За претседателот на Собранието на Сојузот на здруженијата на пензионери на Македонија, м-р Илија Адамоски, велат дека е вистински познавач на правото и правдата, бидејќи пред пензионирањето работел како судија и значителен дел од работниот век го поминал во Фондот за пензиско и инвалидско осигурување на Македонија.
Господине Адамоски, се појавија шпекулации дека изборите во Сојузот и во некои здруженија на пензионери не беа целосно извршени според постојните законски регулативи. Има ли вистина во тоа?
– Веднаш сакам да ги демантирам таквите мислења и јасно да кажам дека во СЗПМ се спроведоа легални избори, на начин како што доликува на еден сојуз. Пред одржување на изборите Сојузот до сите здруженија на пензиoнери достави препораки изборите да се спроведат по демократски пат и да се изберат органи во кои ќе членуваат пензионери кои можат да одговрат на задачите, а притоа да бидат угледни граѓани. Јас сум легалист и се трудам таму каде што сум работел и сега каде што сум ангажиран да не отстапувам од Уставот, законот и статутите на здруженијата на пензионери, настојувам да се почитуваат и доследно да се применуваат од сите правни лица и инволвирани субјекти. Меѓутоа, стои фактот дека во 53 здруженија можни се одредени неправилности, а членовите на здруженијата, согласно прописите, можат да си ги бараат своите права.
Ова убаво го рековте, но не кореспондира со практиката. Токму во насоките што ги спомнавте, покрај другото, беше истакнато дека во СЗПМ и во здруженијата, поради поголема вклученост во управувањето, не смее да има кумулација на функциите во едно лице. Можете ли и овие сознанија да ги демантирате?
– Раководството на Сојузот се залага за деакумулација на функциите, но не можам со сигурност да тврдам каква е практиката во здруженијата и да порекнам дека нема такви случаи. Всушност, Сојузот нема ингеренции да се меша во управувањето на здруженијата бидејќи тие се посебни правни субјекти, со своја автономија во донесувањето одлуки по разни прашања и задачи. Меѓутоа, од аспект на управното право сакам да нагласам дека треба да се почитува авторитетот на Сојузот и секоја насока или препорака најавтентично да се спроведува во практика. Колку што ми е познато тоа е така во најголем број здруженија и затоа за поедини случаи не можам априори да ги дематирам таквите сознанија.
Некои декларирани познавачи на пензионерската проблематика мислат дека постојните закони се сосема доволни за правна регулација на работите во Сојузот и не е потребен посебен закон за пензионерско организирање. Предлог законот за пензионерско организирање во Македонија, откако е подготвен пред неколку години, се уште не е ставен во процедура и веројатно нема да биде донесен. Какво е Вашето мислење за овој закон?
– Ако Законот за здруженија и фондации како општоправна рамка се сведе на пензионерската популација која сега брои над 324 илјади корисници на пензија, ќе се види дека во пензионерската сфера постојат многу специфичности во однос на другите области. Поради тоа донесувањето на Законот за пензионерско организирање како посебен закон – лекс специјалис, по мое мислење се наметнува како императив за решавање на прашањата што се од интерес за пензионерите кои се здружуваат во здруженија и сојузи. Тие всушност имаат големо значење за заштита и унапредување на пензионерскиот живот. Сметам дека овој Закон би решил повеќе прашања од организационен и суштински карактер. За подобро да се сфати потребата од ваков закон, упатно би било да го дефинираме статусот на Сојузот, како правен субјект, аналогно на тоа и статусот на ЗП во нашата држава. Основната цел што треба да се постигне со новиот закон е да се овозможи формирање здруженија на територијален принцип. На тој начин ќе се добие и рационално и економично користење на средствата на пензионерите од членарината што секој месец ја плаќаат. Исто така, ќе бидат утврдени и условите за основање на здруженијата во општините со цел да станат посилен економски субјект кој ќе биде во состојба да ги застапува интересите на корисниците на пензија. На крајот, донесувањето на овој закон за пензионерско организирање претставува услов за натамошното работење на овие граѓански асоцијации. Со други зборови новиот закон за пензионерско организирање не е заблуда, туку неминовна потреба, што би се рекло, претставува услов без кој не се може. Затоа сум оптимист и се надевам дека наскоро ќе биде донесен бидејќи е во интерес на пензионерската популација.
Со конституирањето новото раководство на СЗПМ најави дека ќе се реформира во поинакво од претходното и ќе се одлепи од разни партиски влијанија и други востановени практики. Имаше многу ветувања, но какви се остварувањата?
