-4.2 C
Скопје
02:19 - 23 декември, 2024

ИНТЕРВЈУ со Марина Перазиќ: Трпеливо чекам подобри времиња

Секогаш авангардна и пред времето, со специфичен музички вкус, со висок критериум кој никогаш нема да го спушти, а и ретко кој од естрадната сцена ќе го достигне. Ја знаете Марина Перазиќ? Да де, таа, Марина, од „собата 23“. Марина пионерката во  електронската музика на сите овие, наши простори, а и далеку, подалеку. Модерната Марина. Најубаво дотеранaта и стилизираната Марина. Нашата Марина со која израснавме. Марина, за која, барем ние, децата од градот наречен Скопје, сонувавме да ја допреме, да ѝ се доближиме.

На пример, јас сонував дека Марина ми е сестра, оти ѝ ми велеа, сум личела по малку во ликот на Марина – и поубав комплимент во животот немав добиено! Дај боже и во душа да личам на неа.

Марина Перазиќ е нашата соговорничка. И ни направи голема чест – на сите прашања ни одговори со неверојатна леснотија и искреност, речиси збунувачки, реткост во денешно време. Е, тоа е Марина.

Неодамна бевте на концерт на Влатко Стефановски во Опатија. Како беше? Што најмногу ви се допадна? Ја следите ли македонската музичка сцена?

– Голем фан сум на Влатко уште од „Леб и сол“. Одамна одев на нивните концерти, кога гостуваа во Риека. Последен пат ги слушав „Леб и сол“ во Њујорк, во легендарниот ЦБГБ, во мај 1991 година, каде што го снимија и „лајф“ албумот. Преубаво се дружевме тие денови во Њујорк. Со нив го прославив својот 33. роденден во раната бременост со мојата прва ќерка. Овојпат Влатко беше сам на големата сцена на Опатискиот летен театар. Помислив дека ќе ми недостига ритамот на секции, ама Влатко многу брзо ме разувери. Неговото свирење гитара е толку ритмично и волшебно, па и колку добар да си, кој може тие песни подобро да ги изведе и со подобар сензибилитет од Влатко. За жал, бидејќи живеам во Риека, не ја следам македонската музичка сцена.

Кога зборувавме за интервјуво, рековте дека ја обожавате македонската публика, зашто сме „дефинитивно најмузикална публика од нашето поднебје“. Е, па, таа музикална публика ве чека. Планирате ли наскоро настап, концерт? Кога последен пат бевте тука?

– Да, македонската публика е дефинитивно најмузикална во целиот регион. Вие се раѓате со совршено чувство за непарни ритми што сте ги слушале додека сте сè уште во мајчината утроба, зарем не? Ние подоцна, со текот на животот, се обидуваме да ги разбереме и да ги научиме тие ритми. Наученото, секогаш, барем малку, заостанува зад вроденото, колку и да се трудиме. Недостига таа опуштеност. Покрај тоа совршено чувство за ритам, поголемиот дел од Македонците совршено пеат, а тоа што особено ме изненади, без разлика што зборувате друг јазик, многумина на моите настапи ги знаат текстовите на моите песни.

Доста година минаа од моето последно гостување во Македонија. За жал, не можам да ви ветам дека ќе дојдам набрзо, зашто всушност гостувањата не зависат од мене, туку од повикот на организаторот.

Како животниот пат ве одведе на музичката сцена, а завршивте Градежен факултет?

– Од најмала возраст обожавав да пеам и беше очигледно дека имам талент, па така родителите, штом можеа, ме запишаа во музичка градинка, потоа во музичко училиште, па така тој талент се развиваше. Во тинејџерскиот период сонував да станам пејачка, ама брзо сфатив дека тоа не е воопшто лесно да се оствари, па затоа се запишав на многу сериозен факултет, верувајќи дека не ми е судено професионално да се занимавам со пеење. Ама судбината сакаше да биде поинаку.

Кога дипломирав, сфатив дека сум направила погрешен избор, и дека би била несреќна ако останатиот дел од животот го поминам само како инженер по градежништво. Од почеток мислев дека пеењето ќе ми биде само баланс што ќе ми помогне да го издржам животот на инженер. Додека чекав мајка ми да ми најде работа во струката, Давор Тоља (композиторот на сите песни на „Денис и Денис“, Denis & Denis, н.з) и јас почнавме интензивно да работиме на новите песни, па така истовремено потпишав договор за снимање на албум, кој, поради мојата работа, моравме да го снимаме во Риека. Сите песни ги снимав во попладневните часови, после работа, зашто сопственикот на студиото не сакаше да снима за време на викенд. Со првото појавување на „Хитот на месецот“, со песната „Програм твог компјутера“ (Program tvog kompjutera), нашиот живот во потполност се смени. Следуваа бројни повици за снимање емисии и концертни гостувања и така моите колеги и директорот беа воодушевени со моето пеење и со сценските настапи, после осум месеци работа како инженер приправник, одлучија да потпишат дека сум завршила приправнички стаж. Дополнително ја добив поддршката од мајка ми и тоа пресуди професионално да се насочам само на пеење. Морам да признаам дека не очекував дека ќе ми се случи толкава популарност. Не ми се допаѓаше недостатокот на приватност, па после пет години интензивна музичка кариера, на врвот на популарноста, заминав за Њујорк, мислејќи дека таму ќе останам само неколку месеци, за да се одморам и да си ги наполнам батериите. Ама не се вратив, осум и пол години.

