3.8 C
Скопје
18:55 - 18 декември, 2024

ИНТЕРВЈУ со Ана Глигорова: Барам излез од пеколниот круг на бестијална наплата

Истакнатата граѓанска активистка Ана Глигорова зборува за тоа како почнала и како мисли да го оствари својот сон за општество без должничко ропство, за граѓани што слободни ќе ја изразуваат својата креативност, за општество во кое работниците ќе уживаат во плодовите на својот труд, за чиста вода, воздух и почва, за солидарност, емпатија и среќа во заедништвото.

Жалите ли за Вашата прва љубов, за А1 ТВ, што всушност се случи со неа?

– А1 телевизија, неповторлива инспирација – од уметнички видеа до информативна програма, од документарци до шоу-програма. Постои „една Македонија“ пред затворањето на А1 и „Македонија“ по затворањето на А1. Затворањето на А1 беше проследено со невиден и незапамтен терор кон еден медиум, политички мотивиран, а реализиран  со употреба на големи безбедносни сили на државата. Да влезеш во телевизија со специјалци, огромна група, да вознемируваш цивили е чин на тероризам. Тој што ова го наредил, направил кривично дело и треба да биде соодветно санкциониран. Протагонистите, наредбодавачи меѓу кои некои имаат и правосилна пресуда за друго дело, се на слобода. Со чинот на болното затворање, во кое настрадаа низа вработени, кои завршија со санкции, повеќегодишни затворски казни, за дела за кои во некои европски држави би платиле само парична казна или би биле на условно. А1 е парадигма за тогашна Македонија. Дефинитивна поделба на наши и ваши. Нашите – дел од мафијата преоблечена во држава, вашите – робови на првите.

Феминистка или револуционерка?

– Секако дека се наоѓам себеси во борбата против семејното насилство, еднаквост на платите, против дискриминацијата, решително против стереотипите, хегемонијата и патријархалната свест. Колку и да делува депласирано, феминизмот како политика на родово ослободување, не како нов вид хегемонија, ми е блиско. Исто како и револуцијата. Интересна е токму таа политичка сплотеност на феминизмот и револуцијата во практика. Токму во нашево општество каде што жените се тие што најчесто ми пишуваат секојдневно за повеќекратната дискриминација што ја трпат. И родова, и граѓанска, и  потрошувачка, воопшто во целиот систем на наплата. А самохраните мајки се најголемите жртви во ова општество.

Ана Глигорова, која е всушност Ана Глигорова?

– Од уметничкото видео како опсесија, како страст, со кое и денеска се занимавам, во кое сум ги имплементирала сите свои дилеми, размислувања за стварноста, посебно за неправдата. Вљубеник во природните науки и решавањето на егзактни проблеми, до комплексноста на општествените науки, па сѐ до потребата да се артикулирам како битие кое на пиедестал ги става емпатијата, солидарноста, етичното. Потребни беа години на будење, освестување за да сфатам дека сѐ што правам, секој атом од активизмот и политичката енергија треба да се насочи во помош на дискриминираните, сиромашните, но и во нивна едукација за и тие да соработуваат меѓу себе. За подобар, поетичен свет.

Од каде извираат Вашите пориви за битки за социјална правда, поради кои побуди?

Главниот порив е свесноста за должничкото ропство. За пеколниот круг на виртуелни долгови со астрономски камати и прениски плати. Тука почнува социјалната неправда, во овој круг. Премалку екстремно богати, премногу многу сиромашни. Од друга страна, општествата каде што има поголема еднаквост и социјална правда се поуспешни.

Што лично Вас Ве допира за овој вид битки?

– Ме допира секоја мисла на разбуден, свесен човек што со отворен настап, дали преку институциите на системот, преку учество на протести или со обичен статус на ФБ во кој ја образложува својата драма, или драмата што не е лично негова, но чувствува потреба да ја артикулира неправдата.

И во овие вонредни пандемски вирусни околности им се обративте на извршителите. Што им порачавте преку видеото?

– Се обратив преку видеопорака до Комората на извршители да реализираат мораториум, замрзнување на извршувањата и а доставувања нови извршни налози во периодот пред нас, период на пандемијата. Воедно, во истото видео им се обратив и на нотарите и на доверителите и тие под итно да престанат со платни налози и со тужби.

