6.8 C
Скопје
15:42 - 22 декември, 2024

ИНТЕРВЈУ Митко Јанчев: На ВМРО-ДПМНЕ ѝ е потребен брз ремонт!

Еден од најуспешните градоначалници, поранешен потпретседател на ВМРО-ДПМНЕ, кој беше и сѐ уште се вбројува во најнадежните кадри за иднината на партијата, Митко Јанчев, беше меѓу првите што побараа реформи и одговорност за изборните резултати од раководството на чело со Христијан Мицкоски.

Пред да ги анализираме состојбите во партијата и во државата, како го коментирате изборниот резултат на ВМРО-ДПМНЕ?

– Резултатот од овие избори само покажува дека треба сериозно да се работи во иднина. Ова се четврти последователни избори на коишто ВМРО-ДПМНЕ има слаб резултат. Тоа покажува дека е време да се направат промени во раководството и во партијата. Треба да се движиме напред, со свежи идеи и широки видици.

На што се должи слабиот резултат и слабата излезност, која ги зачуди многумина во потесното раководство на ВМРО-ДПМНЕ, но и поширокиот аудиториум?

– Целата ситуација, не само кај нас, туку и во целиот свет, влијае на сите. Можеби тоа е причината за слабата излезност. Веќе сме изморени од неизвесноста и рестрикциите со кои живееме подолг период. Слабиот одзив е резултат на оние политики што подолг период се промовираат од нашето раководство. Како што реков, што побргу имаме потреба од нови правци, кои ќе опфатат широко поле. Идеите и политиките треба да ги извадиме од затворениот круг, кој нѐ ограничува, треба раководството да изгради нов пат по кој ќе се движи, сѐ со цел да повлече со себе приврзаници што имаат да понудат нешто ново, со нови размислувања.

Пред изборите во јавноста честопати се лицитираше со оставките на лидерите на двете партии на СДСМ и на ВМРО-ДПМНЕ доколку еден од нив не извојува победа. Гледаме дека од тоа нема ништо. Вие бевте еден од првите кој побара оставка од претседателот Христијан Мицкоски. Дали во него гледате вина за изборниот резултат на ВМРО-ДПМНЕ и дали очекувате тој да си замине од претседателската функција?

– Секоја раководна функција ги сноси последиците од слабиот резултат. Тоа е секогаш така, не само во политиката. Доблест е да можеш да погледнеш назад, да ги издвоиш грешките, да ги забележиш на лист хартија, а потоа истите тие грешки да ти станат секојдневен потсетник за тоа како не треба. Но, понекогаш сме убедени во тоа дека нашите грешки всушност не се грешки, дека сме целосно во право. Но, секогаш е виновен првиот човек. За жал, и во овој случај е исто. Јас повикав на брз ремонт во партијата, затоа што тоа е мојата матична партија и чувствувам одамна дека треба нешто да се промени.

За кусо време во јавноста се појавија и други ваши истакнати сопартијци, кои не се веќе во редовите на партијата, а кои ви се придружија на барањето оставка од Мицкоски. Од друга страна, поголем број членови му даваат поддршка да остане на чело на партијата и да продолжи да се бори да формира парламентарно мнозинство за состав на влада. Што мислите, како се случи оваа поделеност и како ќе се развива понатаму?

– Јас на оваа ситуација не гледам како на поделеност. Тоа се само различни размислувања и ставови, кои е многу нормално да ги има. Всушност, и така треба да биде, така е правилно. Различните ставови можат да доведат до здрава дискусија, од која на крајот треба да бидеме умешни за да го извлечеме најдоброто. Се надевам дека работите ќе тргнат во тој правец.

Наместо оставка се случи да се донесе нов статут, за кој многумина од партијата велат дека е најдемократски на Балканот. Како Вие гледате на тоа?

– Овој чекор јас би го толкувал како еден обид за спас од целата ситуација. Нов статут на партија се носи во мирно време, во едни поинакви случувања. Нов статут на партија не се носи ден по избори, на првиот централен комитет.

