-3.2 C
Скопје
21:25 - 22 декември, 2024

Интервју со Даниела Антоновска: Сѐ уште е актуелна максимата дека „жена на жена е волчица“

Даниела Антоновска е магистер по родови студии со 18-годишно работно искуство во областа на родовата рамноправност во домашни и меѓународни невладини организации. Зад себе има многу летни школи, семинари, студиски посети. Била членка на Одборот на Европското женско лоби во три последователни мандати, и е алумна на родовите и феминистичките студии на Евро-Балкан институт и алумна на Школата за јавни политики „Мајка Тереза“. Авторка е на две книги, повеќе истражувања, анализи и текстови на македонски и англиски јазик.

Во период од март па досега, односно во време на глобалната пандемија на ковид-19 забележан е уште поголем број случаи на родово засновано насилство.

Што за Вас лично претставува родова рамноправност, како во приватната, така и во јавната сфера?

– Родовата рамноправност и еднаквите можности за мене лично значат еднаква видливост и правичност во начинот на кој се третираат и жените и мажите. За тоа да се постигне неопходно е да се дискутира за тоа како е можно да се оди понатаму, да се сменат структурите во општеството кои придонесуваат за одржување на нееднаквите односи на моќ и да се постигне подобар баланс. Родовата рамноправност и еднаквост не значат и не подразбираат војна на половите и родовите, победа на едниот над другиот, туку синергија заради подобар квалитет на животот во сите сфери. Во однос на приватната сфера, семејството и домот, треба да делуваат како катализатор што ќе ја поттикне и забрза видливоста и учеството на жената во сите општествени структури. Токму слоганот „личното е политичко“ служеше како поттик и беше создаден за да се започне со дебата дека сето она што се случува во приватниот/личниот живот на жените, третманот на жената во домот и семејството, евентуалното насилство врз жената во домот, одредената хиерархија во семејните односи, се всушност јавни прашања. Затоа да тргнеме од семејството и домот, да креираме рамноправни односи, да ги воспитуваме и момчињата и девојчињата дека секој има право на еднаков третман и дека никој не треба да биде привилегиран во однос на другиот. Многу е важно да обезбедиме проактивна улога на мажите и момчињата, бидејќи рамноправноста не е прашање само на нас жените, рамноправноста е прашање на сите нас, на целото општество.

Каква е кај нас свеста за родовата еднаквост, зошто постојано е потребно да се повторува, да се едуцира?

– Потребно е да се повторува, да се едуцира, бидејќи сите сериозно не ги сфаќаат концептите на еднаквост и рамноправност. Честопати овие прашања знаат да се маргинализираат за сметка на други „побитни“ прашања. Сѐ уште може да се слушне, „постигната е родовата еднаквост, жените се еднакви“ и слично, секако жените ги имаат сите права на хартија, согласно меѓународните и националните закони и конвенции, но практиката и статистиката говорат поинаку. Важно е едукациите да не останат во рамки на граѓанскиот сектор, невладиниот сектор и институциите кои се занимаваат со овие прашања, туку да се прошири опсегот на генералната популација. Посебно е важно младите, меѓутоа и повозрасните да се информираат и едуцираат за тоа што значат концептите на родова еднаквост, родова рамноправност и еднаквите можности за да не се создава искривена слика околу нив, односно да не се гледаат во негативна конотација. Позитивно е враќањето на родовите студии по пауза од неколку години. Ваков кадар е неопходен за да се изгради систем на вредности за родовата рамноправност. Важни се и неформалните обуки и тренинзи од страна на невладините организации, бидејќи сѐ уште имаме видлива нееднаквост, почнувајќи од наметнатите родови улоги, дистрибуцијата на ресурсите, хиерархијата. Неопходно е и вклучување на медиумите во подигнување на јавната свест за родовата еднаквост бидејќи тие се важни за креирањето на јавното мислење по однос на многу прашања. Лично сметам дека во текот на овие 18 години работење на полето на родовата рамноправност и еднаквите можности има напредок во свесноста. Можеби напредокот е со мали чекори, па потоа имало периоди на повторно враќање назад, па повторно напред, но има напредок.

Нееднаквите плати и нееднаквaта распределба на моќ веројатно имаат подлабоки и посложени причини, кои според вас се тие причини и како може да се надминат?