Работите во медиум, во телевизија, со епидемијава премногу настани и премногу работа, издржувате ли, има ли колегијалност, солидарност?

– Посебно е задоволството кога сте први и најиздржани во пренесувањето вистинити информации, визуелно, но и со анализа. Колегијалноста во телевизиите, не само во таа во која сега работам, е на високо ниво.

Ако не се плаќаат сметките, а нели нема ништо без пари, може ли да се зборува дека државата е дисфункционална?

– Имам информации за вистински ситуирани луѓе, на моќни државни функции или во приватниот бизнис, кои со години, па дури и со децении не плаќале сметки за комунални услуги. Селективно се отпишуваа долгови во времето на бившата власт на Груевски при што се отпишуваа и долгови кон банки, заеми на граѓани или фирми. Непотизмот и врскаџиството го поткопува системот на наплата. Граѓаните се виртуелно задолжени. Нереално. Од долг 2.000 денари нараснал на 100.000 денари. Зошто тој човек не платил навреме? Тоа е лична драма на секој поединец, што државата, ако сака да стане социјална, така е во Уставот ама на хартија, мора да го превенира овој, не претерувам, не сум патетична туку грубо реална – помор. „Неплаќачите“ не се привилегираните, не, тие се на работ. Ние од „Движењето на слободни граѓани“ се трудиме да им помогнеме на загрозените.

Па, нели токму и чинот на неплаќање користени добра ја прави државата нефункционална?

– Во Македонија доверителите во најголем дел се приватни, како на пример „БЕГ“, која со години им наплаќаше паушал на граѓаните што се исклучени од системот на парно греење. Дури пред кратко време добивме пресуда од Судот во Стразбур, која е во полза на граѓаните. Но, и покрај пресудата, доверителот и понатаму им наплаќа на исклучените преку извршители. „БЕГ“ е над Судот во Стразбур? Над Уставот? Токму овие примери ја прават Македонија нефункционална држава и легло на организиран криминал. Застарени побарувања, астрономски камати. Тоа државава ја прави комплетно нефункционална во контекст на граѓанските права.

Културолог, видеоуметник и важите за посветен телевизиски работник, за режисерка со вонредна креативност, што најмногу Ве исполнува работно?

– Животот и уметноста се незапирливи сили, кои заемно дејствуваат, не чекаат, се случуваат неограничено. Интеракцијата со животот, целата таа драма, влегува во крвотокот без оглед дали се кажани една или илјада вистини произлезени од креативноста. Паралелно со целата оваа силна општествена активност, се трудам да создадам барем по едно видео на неколку месеци на кое му посветувам многу внимание. Уметноста секогаш мора да биде повеќе од самата уметност. Таа не може да се сведе на естетска вистина, на изглед, на форма.

А што приватно?

– Приватното и активизмот, по моја желба, веќе ми се испреплетуваат. Не можам, а да не кренам слушалка на непознат број или да не одговорам на порака во инбокс на некој граѓанин.

Од кога датира Вашата лична битка со извршителите?

– Од пред шест-седум години кога за првпат ми беше блокирана трансакциската сметка. Тогаш остварив прв контакт со извршителката. Таа ми побара да  платам четири пати поголема сума од основниот долг. Не можев да сфатам дека системот е толку безмилосен што има намера да ме изеде и мене и моето малолетно дете. Ми рече дека не ѝ е гајле од каде ќе најдам пари, само да ги најдам под итно. Набргу се информирав дека жртвите како мене се бројат со стотици илјади.

Преку Вашите активности запознавте повеќе судбини предизвикани од извршителски последици, накусо кој е најдрастичниот пример, најболниот?

– Пред неколку денови еден граѓанин ми напиша порака дека веќе пет години живее со исклучена струја и ме праша: Знам дека и вака, кога ми е исклучена струјата, ми тече камата, даден сум на извршител, но, Ана, дали може некако да ги замолите извршителите, а и ЕВН да пушти барем една светилка за двете малолетни деца во нивната соба? Еве, ова е социјалната неправда.

Како заврши Вашата лична епопеја со извршителите или трае уште?

– Не е завршена. Виртуелните, напумпаните суми се тука. Во еден кафкијански процес во кој живеат и стотици илјади други. Се обидувам да најдам решение, да излеземе сите од овој пеколен круг на бестијална наплата.