Да се случеше тоа порано, дали Митко Јанчев ќе останеше во партијата како фракција и дали овој статут Ви ги отвора вратите Вам и на останатите да се вратите во редовите на ВМРО-ДПМНЕ?

– Јас сум член на ВМРО-ДПМНЕ, никогаш не сум излегол од партијата. Само не сум дел од раководството. Моето мислење за статутот го кажав, мислам дека е тоа еден обид да се излезе од, за жал, лошата ситуација. Статутот се носи во други времиња.

Како се случи Митко Јанчев, истакнат функционер во ВМРО-ДПМНЕ и кандидат за градоначалник, кој победи на локалните избори и стана градоначалник на Кавадарци, за кусо време да биде разрешен од потпретседателската позиција и да падне во немилост на раководството. Кои беа причините за тоа?

– Не паднав јас во немилост на раководството, едноставно повторно сѐ се врти околу различните размислувања и ставови. Недемократски е еден потпретседател на партија да не смее да има свои ставови и различни перцепции на работите. Не можевме да најдеме заедничко толкување на работите со раководството.

Како беше манифестирано тоа во однос на Вас и како резултираше тој „прогон“ во рамките на членството и функциите во партијата, па и како градоначалник?

– Градоначалничката функција не е поврзана со моето разрешување. Жителите на Кавадарци се сведоци на еден огромен напредок на целата општина во речиси сите сфери од општеството. Сето тоа се должи на напорната работа, секојдневните состаноци, дејствувањето на терен, многу често и работење до доцните вечерни часови. Кавадарци доби нов лик. Тоа е мојата приоритетна обврска, имам должност кон кавадарчани и се обидувам да си ја исполнам. Секој член на одредена политичка партија, членува самоволно и по свои убедувања. Членовите на ВМРО-ДПМНЕ треба сами да одлучат дали тој „прогон“, како што го нарекувате, донесе позитивни или негативни поени.

Дали тоа беше лична нетрпеливост од страна на претседателот Мицкоски или се работеше за разлики во сфаќањето на функционирањето на партијата во одредени моменти?

– Голема количина на претерана фокусираност само кон една точка оневозможува да се согледаат работите околу нас. Поинаку ја замислувам иднината на нашата земја, различни се моите начини на работа и на поставување приоритети. Партијата треба да оди напред, сега е потребно повеќе од кога било да се случат промени внатре во самата партија. Не сум човек што може безволно да функционира на некој начин.

Што мислите, како ќе се разреши оваа, на некој начин, пат позиција во изборните резултати, која ги отежнува обидите за формирање влада. Кој ќе формира влада и кои партии ќе влезат во неа?

– Политичките договори и политичките математики за формирање влада ќе ги дознаеме наскоро. Партијата со најмногу освоени пратенички мандати, односно СДСМ со освоени 46 мандати има шанса да формира влада. Доколку тоа не го стори СДСМ, со освоени 44 мандати легитимно е ВМРО-ДПМНЕ да почне преговори за формирање влада.

The post ИНТЕРВЈУ Митко Јанчев: На ВМРО-ДПМНЕ ѝ е потребен брз ремонт! appeared first on Слободен печат.


ИНТЕРВЈУ Митко Јанчев: На ВМРО-ДПМНЕ ѝ е потребен брз ремонт! was first posted on јули 25, 2020 at 9:00 am.

Слични објави

Франција ја забрани продажбата на Ајфон 12, поради преголемо зрачење

Еспресо

Небото ќе го осветли Нишимура, феномен кој се случува еднаш на 435 години: Вечерва поминува кај нас

Еспресо

(Видео) По слетувањето на Месечината, Индија лансираше ракета за проучување на Сонцето

Еспресо

(Видео) Само 24 пилоти имаат дозвола да слетаат на аеродромот во Бутан

Еспресо

„Зум“ ги враќа своите вработени назад во канцеларија

Еспресо

Среќник од Германија доби 10 милиони евра на „Евроџекпот“

Еспресо
Се вчитува....