-2.2 C
Скопје
07:55 - 19 декември, 2024

ИНТЕРВЈУ Љубомир Фрчкоски: СДСМ ќе истера уште еден мандат

„Прес конферниција“ е насловот на неделното мега интервју со познати личности од сите области на јавниот живот. Од политиката, науката, културата, спортот, естрадата. Авторот на интервјуата Зоран Иванов, секоја среда на страници на весникот, за своите соговорници ќе дефинира лепеза прашања од интерес за најшироката читателска публика на Слободен печат.

Коронава ќе помине, што во социјална, па и во политичка смисла ќе остане, каков талог?

– Шокот од епидемијата и рестрикциите што ги наметнува стравот што го шири, ја тестира спремноста на државата и граѓанската култура да се соочат со неа. Македонија се справува изненадувачки добро. Втора димензија е можноста државата да се ресетира на некој начин, епидемијата ја тера да ја покаже својата солидарносна страна, и тоа е шанса за левицата да воспостави некои солидарносни стандарди што ќе траат кон работниците, кон сограѓаните, кон заедницата. Тоа е возбудлива, Нанси ја нарекува комунистичка компонента на вирусот што нѐ изедначува.

Данаилов Фрчковски, што се случи со „Данаилов“, каде исчезна?

– Не ми е јасно докрај прашањево – отсекогаш било и останало Данаилов во презимето. Големите галички фамилии имаат средно име на некој предок, да се разјасни линијата во пошироката фамилија Фрчкоски. Мојата е Данаилова.

Ова, со несвикување на Собранието, е хир на Талат Џафери или договор Ахмети – Мицкоски поради СДСМ и БЕСА?

– Не знам и не е битно. Битно е дека уставно е можно, дека политички би било опортуно и корисно.

Министер без ресор, министер на полицијата, министер за надворешни, која обврска беше најтешка, која најодговорна, која најкомотна?

– Пишувањето на Уставот беше како министер без ресор. Потоа, секако, МВР што беше важно и драматично искуство, полно предизвик и пелин.

Во досегашната политичка кариера, што би посакале да не сте сториле?

– Секако моравме да бидеме повнимателни со безбедноста на Глигоров.

А што сте пропуштиле да сторите?

– Тоа, и жал ми е поради тоа, иако Глигоров беше тешко да се убеди да прави нешто што друг му кажува, па и да оди по различни рути на работа. Но, жал ми е поради тоа, секако. Ние бевме блиски, дел од нас (јас, Денко, Јане) сме негов избор во политиката од 1991 година.

 Корупцијата го урна ВМРО-ДПМНЕ, го урнисува ли сега и СДСМ?

– Не, СДСМ мислам ќе истера уште еден мандат по херојското уривање на режимот на Груевски и решавање на клучните јазолни точки на нашата блокада во меѓународната интеграција – Преспа и Договорот со Бугарија надвор (влез во НАТО, почеток на преговори со ЕУ), јазикот со Албанците внатре. Со тоа ние ќе поминеме во друга историска етапа за нас, што само невнимателни набљудувачи не ја забележуваат разликата, порамнувајќи сѐ и правејќи паралели каде што ги нема.

А кој го урна СЈО, Заев и Мијалков, колатерална е на Преспанскиот, или неспособноста и коруптивноста однатре, во самото Специјално?

– Мислам, за жал, невнимателноста, наивноста и грешките на неговата шефица.

И власта и опозицијата како ѓавол од крст да бегаат од задачите на Рајнхард Прибе. Во што е нашиот проблем за европеизација на земјава?

– Не е добро порамнувањето, непрецизно и нефер е. Опозицијата е линија на авторитарно раководење со земјата, од кое не се дистанцира и го баштини, како што велат Србите. Тоа е мрак што ја сведе земјава на 11-годишна диктатура. Тоа има врска со одбивност кон сѐ од Прибе. СДСМ има проблеми, но ориентацијата е различна и ќе даде резултати, иако некои грешки не мораат да ги направат на тој пат.

Лично, најлично човечки, атентатот врз Глигоров се случи кога бевте министер на полицијата. Ви тежи, Ве мачи настанот?

– Ова е второ од трите прашања за атентатот на Глигоров. Ви одговорив претходно доволно, немам што да додадам.

Случајот не е затворен, верувате ли дека во догледно време нешто, сепак, ќе исплива за мотивите, нарачателот, извршителите?

– Мора да работат на него и мора да се договорат со српските служби овие да се отворат за тоа прашање кон нас. По мое мислење, натаму треба да се бара одговорот.

Може ли министерот во МВР да ја има целосната контрола врз сите тамошни структури, какво е Вашето искуство?

– Не, но никаде не може да имате таква амбиција. Важно е да има доминантна контрола и да работи со добар кадровски состав и транспарентно.

Галичник или крајот натаму, од кога не сте наминале? Имате ли нешто свое таму, куќа, викендичка или само спомени?

– Јас редовно одам во Галичник. Тоа место е прекрасно. Имам куќа таму, која ја обновив од темел, сега е нова и уживам во деновите таму.

Сведок сте и учесник во сите македонски транзициски етапи. Кога точно земјава ја испушти клучната шанса европски ментално да исчекори?

– Сѐ, главно, се случи што не можеше да се избегне во една или во друга верзија, освен диктатурата од 10 години која драматично ја уназади земјата. Политичката елита на првата транзиција до 1995 година беше супериорна во квалитет и одговорност и во регионални рамки, и Македонија од супертешка позиција на раѓање на независноста одеше мошне, мошне добро напред.