– Родовиот јаз во платите и нееднаквата распределба на моќ се феномени присутни на глобално ниво. На пример на ниво на ЕУ, жените заработуваат просечно 16% помалку во споредба со мажите на исти работни места. Причините се присутни во родовата нееднаквост, дискриминацијата, предрасудите и стереотипите за местото и улогата на жената во семејството и општеството. Сѐ уште постојат хиерархии во семејството, општествено креирани и прифатени традиционални родови улоги, кои се пренесуваат од генерација на генерација. Од жените се очекува да работат, да ги извршуваат најголем дел од обврските во домот и семејството, грижата за децата, постарите лица во семејството, голем дел од нив работат и на семејниот земјоделски имот. Иако жените во просек имаат повисок степен на образование од мажите во глобални рамки сепак доминира мислењето дека не се подеднакво способни за извршување на работните обврски, пред сѐ во одредени т.н.р. „машки професии“ кои се и подобро платени на пазарот на трудот. Сѐ уште е присутен скептицизмот кон нивните лидерски и менаџерски способности. Додека пак од друга страна во некои европски земји веќе од поодамна има квоти за задолжителни 40% жени во управните одбори на компаниите. Постои феминизација на одредени професии и феминизација на одредени образовни насоки, кои понатаму на пазарот на трудот резултираат со помалку платени работни места. Девојките при изборот на образовните насоки се насочуваат повеќе кон образованието, социјалата, здравството, отколку оние области како што се информатичката технологија, инженерските професии, односно познатите СТЕМ (наука, технологија, инженерство и математика), кои се повеќе платени. Постои поголем скептицизам од страна на работодавачите дека жените помалку ќе се посветат на кариерата и поради породилното отсуство. Потребно е подигнување на јавната свест преку образовниот систем, насочување кон нестереотипни образовни насоки, разбивање на стереотипите за тоа што значи добар лидер, промовирање на пофлексибилни работни услови за сите, промовирање на татковското и родителското отсуство, ефикасно спроведување на мерките за економско јакнење на жените, поддршка на женското претприемништво.

Законската регулатива сѐ уште треба да се надополнува и изменува бидејќи не препознава и не криминализира различни форми на родово засновано насилство.

Жените заземаат пониски или суштински помалку влијателни политички позиции во однос на мажите, а само една партија има жена лидер, зошто напредокот е бавен?  

– Сметам дека клучна улога во зголемувањето на бројот на жените во политиката одиграа квотите. Најпрвин воведувањето на 30% квота за застапеност на двата пола на изборните листи, понатаму подобро позиционирање. Со развојот на изборното законодавство преку воведувањето на 40% застапеност на листите за парламентарни и локални избори во комбинација со „сендвич системот“, односно позиционирање на помалку застапениот пол на секое трето место на кандидатските листи како и задолжителната замена на избраните жени со кандидираните жени го зголемија бројот на жените. Сепак онаму каде што нема законски квоти како што е на пример за кандидати/тки за градоначалници/чки тука бројката варира и е релативно ниска. Во однос на учеството на жените на ниво на извршна власт напредокот е исто така многу бавен. Сѐ уште е мал бројот на жени на министерски места, како и на заменичките министерски места. Жени државни секретари исто така има помалку од 30% . Имаме само една политичка партија која во континуитет има претседателка. Кандидатските листи за претстојниве избори покажуваат дека застапеноста на жените ја задоволува законската квота од 40%. На пример, речиси половина од кандидатите (49%) на една политичката партија (ДУИ) се жени. Една од коалициите (Можеме) за првпат има двојни носители на листи (жена и маж) што секако претставува голем чекор напред. Сега во рамки на партиските програми се посветува и многу поголемо внимание на родовата еднаквост, на родово базираното насилство и други теми кои се класифицираат како повеќе „женски“. Дел од партиите имаат и посебни поглавја за родова еднаквост, човекови права и недискриминација. Ова значи дека постепено се прават напори и се препознава потребата и важноста од вклучување на жените на повисоки и добитни позиции, но сѐ уште има уште многу што треба да се направи.

Зошто жените не гласаат за жени? 

