22:36 - 22 декември, 2024

ИНТЕРВЈУ Милан Предан, амбасадор на Република Словенија: Ќе ви помогнеме да влезете во Европската Унија

Поддршката во евроинтегративните процеси, проширувањето на економската соработка, културната и студентската размена беа темите во интервјуто за „Слободен печат“ на новоименуваниот амбасадор на Република Словенија во Република Македонија, Милан Предан.

Поранешниот новинар е полн со оптимизам во врска за понатамошната соработка меѓу двете земји. И самиот во минатото често доаѓал во нашата земја и негува искрено пријателство кон нашиот народ.

Доаѓате во земја со која Словенија има заедничка историја и пријателска традиција. Што планирате во однос на тоа како уште повеќе да се зближат двете земји? Како вие, како земја членка, ќе ѝ помогнете на Северна Македонија на патот кон ЕУ?

– Политички гледано, најважно е да ѝ помогнеме на вашата држава да ги почне преговорите со Европската Унија. Секако, тоа ќе биде еден многу долг процес, што трае со години. Северна Македонија минатата година веќе беше разочарана поради одложување на одлуката и тоа не беше добар сигнал, не само за државата, туку и за регионот. Северна Македонија направи многу за да дојде до таа точка, многу повеќе отколку што направија другите земји. Многу добро разбираме дека вашата држава треба оваа година да биде наградена за своите смели политички одлуки. Особено затоа што и ние самите добро знаеме што значи да се промени Устав – на времето бевме условувани од нашите соседи, кои ја бараа неговата промена поради тоа што во него имавме напишано дека странци не можат да бидат сопственици на земја во Словенија. Тоа беше една многу голема и позната дебата во тоа време.

Милан Предан, амбасадор на Република Словенија во Република Северна Македонија

Во однос на преговорите со ЕУ, сметам дека е многу важно тоа што ќе ви го пренесеме нашето искуство од тој процес. Нашите експерти и досега доаѓаа во Северна Македонија. А нашето искуство ќе ви биде особено драгоцено, од причина што и ние моравме да го промениме истиот систем што го сменивте и вие. Живеевме во заедничка држава, имавме слични закони и прописи. Словенечката влада има предвидено и финансиска помош за Западниот Балкан и притоа, приоритетни земји ни се Северна Македонија и Црна Гора. Проектите за кои одделуваме пари, главно, се еколошки – за прочистување вода, за зачувување на националното богатство…

Според податоците од нашиот Државен завод за статистика, Словенија, минатата година ни била 16-ти трговски партнер, при што вкупната трговска размена изнесувала 228 милиони евра. Македонскиот извоз во Словенија изнесувал вкупно 76 милиони евра, а увозот од Република Словенија во земјава – 152 милиони евра. Се чини дека на ова поле може многу да се работи.

– Не, тој податок не е точен. Трговската размена меѓу Словенија и Северна Македонија во 2019 година била 322 милиони евра, од кои две третини се словенечки извоз, а една третина е извоз од Северна Македонија во Словенија. Она што јас го зацртав во својот план за наредните две-три години е да достигнеме трговска размена од 500 милиони евра. Сметам дека тоа е економски можно. Но сега ја имаме короната, па годинава трговската размена ни се намали за 17 проценти. Веројатно ќе биде тешко во некој краток временски рок да се вратиме на старите бројки, и тоа сега ни е цел.

Ние сме четвртиот најголем инвеститор во Македонија во однос на инвестициите по глава на жител. Има повеќе од 400 милиони евра словенечки инвестиции и тие се во помалку развиени делови, што е многу важно. Ги посетив словенечките компании што работат овде. Од контактите со нив, можам да заклучам дека тие и понатаму стојат на своите планови за проширување на нивниот бизнис во Северна Македонија. Задоволни се од овдешната бизнис-клима, а адут е и цената на работната сила. Но ова не значи дека вашиот економски развој треба да се гради на компаративната предност со евтина работна сила. И во Северна Македонија нивото на доходот ќе се зголемува, а важно е и зголемување на квалитетот на работната сила. Она што го научи Европа во корона-кризата, особено од медицинската опрема, е дека не смее толку да биде зависна и дека мора да си го врати стратешкото производство во Европа, па ќе се бараат нови локации.

Познато е дека во Словенија има многу македонски студенти. Како се примени нашите сонародници на вашите универзитети?