Вие сте една од зачетничките на електронската музика во поранешна Југославија. Можеби и прва жена од овие простори – пионерка во електронска музика. Што ве привлече кон тој жанр?

– За тој електронски звук, заслужен е во преден план Давор Тоља, зашто покрај тоа што ги напиша, тој ѝ ги продуцираше сите композиции на групата „Денис и Денис“. Кај мене само постоеше поголем афинитет кон електронскиот звук, многу поголем отколку кон класичен поп, рок или метал. Давор е клавијатурист, па од желба сам да ги продуцира своите песни, набави некои нови „алатки“, гаџети, кои во тоа време се појавија на пазарот, па така идеално се вклопивме во новиот музички тренд. Ни се допаѓаа „Јазу“ и „Јуритмикс“. Не знам дали дискографските куќи беа подготвени да го преземат ризикот да инвестираат во нас и да ни овозможат снимање на албум, доколку додека ја создававме нашата музика, во Англија, паралелно не се појавија овие успешни бендови во пар. Благодарение на нив, имавме силен аргумент да прифатат со нас да потпишат договор.

Секаде е тешко да се биде самохран родител. Мораш да делуваш за двајца, а воедно да им дадеш љубов и внимание, за двајца. Мене ми беше поважно да бидам што поприсутна во животот на своите деца, отколку да им овозможам некаков висок стандард на живот.

После пет години успешна кариера на „Денис и Денис“, започнавте соло кариера. Зошто се одлучивте да продолжите самостојно? Тешко ли е да се биде жена солистка? Кој беше најголемиот соло предизвик?

– За жал групата „Денис и Денис“, од излегувањето на првиот албум, во 1984 година, во оригиналниот состав постоеше само уште две години. Издадовме два албума и два сингла. Основна причина за мојата разделба со Давор беше несогласувањето по прашање дали нашите нови песни треба да бидат покомерцијален поп или да останеме во рамките на алтернативниот електронски звук. Мене не ми беше важно за тиражот, зашто не очекував и не посакував голем успех. Сè што ни се случи, значително ги надмина моите очекувања. Сакав да пеам само песни кои го задоволуваат мојот музички вкус, без компромис од типот што ѝ се допаѓа на публиката. Иако сама ги одбирав песните за мојот соло албум, не најдов разбирање од дискографската куќа и ми наметнаа продуцент со кој не можев да најдам заеднички јазик. Снимањето на мојот самостоен албум во 1987 година, беше мачно и многу разочарувачко. Сè уште не го слушам тој албум. При тоа, патувањата и појавувањата во јавност без придружба на моите пријатели Давор или Еди Краљиќ, кој го замени Давор додека тој беше на отслужување на воениот рок, не беше воопшто забавно. Се чувствував прилично изложена пред бројни мажи, кои покажуваа интерес за мене. Па така не ми беше тешко во 1988 година да му се придружам на моето, тогаш веќе долгогодишно момче, кое одлучи да оди во Њујорк за да реализира некои свои идеи.

Своевремено рековте дека поради големата популарност, почувствувавте потреба да станете помалку позната, анонимна, и почнавте нов живот во Америка. Како беше да се почне од почеток? Што работевте таму? Како денес се сеќавате на тој период?

Заминувањето во Њујорк беше ослободувачко. Беше преубаво пак да се биде анонимен и слободно да се шета низ градот, и тоа низ премногу интересниот Њујорк. Откако ја потрошив заштедата и одлучив да останам, морав да најдам работа. Прво, работев како бебиситерка, што беше своевидна подготовка за мајчинството, а потоа работев во француски ресторан во ексклузивен дел на Менхетен, каде што секојдневно доаѓаа познати личности. Помагав менаџерски околу различни работи, а за време на ручекот работев на електронската каса, па така не доаѓав во контакт со гостите на ресторанот, кои знаат да бидат многу пребирливи и здодевни. Седев на столицата зад шанкот, лежерно си го пиев кафето, во своите преубави фустанчиња на „Бетси Џонсон“. Таа и денес ми е омилена дизајнерка.  А беше многу важно да изгледам убаво и складно, сè додека не останав бремена, кога престанав да работам и се посветив на мајчинството. Двете ќерки ми се родени во Њујорк, во период од три години. Имав 33 години кога ја родив првата ќерка, зад себе – завршен факултет, исклучително успешна кариера, и три и пол години живот во Њујорк, град кој дотогаш веќе го чувствував и сосема добро го запознав. Децата дојдоа во вистински миг, за да можам релаксирано да уживам во мајчинството.