Родот и полот на кандидатот/ката ретко е примарниот фактор што гласачите жени го земаат предвид за време на изборите. Избирачите вообичаено гласаат за своите партии, односно за партиите чијашто идеологија и /или политичка програма им е најблиска. Понекогаш и самите жени кандидатки не успеваат доволно добро да се поврзат со своето потенцијално гласачко тело. Можеби ако се нови во политиката и претходно немаат поминато обуки за родова еднаквост, не се доволно родово сензитивни, немаат да понудат посебни програми за прашања кои традиционално се сметаат како поприоритетни за женскиот дел од електоратот, туку едноставно ги споделуваат партиските програми кои понекогаш можеби и не се доволно родово сензитивни и одговорни. Постојат и одредени „женски теми“, за кои и самите жени имаат сосема спротивни ставови. Понекогаш и кога има повеќе избрани жени не е гаранција дека тие ќе ги претставуваат женските интереси, но секако тое е неопходниот прв чекор. Честопати и другите компоненти на нашиот, женскиот идентитет, влијаат на тоа како ќе гласаме, како што се нашата етничка припадност, религијата, локацијата. Исто така некои истражувања покажуваат и дека жените во помал процент споредбено со мажите излегуваат на избори.

Дали ни недостига женска солидарност? Колку сме навистина подготвени да си помогнеме? 

– Солидарноста по дефиниција значи давање помош, поддршка на оние на кои гледате и чувствувате дека им е потребна. Чувство на човечка и морална обврска да се помогне на некоја личност. Женската солидарност треба да започне со одлуката да се слушне другата, да се слушне нејзиното искуство, барем за момент да се почувстуваме да бидеме во „чевлите на другата“, да дозволиме да ја слушнеме приказната докрај, да го вреднуваме искуството на секоја друга жена. Секое искуство и секоја приказна може да поттикне промена. Женската солидарност значи дека јас како жена сум подготвена да ја сфатам другата жена со сето она со кое се соочува. Иако има позитивни примери во нашето секојдневие, сепак сметам дека како општество не сме многу подготвени да си помогнеме, индивидуализмот е пред колективното, пред солидарноста. Индивидуализмот е пред свеста дека преку женската солидарност всушност можеме да направиме позитивни општествени промени.  За жал сѐ уште знае да биде актуелна максимата дека „Човек на човека му е волк“ (Хобс), односно во овој случај „Жена на жена е волчица“.

Дали сте оптимистка во однос на справувањето со родово базираното насилство, кое е горлива тема во Македонија? Каде потфрлуваат институциите?

– Искрено, не сум оптимистка во однос на справувањето со родово базираното насилство. Бројот на жени и девојки жртви на родово базирано насилство, кое е насочено кон нив само поради фактот што се жени и коешто несразмерно ги погодува, е постојано во пораст. Во период од март па досега, односно во време на глобалната пандемија на ковид- 19 забележан е уште поголем број случаи на родово засновано насилство во светот, но и кај нас. Последните два случаи на фемицид (убиство врз жена) што претставува најекстремната форма на насилство врз жените извршени пред два месеца, односно во мај во рок од две недели, и тоа за време на вонредната состојба во државата, укажуваат дека жените не се заштитени и дека домот е најнебезбедното место за нив. Голем процент од овие случаи на родово базирано насилство се извршени од страна на сегашниот или поранешниот брачен или вонбрачен партнер. Бројот на жртвите се зголемува, а институциите не реагираат навреме. Истите случаи претходно веќе биле пријавувани кај надлежните институции и се резултат на семејно и интимно партнерско насилство. Но најверојатно е дека или случаите не биле навреме пријавени или не било соодветно и навремено реагирано. Исто така сметам дека нема континуитет во следење и мониторирање на ваквите случаи. Очигледно е дека има големи пропусти бидејќи на сето ова претходеле случаи на најверојатно повеќемесечно или повеќегодишно семејно насилство, физичко насилство. Очигледно е дека самите институции не го препознаваат и не го проценуваат во доволна мера ризикот, кој на крај довел до најекстремната форма на машко насилство врз жените. Понекогаш и жртвите не пријавуваат навреме или воопшто не пријавуваат кај надлежните институции најчесто поради срам, стигма од средината, поради финансиската и економската зависност, понекогаш и поради непрепознавање на одредени видови насилство. Она што е потребно е еден холистички пристап, разгледување на проблемот од повеќе аспекти, вклучување на психолози, социјални работници, правна помош за да се согледа сериозноста на проблемот и добро да се процени ризикот. Потребна е и соработка меѓу институциите, кои работат на овие прашања, односно меѓуинституционален и меѓусекторски пристап. Потребни се и континуирани обуки на лицата што работат во надлежните институции. Законската регулатива сѐ уште треба да се надополнува и изменува бидејќи не препознава и не криминализира различни форми на родово засновано насилство.

