4.8 C
Скопје
09:47 - 19 ноември, 2024

ИНТЕРВЈУ со Катарина Георгиевска: „Ранчо и Ванчо на Ката“ – богатство на умот и душата во спој со природата

Катарина Георгиевска, експертка по заштита на животната средина, наумила да си направи ранч и тоа во село Оморани. И така и било. Така се родил волшебниот „Ранчо и Ванчо на Ката“.

Зошто баш Оморани?

– Уште од мало дете сум живеела во природа, летото го поминувавме во викендицата во Матка, па секојдневно си играв ловејќи пеперутки, садејќи цвеќиња или фрлајќи камчиња во Треска.  Патувајќи постојано низ нашата убава земја, регионот Азот ми беше одбран како најпогодна локација за инвестирање во селски туризам, пред сè заради стопанската неразвиеност, тука воопшто нема индустрија, односно поради чистата животна средина и ненарушениот, природен изглед на пределите. Втората група критериуми се однесуваа на постоечката инфраструктура, како водовод со квалитетна вода за пиење и електрична струја, релативно добрата пристапност до автопат. Во Оморани ете „случајно“ се понудија куќи за продажба, и веднаш одлучив тука да ги реализирам сите идеи што ќе склопат една суператрактивна туристичка понуда.

Во слободно време се зафаќам со разни работи, како чистење на куќата, градинарски работи, готвење храна или пак правење на некои нови декорации и уредување на просторот.

Кој кумуваше на името „Ранчо и Ванчо на Ката“?

– Колегите од моето претходно работно место. Кога ја почнав реставрацијата на старата куќа, организирав еднодневен излет за да им ја претставам идејата. Тие се пошегуваа и местото го нарекоа „Ранчо и Ванчо на Ката“. Јас не само што не се двоумев, туку од срце им се заблагодарив за кумството. Ним секако до ден денес не им се верува дека тоа е официјалното име на нашата куќа за селски туризам.

Токму овој ранч го заживеа и селцето, кои луѓе навраќаат тука?

– Денес Оморани е мало селце во општина Чашка, во областа наречена Азот, со постојани 40-тина жители, кои живеат исклучиво од земјоделска дејност – одгледување на домашни животни и тутунопроизводство. Иако, не така одамна, селото броело до 700 жители. Со индустријализацијата на градот Велес по Втората светска војна, постепено младото население го напуштало селото за да биде поблиску до железницата, но и многу подалеку од Велес. Мачните услови од инфраструктурна природа придонеле за масовна емиграција на целиот регион. Во Оморани водоводот, на пример, е изграден дури во 2000 година, па поради масовното иселување, денес селото има изглед на живот од 19 век. Некои сцени што ги гледавме во филмот „Врба“ тука се апсолутно реални! Во такви околности, моето доаѓање, купување на две стари куќи и реновирање на едната со цел „туризам“ беше во најмала рака исмејувано, па ги слушнав и најнеобичните приказни во животот.