– Да. Минатата студиска година имаше околу 1.100, и тоа беше најголема странска група на студенти. Тоа зборува дека во Северна Македонија, Словенија има добар имиџ и дека студентите што доаѓаат тука се чувствуваат добредојдени. Многу од тие студенти студираат технички науки, а од моите разговори со универзитетите знам дека тие се многу ценети, се сметаат за вредни, паметни и мотивирани. Така, во Словенија се гради еден многу значаен кадар за македонското стопанство. Но таа приказна ја има и другата страна – многу од тие студенти сакаат да останат во Словенија. Секако, бидејќи и Словенија има дефицит во кадар, и нам би ни било драго ако тие млади и талентирани луѓе останат да работат кај нас, но сакаме и да се вратат дома. Затоа, се обидуваме словенечките фирми што работат овде да ги мотивираме своите кадри да ги бараат меѓу тие студенти.

Се вели – културата ги спојува народите. На кое ниво е културната соработка меѓу двете земји?

Милан Предан, амбасадор на Република Словенија во Република Северна Македонија

– Културата особено настрада во ова време на корона, затоа сега нема смисла да зборуваме за некои планови, иако ги имаме. Културната размена ни е една од приоритетите. Следната година Словенија ќе слави 30 години од својата самостојност, на неколку денови пред преземањето на претседавањето со ЕУ, и тоа би требало да се прослави, и во Словенија и овде, на начин што ќе остави културен печат, но сѐ зависи од пандемијата.

Инаку, во Словенија има многу истакнати Македонци. Така, Македонецот Александар Поповски е уметнички директор на Драмскиот театар во Марибор. Многу уметници од нашите земји и досега имале свои гостувања.

Како Словенија се справува со пандемијата и може ли да направите една паралела со тоа што го гледате овде?

– Состојбата не е добра во Словенија и не се разликува нешто посебно од овдешната. Правиме многу тестови и деновиве имавме рекорд – повеќе од 200 заболени. Ако знаеме дека во екот на пандемијата, со целосно затворање, имавме околу 60 заболени, тоа покажува дека луѓето сега се опуштија, а и државата не можеше економски да издржи, па ги олабави мерките. Сега прашањето е – која е онаа критична граница што може да ја издржи здравствениот систем за да нема повторно затворање. На почетокот имавме неподготвен здравствен систем, кој сега е значително поподготвен.

За крај би Ве прашала нешто лично. Дали Вашата сопруга е со Вас во Скопје, имате ли деца, какви се Вашите први впечатоци од овдешниот престој?

– Мојата сопруга Дарка Звонар Предан е тука со мене. Таа е истакната новинарка. И јас долго бев во новинарството, така и се запознавме. Како новинарка, таа ја имаше можноста да оди со мене каде што одев и јас во текот на мојата кариера, и истовремено да работи од тие земји. Така, и од Македонија ќе работи како новинарка. Имам ќерка и син, тие живеат во Марибор.

Како новинар, особено во 80-тите години, често доаѓав овде. Во вашата земја се чувствувам многу пријатно и тука веќе имам пријатели.

Ја имате нашата поддршка во односите со Бугарија

– Како што повеќепати беше нагласено и при скорешната посета од претседателот на Република Словенија, Борут Пахор, а во разговорите со вашиот претседател Стево Пендаровски и со претседателот на Владата Зоран Заев, ние ќе се обидеме да разговараме и со нашите бугарски пријатели, затоа што за нас и едната и другата држава е пријателска. Секако, и во тој поглед ќе ја имате нашата голема поддршка – вели амбасадорот Предан.

The post ИНТЕРВЈУ Милан Предан, амбасадор на Република Словенија: Ќе ви помогнеме да влезете во Европската Унија appeared first on Слободен печат.


ИНТЕРВЈУ Милан Предан, амбасадор на Република Словенија: Ќе ви помогнеме да влезете во Европската Унија was first posted on октомври 2, 2020 at 1:38 pm.

Слични објави

Франција ја забрани продажбата на Ајфон 12, поради преголемо зрачење

Еспресо

Небото ќе го осветли Нишимура, феномен кој се случува еднаш на 435 години: Вечерва поминува кај нас

Еспресо

(Видео) По слетувањето на Месечината, Индија лансираше ракета за проучување на Сонцето

Еспресо

(Видео) Само 24 пилоти имаат дозвола да слетаат на аеродромот во Бутан

Еспресо

„Зум“ ги враќа своите вработени назад во канцеларија

Еспресо

Среќник од Германија доби 10 милиони евра на „Евроџекпот“

Еспресо
Се вчитува....