11:23 - 28 декември, 2024

Интервју со Ленче Николовска: Руралното може да биде и модерно и доходовно

Ленче Николовскa јавноста ја знае како агроновинар, поранешна пратеничка, како и советничка за земјоделие на поранешниот премиер Зоран Заев. Таа повеќе месеци ужива во селска средина и на Фејсбук води своевидна кампања на која ѝ дала име „Рурално е модерно“. Николовска вели дека споделувањето фотографии не ѝ за да се пофали каде е и што прави, туку да ја поттикне желбата на луѓето да се свртат кон природата и од неа да заработуваат.

Преку социјалните мрежи, би кажала, волонтерски и за своја душа, спроведувате кампања за предностите на руралното живеење, на која би можеле да ви позавидат и многу добри ПР-експерти. Под мотото  „Рурално е модерно“ објавувате прекрасни фотографии и пренесувате прекрасни слики, суптилно повикувајќи на живот на село. Од каде дојде овој Ваш порив?

– Многу сакам да создавам, да креирам нова работа, да започнам нешто… Руралниот развој ми беше во фокусот уште пред короната, можеби визионерски, но почувствував дека земјоделската проблематика што ја работам повеќе од 15 години, заслужува една нова развојна стратегија. Субвенциите ги има, изминативе 3 години се инвестираше во системи за наводнување, земјата се дели на вистинските земјоделци, се воведе зелената нафта, ќе се градат откупни центри, се користат ИПАРД-фондовите… Но, руралниот развој е чекорот понатаму, поблиску до ЕУ. Короната само го забрза и го „асфалтира“ тој селски пат затоа што се покажа колкава е важноста на селото, на природата, на производството на храна. Руралниот развој не значи само подобрување на условите на жителите во руралните средини, туку и нова можност за сите што можат да работат од дома да живеат во село, за пензионери, за младите – за започнување нов бизнис, за самовработување. Животот на село, во природа, во викенд населби, допрва ќе станува тренд во ЕУ и во светот, затоа и мојата кампања се вика „Рурално е модерно“.

Еве го нашиот пример со сопругот. Во Скопско Поле создадовме за нас едно од најубавите лета. Викендичката е на родителите на сопругот, има мал овоштарник, бавча и неа со години ја одржува свекор ми,  а ние доаѓавме по неколкупати годишно, на фамилијарна дружба. Но оваа година, поради случајот со короната и пропаднатите аранжмани за одмор, одлучивме тие пари да ги инвестираме во создавање услови по наши критериуми и летото да го поминеме овде. Почнавме во мај, прво со садење цвеќиња, отстранивме некои стари работи, викнавме молер, ја средивме нашата соба пансионски, монтажен базен, лежалки, интернет… и со мала инвестиција го создадовме нашиот рај. Мојот бизнис со Платформата Агротим.мк ми дозволува работа од дома, а сопругот има нестандардно работно време па така „селската идила“ можеше да почне.  Овде сѐ е порелаксирано, станувате со првите сончеви зраци, ве буди црцорење на птици или звукот на трактор, одморени сте, има некое чувство на слобода за кое не ни знаете дека постои, мирисот е посебен, а небото никогаш не било толку сино и со разиграни облаци. Барем јас така го доживеав овој период, можеби ми недостигал мирот поради мојот професионален ангажман со години наназад.

Очекувате ли дека воопшто постои можност за некое поголемо враќање на младите на село? Веќе повеќе години сте и во политиката, можете ли да резимирате – што се направи и што уште може да се направи за да повеќемина се одлучат да живеат на село?

– Ако се обезбедат основни услови за живот во селата, секој ќе сака да оди и да живее таму. Младите се посебно интересни за овој процес, затоа што преку интернет и сите современи медиуми, гледаат како е во ЕУ, како е во развиените земји, гледаат дека животот во руралните средини е престиж. Затоа нив најлесно можете да ги придобиете со она што го бараат како основен услов за живот – асфалтиран пат, продавница, амбуланта, грантови за да почнат сопствен бизнис… Младите не се како нивните родители да садат и да сеат само затоа што така правеле нивните предци или нивата да не остане необработена. Нив ги интересира профит, ако имаат пари ќе останат во селата, сигурна сум. Сега им се достапни и ЕУ-фондовите, тие се едуцирани, ќе аплицираат за мерките од ИПАРД, ќе повлекуваат пари во државата, ќе конкурираат за мерката „Млад земјоделец“, ќе го модернизираат производството на храна, а тоа е добро за целата држава.