Оморани

Првите гости ни дојдоа во 2012 година, и ако на почетокот доаѓањето на странци во селото беше гледано како „Осмо светско чудо“, денес тоа е нормално секојдневие. Во првите години имавме чести посети од локалните жители или оние кои веќе се отселиле со желба да ја разгледаат реставрираната куќа, се шегував дека посетата во музејот е бесплатна. Воведовме бањи во секоја соба, септичка јама, систем за наводнување капка-по-капка, систем за греење на топла вода од сонцето, радијатори со греење на пелети, интернет…, па лека-полека и локалните жители покажуваат интерес за некои од овие „иновации“. Странците кои доаѓаат тука се луѓе во потрага по нови доживувања и особено искуства, многумина велат дека имаат чувство како да се вратиле 200 години во минатото и тоа „во живо“, а не се ретки и оние кои бараат дополнителни денови престој. Се интересираат за нашата историја, за традициите, а најчесто прашуваат дали имало војна што голем број од куќите се разрушени и зошто денес, во 21 век, овде се живее така сиромашно, кога ќе ја направат паралелата со Скопје, Охрид, Битола и слични градови и места кои ги посетуваат. Пред десетина години мислев дека ќе биде можно да ангажирам локални соработници кои ќе помагаат за разни активности во куќата или ќе нè снабдуваат со домашно произведена храна, но веќе сфатив дека тоа не е можно. Причините за тоа се многу длабоки и комплексни, накратко може да се каже дека жителите се доста конзервативни и со низок степен на образование, па без континуирани надворешни напори од страна на општината или државните институции да го образуваат и преквалификуваат населението во селата, каков било напредок за малку посовремено  работно ангажирање е практично невозможен. Бидејќи сум биолог и добро ми се познати природните еволутивни процеси, уверена сум дека оставено по природниот пат на селекција и еволуција, селото (и пошироко селата во Македонија) ќе го доживеат процесот на целосно изумирање. Дури потоа, со доаѓањето на некои нови генерации, кои ќе бидат интелектуално и духовно поразвиени, а со тоа и финансиски помоќни, може да се почне ново населување на овие области и нов вид на живот, некој вид мешавина од традиционалните искуства, почитување на природните вредности и желбата за нов вид хедонизам – богатство на умот и душата во спој со природата.

Ова е прва година, поради моменталната затвореност на прекуграничните патувања, да доживееме голем пробив на домашниот пазар. Забележувам дека претежно гостите се на возраст од 27 до 45 години, фасцинирани се од нашиот објект, од автентичниот стил и декорациите на ентериерот, па сè до поставеноста на креветот на чардакот од кој човек може да се „изгуби“ гледајќи го патот на месечината. Велат дека доживуваат незаборавни и неповторливи мигови, а многумина веќе бараат следни термини за посета.

Кога ќе си дојдете на ранчот што најмногу уживате да правите?

– Да гледам во празното, односно во етерот кој ме опкружува и да ги слушам звуците на тишината, односно природата. Во „слободно време“ се зафаќам со разни работи, како чистење на куќата, градинарски работи, готвење храна или пак правење на некои нови декорации и уредување на просторот. Честопати добивам нови идеи, инспирација за пишување на стручни материјали и документи. Овде некако немам време за читање, или е одмор на душата, или пак е инспириран ангажман на умот. А тоа ми го рекоа и голем број од гостите, дека џабе ги донеле книгите.

Која е типичната кујна за Оморани, односно за овој македонски регион?

– Пред неколку години овде научив нов рецепт за манџа. Бидејќи голем дел од храната за локалното население доаѓа директно од природата, такви се и рецептите. Во екот на една богата сезона на вргањи, еден сосед ме подучи дека се готват во една земјена тава со многу надробен кромид. Да се додадат суви пиперки, лук, а ако се има и малку месо да биде тавата побогата и „помрсна“, и сето тоа да крчка неколку часа во рерна, тоа би било превкусна манџа. И навистина. Некоја година подоцна, оваа тава се најде на менито на нашата т.н. „традиционална вечера“, која им ја подготвуваме на гостите. Се смешкаме додека ги слушаме радосните извици од странците кои уживаат во нашата романтична вечера под ѕвезденото небо. Динстаните џигерчиња што се готват напролет кога е сезоната на јагниња, како и дивечот се исто така неверојатно вкусни и чести оброци за локалните жители, иако за луѓето од градовите тоа може да претставува вистински луксуз. Но, тоа е кога се живее во природа.

Бидејќи голем дел од храната за локалното население доаѓа директно од природата, такви се и рецептите.

Како изгледаат омораничанките, што денес ги мачи, на што се радуваат?