Во Македонија е тешко да се биде самохран родител, како е во Хрватска? Како ги воспитувавте децата, на што ги учевте?

– Секаде е тешко да се биде самохран родител. Мораш да делуваш за двајца, а воедно да им дадеш љубов и внимание, за двајца. Мене ми беше поважно да бидам што поприсутна во животот на своите деца, отколку да им овозможам некаков висок стандард на живот.  Имав среќа што татко ми беше расположен да нè прими и максимално да ни помогне. Живеевме со него 12 години. Во знак на благодарност за сè што направи за нас, кога се појави потреба, се вратив во Риека и веќе две и пол години се грижам за него. Животот со моите ќерки беше секогаш проткаен со песни, со танц, до добри филмови и со серии, со многу насмевки, со добра забава, и над сè со – многу љубов.

Бевте строг родител?

– Никогаш не бев строг родител. Никогаш не ги казнував моите деца. Се обидував да им објаснам што е за нивно добро, а што не е.

Како и кога дојде до повторен деловен контакт со Давор? После долги години, веројатно не бевте исти како во младоста? Што се промени, а што остана исто?

– Во 2012-та година добив мејл од Давор, во кој изрази желба да го собере бендот и како што доликува да ја прослави 30-годишнината од нашиот прв концерт. Иако тогаш живеев далеку, потполно се воодушевив од неговата идеја и го прифатив повикот. Новата година, 2013-та, ја дочекавме со концерт на Риечкото корзо и така си го остваривме нашиот сон. За жал,  имавме само петнаесетина концерти со бендот, зашто десет музичари на бина, денес, тешко е исплатливо, а Давор и јас многу често си настапуваме по клубови. Изгледа дека на публиката сме ѝ доволни само ние двајцата. Клубовите се полни, организаторите се презадоволни, а публиката со нас гласно ги пее нашите хитови, па така често настапуваме по еднаш годишно на исто место.

Инаку, како возрасни луѓе, Давор и јас ги прифативме нашите различности, совршено се разбираме и одлично се согласуваме.

Сакав да пеам само песни што го задоволуваат мојот музички вкус, без компромис од типот што ѝ се допаѓа на публиката.

Зумба почнавте да тренирате во вашата 52. година, и сега сте лиценциран инструктор. Со што ве маѓепса зумбата? „Држите“ ли уште часови?

– Зумбата ја открив во 2010 година како начин да се вратам во фит форма откако во 2009 година бев двапати на „Фарма“ (забавна емисија, н.з) по 11 недели, каде што, за да опстанам, јадев сè она што инаку не јадам, па се изобличив. Зумбата беше многу забавна комбинација на танц и фитнес, со исклучително позитивна енергија, а воедно и силен кардиотренинг. Сакам предизвици, па така посакав да станам инструктор, а во тоа време малкумина беа. Таа 2010 година се преселив со ќерките во Нови Сад, зашто татко им се врати од Њујорк и сметав дека би било најдобро за нив, после толку години, да живеат со двајцата родители во ист град. Држев часови четири години додека интересот за зумба не стана помал, а и мојот интерес. Кога ќе си исполнам некоја своја цел, по извесно време си барам нов предизвик.

 

The post ИНТЕРВЈУ со Марина Перазиќ: Трпеливо чекам подобри времиња appeared first on Слободен печат.


ИНТЕРВЈУ со Марина Перазиќ: Трпеливо чекам подобри времиња was first posted on август 25, 2020 at 12:15 pm.

Слични објави

Франција ја забрани продажбата на Ајфон 12, поради преголемо зрачење

Еспресо

Небото ќе го осветли Нишимура, феномен кој се случува еднаш на 435 години: Вечерва поминува кај нас

Еспресо

(Видео) По слетувањето на Месечината, Индија лансираше ракета за проучување на Сонцето

Еспресо

(Видео) Само 24 пилоти имаат дозвола да слетаат на аеродромот во Бутан

Еспресо

„Зум“ ги враќа своите вработени назад во канцеларија

Еспресо

Среќник од Германија доби 10 милиони евра на „Евроџекпот“

Еспресо
Се вчитува....