А зошто ги обвинувате извршителите, нели тие се потпираат на законите, што е со законодавецот, пратениците, нели народни избраници?

– Целиот систем на наплата е криминоген. Од чинот на блокирање на трансакциската сметка, кој замислете се наплаќа по 2.000 денари, банката наплаќа трансакција, а таа не е доверител, за можеби основен долг помал од тие 2.000 денари, па до извршителот, се надоврзуваат нотари, адвокатски здруженија, па и самиот доверител кој многу често се појавува премногу доцна со побарувањата. Држава сме во која со префрлањето на стотиците илјади предмети од судовите кај приватно-јавните извршители до 2011 година, со еден член во законот донесен во Собранието, се прекинало застарувањето во текот на трансферот. Апсолутното застaрување според Законот за облигациони односи во оваа држава е 10 години. Со прекинувањето на застарувањето се пролонгира наплатата. Извршните исправи се држат долго време од страна на извршителите. Потоа проблемот со антидатирањето на судски одлуки, кое ако се сака може лесно да се докаже, може да ви се случи да ви дојде побарување старо 22 години. Како компарација, за убиство казната би застарела за 20 години, но побарувањето за смет нема да застари. Ќе ви се појави како гром од ведро небо со сума од 1.000 денари нарасната до 50.000 денари. Овој  феномен го нема никаде во цивилизирана Европа. Но, овде владее „сваровски“ правосуден систем. Вакво осиромашување на граѓаните со астрономски суми на побарувања се коси со здравиот разум. Јавна тајна е дека станува збор за добро организирана и уиграна спрега: доверител, нотар и извршител. Секако, не се сите извршители, доверители и нотари во оваа шема. Ревизија!

Битката со извршителите ве направи популарна, врзавте многу судбини, ги извадивте луѓето на протести, Јованка Орлеанка, Жан Пол Сартр, „жолтите елеци“… кој е Вашиот социјален идол?

– Овој франкенштајновски систем на наплата на побарувањата ме поттикнаа да организирам протести пред Министерството за правда. Тие беа континуирани во еден период од неколку месеци. Идоли немам, но личноста на Жан Пол Сартр и неговиот егзистенцијализам ми се блиски. Според Сартр, човекот е осуден на слобода и кога веќе еднаш е фрлен во овој свет, е одговорен за сѐ што прави.

Влегувате во политика, ќе разочарате многумина поддржувачи лепејќи се за политичка партија или не држи констатацијава?

– Аполитични луѓе не постојат, постојат само политички неписмени. Тие што тврдат дека политиката не ги интересира, посебно ако се граѓански активисти, во суштина се комформисти или опортунисти. Секогаш го прифаќаат ставот на власта за многу есенцијални прашања. Бертолд Брехт напишал: „Најлоша од сите видови неписменост е политичката неписменост. Политички неписмената личност не слуша, не зборува, не учествува во политичките случувања. Таа не знае дека трошоците за живот, ценета на гравот, рибата, брашното, киријата, чевлите, лековите зависат од политичките одлуки. Политички неписмената личност до толку е глупава, па е и горда и се удира во гради говорејќи колку ја мрази политиката. Тој имбецил не знае дека од неговото политичко незнаење се раѓаат проституција, напуштени деца и најлошите од сите крадци, лошите политичари, корумпирани и поткупени од локалните и мултинационалните компании“. Цитатов е долг, но морав интегрално да го напишам за да објаснам дека голем дел од граѓанскиот активизам е насочен кон социјалната политика. Дека навлегува и во економската политика. „Движењето на слободните граѓани“ влезе во коалиција со политичка партија со силен граѓански предзнак, не соединувајќи се, ние не сме членови на Граѓанско-демократската унија, ние само заеднички настапуваме на овие избори. Впрочем, целосната реторика на овие избори ќе биде во контекст на правната, економската и социјалната сигурност на граѓаните.

Партискиот ангажман, новата битка да станете и пратеник, подразбира ли и социјална еволуција, ќе амнестирате неплаќања, кој Ви е основниот мотив да барате столче во Собранието?