– Повеќето омораничанки кои сè уште живеат во селото се типични македонски селски жени кои претежно се занимаваат со одгледување на тутун, а сите сме учеле и сме читале за таа макотрпна работа. Следствено, нивниот лик е опален од сонцето и земјоделските работи, а дополнително им натежнува и уморот од секојдневните домаќински обврски. Во неколку домаќинства дополнително се одгледуваат и домашни животни, па сето тоа претставува огромен физички напор за оморичанските жени. Ако се додаде и податокот дека дури и кај младите семејства кои се со мали деца, модерниот начин на живот сè уште не е достапен (без удобни бањи, греење, па дури и готвење на шпорети со дрва, без блиска медицинска /лекарска помош и јавен транспорт, итн.), може да се замисли колку тешко се живее, а сме навлегле во 21 век. Дури и месењето на домашен леб претставува потешкотија, па лебот се купува од мобилно комбе кое доаѓа секое утро. Во летните попладневни часови, мајките доаѓаат на средсело и разговараат седнати на клупа додека нивните деца си играат на правливиот простор пред црквата. Нема уредено игралиште за деца, нема културно уреден простор за седење, а стариот Дом за култура изграден во времето на Тито е со разурнат кров и сè уште моќно му пркоси на времето со постепено распаѓање. Градинки, кафулиња, не дај боже фризерски салони и слични иновации, овде не постојат. Наутро помеѓу 8 и 9 часот жителите го чекаат комбето со леб, и ова се единствените моменти на разонода во селото, нешто како систем на вести на Македонското радио. На понудите за работен ангажман реагираат доста горделиво, бидејќи за нив претставува „недостоинствена работа“ да се „измеќарува“ за некој друг. Или пак, евентуално би се понудиле за помош, но без соодветна наплата на услугата. Затоа и бизнисот со селски туризам не може понатаму да се развива, не само кај нас, туку и во Македонија воопшто, поради едноставната причина – недостаток на квалификувана работна сила за чистење, одржување и готвење. Иако за многумина тоа е едноставна домаќинска работа, во старите македонски села, па така и во Оморани, реалноста е сосема поинаква. Од друга страна, сум видела и интересни моменти на желба да се сподели коматот или некој друг нивен специјалитет, а потоа да добијат пофалби за вкусот. Како и секоја жена, така и тие, длабоко во себе, иако честопати неизлезено на површината од нивната личност, би сакале да го покажат своето гостопримство и да понудат колач со кафе и сок, иако целосно свесни за можноста да се открие сиромашниот и скромен изглед на нивниот двор или куќа. Во првите години имав голем ентузијазам да им помогнам со одредени чекори во насока на подготовка и продажба на домашни прехранбени производи, бидејќи бев уверена дека можат да остварат лична заработка, која вообичаено ја немаат. Но потоа сфатив дека „горделивото достоинство“ е многу длабоко вкоренето, наследено од претходните генерации. Затоа и се откажав од таквите напори, па денес во нашиот мал туристички бизнис го нудиме само она што можеме да го контролираме, а тоа се исклучиво сопствените сили, можности, знаење и капацитет на моето семејство. Иако навидум имаме поддршка и почит од страна на локалните жители, сепак, објективниот интерес за деловно да се соработува врз основа на солиден договорен ангажман, не постои. А тука сме веќе 10 години. Пред некоја година седевме на плоштадот во Скопје со 2 студентки од Холандија кои ме интервјуираа за потребите на нивните дипломски работи за состојбата во селата на Балканот. Не можеа да ги разберат причините зошто локалните жители не сакаат економски да се преориентираат или барем дополнително да заработат освен од макотрпната работа со производството на тутун. Во Кина на пример, можете да одите на туристичка тура за берење на листови од зелен чај, но секако за тоа треба да се плати. За да им го доловам менталитетот, им ја покажав статуата на Воинот на коњ. Ги прашав дали знаете дека коњот е всушност последната иновација на Илон Маск и тоа е вселенски брод кој наскоро ќе одлета на Плутон? Тие се изнасмеаја на шегата. Им реков, е, па исто така се смеат и локалните жители во Оморани кога ги убедувам дека можат посреќно да живеат од туризам отколку од производството на тутун. И тогаш ја сфатија поентата.