Но, горлив проблем е инфраструктурата. Патиштата до селските средини се во лоша состојба. Голем дел имаат проблеми со снабдување со вода, да не зборуваме за урбана канализација…

Руралниот развој подразбира цел систем во кој се вклучени неколку министерства и институции. Тоа не е работа само на МЗШВ или на градоначалниците, за кои сме сведоци дека последниве години многу инвестираат во инфраструктурата. Тука се министерствата за здравство, за труд и социјална политика, екологија, економија, транспорт и врски… Локалната и централната власт можат заеднички да инвестираат во руралниот развој. Тоа би била најдобрата и исплатлива инвестиција на една држава.

Кој е Вашиот впечаток – кои се најголемите проблеми на земјоделците со кои итно мора да се зафати новата влада?

– Проблемите на земјоделците со години се исти – стихиен пласман и неорганизирано производство. Во овој дел сметам дека во последниве три години државата направи најмногу. Но потценета е една важна активност, а тоа е едукацијата на земјоделците. Колку и да звучи излитено, без едукација – нема конкурентно производство. Под едукација се подразбира земјоделците да прифаќаат нови модерни технологии, а не како што произведувале со години, субвенциите да ги инвестираат во производството, а не во нов автомобил, да се здружуваат и заеднички да настапуваат, а не да си конкурираат и завидуваат, да читаат и да се информираат, а не да веруваат на муабети пред кооперација, да произведат квалитет. А борбата на државата и на институциите за нови пазари и натаму ќе продолжи, но потребен е квалитетен и конкурентен производ. Значи едукација на земјоделците, според мене, e најважната и прва работа со која треба да стартува новата влада.

Mоже ли земјоделието, здравата храна и руралната средина да стане и наш туристички бренд?  

– Последниве месеци постојано читам како Американците, Французите, Шпанците… го избираат селото за одмор поради кризата. А замислете ние каква можност имаме. Миграцијата село-град го направи своето, но новото време покажува дека токму обратниот процес сега е вистинскиот избор што треба да се зграпчи. И повторно едукација да се искористат ИПАРД-фондовите за таа намена. Да се реновираат старите куќи, да се едуцираат жителите во селата како можат со мала инвестиција да ги претворат собите во пансиони, да ја разгорат фурната, да ја насадат бавчата, да ги исчистат фармите, да го средат дворот, да стават некоја убава маса под сенката од лозницата… да сфатат дека тоа што за нив е секојдневие и можеби едноставен живот, за некого е доживување и најубав поминат одмор.

Предлагам по 50.000 денари месечно од државата

Имам разработено и програма за рурален развој. Се работи за петгодишен проект во соработка со градоначалниците. Во првата година, 1.000 семејства од градовите може да отидат да живеат во селата, со тоа што ќе им се понуди годишна субвенција од 5.000 евра по семејство. Тоа се 5 милиони евра годишно. Или, ако е услов да се невработени, тогаш на двајцата да им се даде по една просечна плата од 25.000 денари, односно нивниот месечен приход од државата да биде 50.000 денари. Годишно. Ова државата ќе ја чини 10 милиони евра. Но, тоа се 2.000 луѓе помалку во градовите, 1.000 автомобили помалку, 1.000 оџаци што чадат… За 5 години овие луѓе ќе започнат свој бизнис, може фарма на земја од државата и така ќе останат да живеат на село и сами да се финансираат. Притоа, на почетокот може да добијат и некои други бенефиции за реновирање стари селски куќи, или за градење нови станови.

The post Интервју со Ленче Николовска: Руралното може да биде и модерно и доходовно appeared first on Слободен печат.


Интервју со Ленче Николовска: Руралното може да биде и модерно и доходовно was first posted on август 6, 2020 at 10:47 am.

Слични објави

Франција ја забрани продажбата на Ајфон 12, поради преголемо зрачење

Еспресо

Небото ќе го осветли Нишимура, феномен кој се случува еднаш на 435 години: Вечерва поминува кај нас

Еспресо

(Видео) По слетувањето на Месечината, Индија лансираше ракета за проучување на Сонцето

Еспресо

(Видео) Само 24 пилоти имаат дозвола да слетаат на аеродромот во Бутан

Еспресо

„Зум“ ги враќа своите вработени назад во канцеларија

Еспресо

Среќник од Германија доби 10 милиони евра на „Евроџекпот“

Еспресо
Се вчитува....