– Сојузот е сериозен субјект во нашето општество, што го обврзува секој чекор да му биде обмислен и реален. Нашата поставеност спрема институциите е таква што сме принудени на непосредна соработка. Ние имаме политичка влада и од тоа произлегува дека сме упатени на соработка, бидејќи одлуките што ги носи владата ги тангираат интересите што се од животно значење за пензионерите. Ние како Сојуз не можеме да не соработуваме со министерствата, а посебно со Министерството за труд и социјална политика, како наш матичен орган. Во тој контекст, првпат по 75 години успеавме во интерес на пензионерите да обезбедиме присуство на премиерот, како и на министерката за труд и социјална политика на седница во Сојузот и низ разговор и размена на мислења да ги изнесеме интересите и заложбите што ги правиме за примена на правата на пензионерите. Ние како раководство на СЗПМ издејствувавме да се земе предвид усогласувањето на пензиите со трошоците и со процентот на порастот на платите и тоа да се озакони. Новото раководство на СЗПМ унапреди повеќе дејности преку кои се остваруваат целите и задачите на Сојузот и на здруженијата. Се утврди правна рамка за материјална поддршка на здруженијата со утврдени мерила и критериуми, без простор за слободна оценка. Потоа целосно се уреди областа: финансиска поддршка на издавачката дејност и творештвото на луѓето од третата доба, што во услови на пандемија многу помогна да дојде до израз и творечкиот дух на пензионерот. Посебно, ќе го нагласам уточнувањето на податоците за членството во зруженијата. Во оваа активност исклучително добра соработка Сојузот имаше со ФПИОМ. На здруженијата на пензионери доставени им се CD-а со податоци за нивните членови. Го истакнувам проектот воведување на телефонска линија во СЗПМ за пензинерите насловена „Ало, пензионерски прашања“ која ќе работи секој вторник и четвток од 10 до 12 часот. Така пензионерите има каде да се јават и да остварат комуникација која е многу важна за лицата од третата животна доба. Но, факт е дека во Сојуз со над 272.000 пензионери има простор да се постигне уште повеќе, што ќе биде мој предизвик како претседател на Собранието.
И кога не бевте на оваа функција, бевте еден од иницијаторите за ослободување на пензионерите од сите видови партиципации во здравственото осигурување и заштита. Што е направено досега на овој план?
– Есенцијално прашање за пензионерите е редовното примање на пензиите, квалитетната здравствена заштита и духовната храна (песната, музиката и играта) во смисла на нивното активно физичко стареење. Бараме укинување на партиципацијата за секундарната и за терцијалната здравствена заштита за сите, a до одредена висина на пензиите да се наплаќа партиципација и болничко лекување, додека над таа граница на висината на пензијата, пензионерот да ја плаќа разликата. Уште минатата година во програмата внесовме – признавање разлика помеѓу приватното и државното здравство. Посебно се заложуваме за развој на руралната здравствена заштита преку обезбедување медицинска заштита, ангажирање за развиена фармацевстка мрежа и друго. Би сакал нешто да кажам за солидарноста. Речиси сите здруженија им даваат помош на болните и изнемоштени членови, особено на тие со ниски примања – средства за операции, бањско лекување, пакети со храна, средства за хигиена и друго. За овие активности секое здружение издвојува најмалку 25 отсто од вкупните приходи. Се разбира, сето ова се прави согласно статутите, финансиските планови и правилниците.
Раководството на СЗПМ во почетокот на пандемијата од коронавирусот не ги презеде сите мерки за работа и заштита на здравјето на членството во вонредни услови? Каква е сега состојбата и на што сте најмногу фокусирани?
– Вашата констатација дека СЗПМ не се прилагодил добро на пандемските услови во работењето не е сосема точна. Кога на 26 февруари официјално беше објавен првиот случај на ковид-19, СЗПМ по два дена достави препораки за однесеување на здруженијта на пензионери во услови на пандемија, што членството доследно ги почитуваше. Ја сфативме сериозноста на заканата и почнавме да се приспособувме на ситуацијата. Сите дејности ги насочивме кон справувањето со вирусот и за ублажување на последиците. Сега особено се води сметка за социјално-хуманитарната помош на пензионерите преку соработката со локалната власт во секоја општина, со Црвениот крст преку ангажирање волонтери за помош на постарите лица, набавка на дезинфекциони и заштитни средства – маски ракавици, дизинфекција на клубовите и слично. Особено се истакнаа активите на пензионерки, за кои оваа година за првпат беше конституирано нивно Координативно тело на ниво на СЗПМ. И во услови на пандемија се работеше на одредени активности – ревии на песни, музика и игри и спортски активности. Правиме напори тие да се одложат или да се организираат на отворен простор со цел да не замре животот на нашето членство.
Колку неговото величество пензионерот е исплашен од коронавирусот?
– Нормално е кај секој разумен човек да постои страв од оваа чума што ни се случува на сите. Пензинерите како ризична група најмногу се изложени на опасност од заразување, но затоа пак се и најдисиплинирани во почитувањето на мерките за заштита. Се надевам дека набрзо ќе стигне и првата вакцина против овој невидлив непријател кого сигурно ќе го победиме, само е потребно трпение и доследно почитување на мерките. Ние пензионерите во секој поглед сме подготвени и тоа да го издржиме!
The post Интервју со Илија Адамоски: На пензионерите им треба правен лек – лекс специјалис! appeared first on Слободен печат.
Интервју со Илија Адамоски: На пензионерите им треба правен лек – лекс специјалис! was first posted on август 15, 2020 at 1:25 pm.