– Суштината на нашето делување е прелевање на граѓанскиот активизам во поширок спектар на политичкото делување, а повеќе во контекст како движење отколку како партиски ангажман. Политика која се темели врз ослободување на човекот од финансиското ропство во кое се втурнати стотици илјади луѓе буквално ограбени од криминогената спрега на доверители, банки, нотари, извршители, агенции за наплата. Конечната цел е слободата на поединецот. Да не постои човек кој би бил неплаќач затоа што не по своја вина е сиромашен. Извршителите би работеле по судовите како во една развиена Германија, на пример. Зборот неплаќачи во цивилизираниот свет не постои. Никој такво нешто нема да стимулира. Ќе се стимулира власта за ревизија на целиот систем на наплата, на целиот систем на извршувањето.

Функцијата пратеник сама по себе носи и баеги лични социјални привилегии, ќе ги изневерите ли довчерашните соборци од уличните протести?

– Заедно со Марјан Ненов, исклучителен борец за граѓански права, ќе продолжиме со активности надвор од законодавниот дом со отворање канцеларија за граѓаните за бесплатни правни совети. Никој нема да биде изневерен, ние ќе бидеме повторно на улица кога ќе треба, со граѓаните, кога тие ќе нѐ повикаат.

Ќе Ви биде ли непријатно ако Ви префрлат дека сте станале фотелјашка?

– Никогаш не сум била опортунист, комформист. Напротив, ми биле одвратни овие појави. Посебно фотелјите како симбол на моќ и реализирање фрустрации. Тоа не е за мене, тоа е за медиокритети кои ако не дојдат до позиција, не би биле лично реализирани. Народни луѓе, а не фотелјаши во Собрание!

Накусо, кои се засега системските ефекти од Вашите битки со извршителските извршувања, со каматите, со роковите?

– Успеавме да влијаеме врз законодавниот дом да донесе закон за отпис на каматите за побарувањата кон јавните претпријатија заклучно со 2017 година. Околу тарифата, бидејќи промената во законот се однесува за новите налози, рано е да се даде мислење за ефектот. Каматите се посебен проблем, треба да се направат измени во Законот за облигациони односи за и тие да се лимитираат.

Натаму, што е следно?

– Борба за спасување на секој човек посебно. Толку предмети има што се сомнителни, кои изобилуваат со прекршоци и кривични дела, што ќе ни треба тим и време да го прочешламе овој организиран криминал.

Ако станете пратеник, продолжувате ли со улични битки за социјална правда или енергијата ја селите во неефикасните институции?

– Продолжуваме со Марјан Ненов и со исклучителниот активист Дарко Поповски неуморно да протестираме по секоја цена кога е потребно по барање на граѓаните. Тоа ни е во крвта.

Социјализмот е Вашата идеолошка матрица или не баш?

– Социјализмот ми е најблизок како идеолошка матрица и сметам дека е најблизок на хуманата страна на човекот.

Сонувате општество по Ваш вкус, можна ли е ронка јаве во сонот?

– Сон за општество во кое нема да постои должничко ропство, за граѓани што слободни ќе ја изразуваат својата креативност. Сонувам за општество во кое работниците ќе уживаат во плодовите на својот труд. Сонувам за општество во кое учениците ќе анализираат, а нема да вежбаат меморија како што е сега. За чиста вода, воздух и почва. Солидарност, емпатија и среќа во заедништвото.

Кој Ви е овдешниот политички идол?

– Идоли немам, постојат неколкумина личности што ги почитувам.

Од надвор?

– Го почитувам Берни Сандерс.

А историски?

– Почит за Мартин Лутер Кинг.

The post ИНТЕРВЈУ со Ана Глигорова: Барам излез од пеколниот круг на бестијална наплата appeared first on Слободен печат.

Слични објави

Франција ја забрани продажбата на Ајфон 12, поради преголемо зрачење

Еспресо

Небото ќе го осветли Нишимура, феномен кој се случува еднаш на 435 години: Вечерва поминува кај нас

Еспресо

(Видео) По слетувањето на Месечината, Индија лансираше ракета за проучување на Сонцето

Еспресо

(Видео) Само 24 пилоти имаат дозвола да слетаат на аеродромот во Бутан

Еспресо

„Зум“ ги враќа своите вработени назад во канцеларија

Еспресо

Среќник од Германија доби 10 милиони евра на „Евроџекпот“

Еспресо
Се вчитува....