Наутро помеѓу 8 и 9 часот жителите го чекаат комбето со леб, и ова се единствените моменти на разонода во селото, нешто како систем на вести на Македонското радио.

Ваквите идеи во странство чинат цело богатство во однос на развојот на селскиот туризам, колку кај нас се инвестира во селски туризам? Колку сме „блиски“ со овие европски трендови?

– Ако Италија и Франција се едни од земјите со највисоки приходи во БДП од туристичкиот сектор, треба да се знае дека вистинскиот луксуз се нуди во руралните региони Прованса, Тоскана, Умбрија… Стари камени куќи и замоци реставрирани во традиционален стил, но со сиот луксуз на едно модерно живеење, опкружени со фини пејзажи кои доловуваат совршен мир на умот. Во просек на секои 500 метри има некаква услуга: сместување, храна и пијалаци, колачиња со кафе кои им служат за краток одмор на пешаците и велосипедистите… Нема две слични понуди, секое домаќинство нуди нешто свое, пршута, вино, сирење, кроасан, наследено знаење од баба и дедо. Точно дека овие услуги и не се така евтини, но се висококвалитетни. Ние сме сè уште неколку децении далеку од таквиот степен на развој, особено ако споредам какви понуди во руралните области веќе има во нашите соседни земји. Тоа е така поради две клучни причини: ниската финансиска моќ за инвестирање во селскиот туризам, иако, има услуги кои можат да се започнат и со релативно малку финансиски средства, а потоа да се надградуваат. Втората причина е „погрешниот“ менталитет на македонскиот народ, кој селото го доживува како нешто валкано, срамно и неугледно. И реално, да, нашите села се валкани и неуредни, но сигурно не е срамота да се живее во село, да се работи земјоделска или туристичка дејност во село. Тој код треба да се промени! Ако знаеме дека за да се привлечат луѓето да инвестираат во развој на бизнис во селата, неопходна е и далеку подобра инфраструктура, а дека менталитетот може да се менува на подобро само со добро осмислени едукативни програми, тогаш јасно е во кои насоки треба да се движат општествено-политичките напори. На пример, до ден-денес ниту еден градоначалник не најде сила и храброст да ги поврзе селата од општината Чашка со Прилеп за само 5 километри неасфалтиран пат, ниту пак да организира јавен-приватен транспорт, со што значително може да се влијае на туристичкиот развој и зголемување на приходите на локалните жители од едно огромно географско подрачје. Јас како членка-експерт во Мрежата на жени за нови политики „МРЕЖА ИДЕМ“ (ednakvi.mk), оваа година се ангажирав во поставување на подетална анализа за состојбите во руралниот туризам како гранка во земјоделието, а не во туризмот, со детални препораки за општествено-политички програми за едукација, менторство и преквалификација на жените земјоделки за зголемување на понудата за селски туризам и во нашата земја.

Фотографии – Ангела Стојковска

The post ИНТЕРВЈУ со Катарина Георгиевска: „Ранчо и Ванчо на Ката“ – богатство на умот и душата во спој со природата appeared first on Слободен печат.


ИНТЕРВЈУ со Катарина Георгиевска: „Ранчо и Ванчо на Ката“ – богатство на умот и душата во спој со природата was first posted on септември 9, 2020 at 12:00 pm.

Слични објави

Франција ја забрани продажбата на Ајфон 12, поради преголемо зрачење

Еспресо

Небото ќе го осветли Нишимура, феномен кој се случува еднаш на 435 години: Вечерва поминува кај нас

Еспресо

(Видео) По слетувањето на Месечината, Индија лансираше ракета за проучување на Сонцето

Еспресо

(Видео) Само 24 пилоти имаат дозвола да слетаат на аеродромот во Бутан

Еспресо

„Зум“ ги враќа своите вработени назад во канцеларија

Еспресо

Среќник од Германија доби 10 милиони евра на „Евроџекпот“

Еспресо
Се вчитува....