Неопходно е вклучување на медиумите во подигнување на јавната свест за родовата еднаквост бидејќи тие се важни за креирањето на јавното мислење по однос на многу прашања.

Во што е значењето на Инстанбулската конвенција и колку таа може да биде ефикасна во пракса? Можете ли да дадете оценка во однос на спроведувањето на Конвенцијата кај нас?

– Истанбулската конвенција е прв регионален правно-обврзувачки документ кој ги поставува основите и стандардите во областа на превенцијата од сите форми на насилство, заштитата на жртвите, гонењето и казнувањето на сторителите. Државата ја потпиша Конвенцијата во 2011 година и за жал ни требаа шест години за нејзината ратификација. Очигледно е дека во тој период од шест години немаше политичка волја за нејзина ратификација. Како земја која ја има ратификувано Конвецијата обрзани сме да обезбедиме сигурно и безбедно место за жените и девојчињата во јавната и приватната сфера. Конвенцијата значи елиминирање на толеранцијата односно нулта толеранција кон различните форми на насилство. Паралелно со ратификацијата на Конвенцијата се изработи и Акциски план за спроведување со временска рамка 2018-2023 кој предвидува и донесување на посебен Закон за родово засновано насилство, за кој според моите сознанија веќе има изработено драфт-верзија. Планот предвидува и промени во одредени закони како што се Кривичниот законик согласно стандардите кои Конвенцијата ги пропишува. Конвенцијата ѝ налага на државата специјализирани услуги за поддршка како што се соодветни засолништа, лесно достапни и во доволен број, СОС-линии кои треба да бидат достапни во секое време, бесплатни и анонимни, упатни кризни центри за силување или за сексуално насилство, заштита и поддршка на деца сведоци. Со неа се препознава еден нов сегмент на кривични прекршоци како психолошко насилство, демнење, сексуално вознемирување, принуден брак и слично, дел од нив сѐ уште не се регулирани во дел од нашите закони. Дел од специјализираните услуги функционираат, како на пример, отворени се три центри за жртви на сексуално насилство во болниците во Скопје, Куманово и Тетово, националните СОС-линии постојат и работат, бројот на засолништата сѐ уште не е соодветен на пропишаните стандарди. Има одреден напредок, одредени национални акти се усогласени иако треба да се направат и дополнителни усогласувања. Дел од пропишаните сервиси постојат и работат, дел треба да се усогласат со стандардите. Сѐ уште е рано да се даде оценка, но самата ратификација, обезбедувањето на одредени стандарди, напорите што се прават во усогласување на законската регулатива значат голем чекор напред.

Дали за себе би рекле дека сте феминистка и што за Вас значи тој термин?  

– Да, секако дека сум феминистка. За мене феминизмот значи секојдневна борба за еднаквост, независност, правичност. Феминизмот е давање поддршка секому кому му е потребна во борбата за еднаква плата, еднакви здравствени и социјална права, работнички права. Феминизам е борбата за самостојно одлучување за сопственото тело, феминизмот е борба против насилството, правото за самостојно одлучување за структурата на семејство. За жал кај нас сѐ уште за голем дел од популацијата феминизмот е грд збор кој многумина не сакаат ни да го изговорат и најчесто го поврзуваат со митот за женската супериорност и деморализација на мажите. А, всушност феминизмот е борба против недостаток на автономија. Феминизмот е слобода, имање право на избор. Феминизмот е неопходен и потребен. Тој не е само за жените и потполно се согласувам со Бел Хукс, која вели феминизмот е за секого.

 

The post Интервју со Даниела Антоновска: Сѐ уште е актуелна максимата дека „жена на жена е волчица“ appeared first on Слободен печат.


Интервју со Даниела Антоновска: Сѐ уште е актуелна максимата дека „жена на жена е волчица“ was first posted on јули 22, 2020 at 12:00 pm.

Слични објави

Франција ја забрани продажбата на Ајфон 12, поради преголемо зрачење

Еспресо

Небото ќе го осветли Нишимура, феномен кој се случува еднаш на 435 години: Вечерва поминува кај нас

Еспресо

(Видео) По слетувањето на Месечината, Индија лансираше ракета за проучување на Сонцето

Еспресо

(Видео) Само 24 пилоти имаат дозвола да слетаат на аеродромот во Бутан

Еспресо

„Зум“ ги враќа своите вработени назад во канцеларија

Еспресо

Среќник од Германија доби 10 милиони евра на „Евроџекпот“

Еспресо
Се вчитува....