веќе се реализираат неколку проекти. Се разбира, секогаш може и повеќе, но генерално сум задоволен од темпото и од динамиката на реализација на проектите што се од интерес на граѓаните.

Една значајна иницијатива што ја планирам подолг временски период и која ни е и многу потребна во ова време е „граѓанско помирување“. Тоа е покомплексен процес, работа со многу специфични групи во општеството и работа на многу сензитивни теми. Поради вкупната клима во пресрет на изборите, активностите ги одложивме за подоцна во текот на годината кога тензиите ќе деескалираат затоа што за овој процес е потребен мошне внимателен пристап, во спротивно, наместо да помогнете може дополнително да ги комплицирате работите.

  • Има ли Република Северна Македонија капацитет за побрзи, порадикални промени или сепак и е нужно директно инволвирање на Европејците, на странци за да ја спаструваат земјава во владеењето на правото како клучно поглавје за евроинтеграциите?

– Помошта и експертизата е секогаш добредојдена. Јас посакувам за најголем број од проблемите самите да изнаоѓаме решенија и без ничија асистенција да ги решаваме кризите. Така треба да функционира една стабилна и ефикасна демократија. Но, доколку нечија помош придонесува кон решавање некоја криза, за која ние, очигледно, не можеме без медијација да најдеме заеднички став, тогаш секако дека таквата помош ќе ја прифатам и ќе ја поздравам. Најважно е да ги решаваме проблемите, небитно е дали тоа го правиме самите или со помош од страна.

  • Кај и да е наскоро ќе почнеме преговори со Унијата? Посочете ја годината кога верувате дека ќе станеме држава членка на ЕУ и каде ќе бидете и што ќе бидете Вие тогаш?

– Тоа што го очекувам е дека со новата методологија за преговарање процесите ќе се одвиваат поефикасно, пократко и со јасен бенефит за земјата уште во текот на преговорите. Знаеме дека сосема заслужено го очекуваме датумот за почеток на преговорите, за време на хрватското претседавање со ЕУ. Она што е најважно од сè и што граѓаните треба да го знаат е дека преговорите со Европската Унија се за ние да живееме подобро, а не за да ги задоволиме службениците во Брисел. Кога и да станеме полноправна членка на Европската Унија, јас ќе бидам граѓанин што ќе се залага и ќе работи на промоција на европските вредности.

Нема да го славиме Осми март по кафеани и на екскурзии

  • За некој ден е Осми март, дали ќе славите со Вашиот кабинет?

– Славењето по кафеани и одењето на екскурзии сигурно не се начин да се придонесе за правата на жените. На тој ден треба да ја одбележиме историската борба за правата на жените и да дадеме поддршка на феминистичките движења и нивните заложби за родова и социјална правда. Но, на овој ден исто така треба да се потсетиме на нееднаквоста со која се соочуваат жените и денес, речиси на секое општествено поле. За подобрување на родовата еднаквост како општество мора да работиме секојдневно, на ниво на политики, но и на ниво на образование, вредности, култура. Се разбира, не ни се потребни декларативни заложби, туку ефективни политики, нивна доследна имплементација и континуирани финансиски вложувања доколку сакаме да видиме вистински промени.

Како Врховен командант назначив жена за аѓутант и тоа се случи за првпат во нашата историја. Во мојот кабинет настојувам да има правична родова застапеност и на пониските и на повисоките позиции, а имам ангажирано и советничка за родови прашања, која со својата работа и совети ми помага како претседател да дадам придонес кон унапредување на родовата еднаквост и родовите политики во земјата.

Моето место не е на партиски собири

  • Граѓаните секако, но и СДСМ стори многу за Вашиот избор за претседател, а не го поддржавте за Маршот на правдата. Се дистанцирате ли поради партиската организација на настанот или сметате дека е тој политички притисок врз судството?

– Моето место како претседател на сите граѓани не е на партиски собири, организирани од која било политичка опција. Неспорно е дека како кандидат за претседател застапував една голема политичка коалиција од повеќе од 30 партии предводена од СДСМ. Но, токму тие политички партии поддржаа кандидат за претседател што ќе биде претседател за сите граѓани, независен од дневната партиска политика и со неспорен личен и политички интегритет.

Инаку, во однос на тоа дали собирот е политички притисок врз судството, јас не ги доживувам така собирите и на СДСМ и на ВМРО-ДПМНЕ. Сметам дека тие собири не се притисок врз судството, а како што прочитав во медиумите, ниту самите први луѓе на судската власт не ги доживуваат како притисок.

Злоупотребата на верата ми е дегутантна

  • Одите ли во црква редовно или само понекогаш, ќе одите ли за Велигден каде што ќе е владиката или…?

– Како претседател на сите и почитувајќи го фактот дека нашата држава е секуларна, им ги честитам празниците на верниците на сите верски заедници споменати во Уставот, но, како граѓанин, мојот став е дека верата е индивидуална и длабоко интимна работа на секој од нас, затоа и чинот на верување треба да се одвива далеку од очите на јавноста. Со ова сакам да кажам дека отсекогаш ми била дегутантна злоупотребата на верата во политиката и од страна на политичарите кои со тоа сакаат да добијат политички поени.

Менувањето на границите е анахрона идеја

  • Одвреме-навреме пак понекоја иницијатива, главно од американски дипломати, за размена на територии меѓу Србија и Косово. Како ги коментирате?

– Многупати досега јавно сум го искажувал својот став дека сум против идејата за размена на територии на Балканот. Ова е анахрона идеја и јас сум убеден дека границите на Балканот, иако веројатно за секој од балканските народи не се докрај праведни, треба да останат непроменети. Во случај да дојде до такво решение меѓу Србија и Косово, тогаш неопходни се гаранции од меѓународната заедница и од договорните страни дека тоа решение ќе важи само во тој случај. Би го поддржал секое решение за кое би се согласиле Србија и Косово, сè додека не е на наша штета и не го засега нашиот територијален интегритет и суверенитет.

The post ИНТЕРВЈУ со претседателот Стево Пендаровски: Покажавме дека и на Балканот може да се води европска политика appeared first on Слободен печат.

Слични објави

Франција ја забрани продажбата на Ајфон 12, поради преголемо зрачење

Еспресо

Небото ќе го осветли Нишимура, феномен кој се случува еднаш на 435 години: Вечерва поминува кај нас

Еспресо

(Видео) По слетувањето на Месечината, Индија лансираше ракета за проучување на Сонцето

Еспресо

(Видео) Само 24 пилоти имаат дозвола да слетаат на аеродромот во Бутан

Еспресо

„Зум“ ги враќа своите вработени назад во канцеларија

Еспресо

Среќник од Германија доби 10 милиони евра на „Евроџекпот“

Еспресо
Се вчитува....