Гошев, Црвенковски, Андов, Георгиевски, Шекеринска, Бучковски, Груевски, Заев, сега Мицкоски, без кого ќе беше поарно да не се појавеше во македонската транзициска политика?

– Не можам да одговорам на ова прашање. Личностите се дел од времето и ги раѓаат премрежијата на политиката, и тоа е тоа.

Го напуштивте УКИМ, што се случи, Ве поразија ли „тетките“ оттаму?

– Не, туку не мислев дека треба да завршам со моите последни десетина години кариера таму без посебен предизвик. Во ФОН донесов добра млада екипа, ми беа отворени можности за реализација на моите идеи на реформа на правните и политичките студии и меѓународната соработка и проекти. Подобра плата, секако, и што можете повеќе да посакате ако мислите да работите и да создавате?

Универзитетска или политичка кариера, која, цените, досега Ви е поуспешна?

– Јас се дефинирам себеси како научник и професор, сѐ друго е прашање на временски предизвик, добар-лош, не можете секогаш да избирате. Важно е да оставите печат, резултати околу кои генерации ќе се вртат и премислуваат. Се надевам и ќе се гордеат.

Имате ли амбиција да се вратите на УКИМ, на голема врата можеби?

– На која голема врата Зоране, бре, биди сериозен, таму има само кепенци. Секако не!

А во политиката?

– Не, како активен политичар, но целиот мој опус е политика и наука за неа. Сѐ во нашите животи, во Македонија посебно, сиве овие години, е политика. Важно е да е добра, да се изроди нешто добро од неа. Да се успее таа да се стави на свое место, да се маргинализира и подобро да се организира, а да се ослободи граѓанскиот сектор и јавниот сектор од анархија и борба на симболични идентитети.

Вие и „лицето Б.Ц.“ со години го „шиткавте“ името и никако да го продадете. Бевте лоши трговци или…?

– Не знам што ти значи прашањето, но решавање на спорот, како и секој таков, доаѓа кога ќе му дојде време, не претходно. Да ве потсетам, истата идеја со името ја имаше Љубчо Георгиевски предвреме, па го изгазија како предавник. Значи, сѐ со време.

Кој или што Ве спречи со Грција да го решите спорот во деведесеттите, стравот за сопствената политичка кожа ли?

– Ти одговорив претходно, можам да додадам дека решавање ваков спор бара кумулација на три услова: меѓународен притисок, добар договор и одговорна политичка елита да преземе ризик. Тоа се вклопи за Преспа.

Можеше ли поинаку со Преспанскиот, побезболно, се утна ли во нешто?

– Преспанскиот договор е одличен договор. Само неписмен нема тоа да го види. Таму првпат експлицитно се признава македонски јазик согласно ООН, признаен е и македонски етнички идентитет со придавката „македонски“ (што сега за Бугарите е голем проблем, но ќе видиме).

Ова сега со Бугарија, јазикот и ЕУ, тука ли конечно ќе настрада идентитетот?

– Аман, бре, Зоране, Македонче, па Македонче, ако не настрада, не може во ништо да поужива. Ништо нема да настрада како што со Преспа видовме не настрада, туку се засили. Не можеме да плачеме што нѐ предизвикуваат. Ќе се бориме и избориме за сѐ што ни припаѓа. Мислам дека и Бугарите се согласни, јасно, со изјавите за прифаќање на сегашниот македонски народ и македонски јазик! Така, нели? За историјата ќе водиме долги и интересни дискусии и борби. Без страв и паника, молам!

Го прочитавте ли Денко Малески за бугарската база на македонското етноткиво и за етнокарактерот на македонските партизани?

– Денко кажал што мислел, немам што да коментирам и додавам.

И?

– Што и?

Македонската политика го прошета македонскиот идентитет од Илинден преку Коминтерната до антиката и назад. Каде е сега тој реално, на која точка на колективното етничко и национално самопрепознавање?

– Ние сме Македонци, со македонски јазик (признат како јужнословенски јазик) и што повеќе? Што не е јасно? Со независна држава што се вика Република Северна Македонија. Една убава држава на јужниот Балкан.

Има ли унитарна перспектива Северна Македонија и под кои околности? Се албанизира ли земјава?

– До каде и до кога со македонските стравови и блокади. Изгубивме многу време и нѐ испобрука таа логика. Малку повеќе заслужена самодоверба не би штетело. Она што е дефинирано со Уставот е реализирано глобално, и така ќе остане.

Првиот современ македонски левичар, а буржуј. Каде исчезнаа пурите, пеперушките, рејбанките на професорот и министер Фрчкоски?

– Јас се трудам да изгледам добро, не нужно младо или денди.

Макар рекреативно, спортувате ли нешто, возите велосипед или и тоа го заборавивте?

– Велосипед возам отсекогаш, сега возам еден убав „пинарело онда“ секогаш кога можам.

УДБА, УБК и наследените структури, во јавноста е раширено дека оттаму се  главните креации за дизајнот на тридецениската македонската политичка сцена. Мит или реално политичко подземје?

– Како да не, тоа некое Македонче, пикнато во дупка и не сака оттаму да излезе, така го замислува светскиот и македонскиот заговор и голгота.

Џезот, Ве држи ли уште таа музичко естетска матрица?

Џезот е сѐ понекогаш.

Пролетва помина уште една Прочка, со Андов до каде сте?

– Андов одлеп..! Му направив попис на имотот во Кавадарци!

На претстојните избори ќе победи Заев, Мицкоски, или изборниот епилог ќе ги турне и двајцата, па и сите во влада?

– Зоран Заев!

НАТО е завршена приказна, доволно ли е за безбеден опстој на земјава, зашто Алијансата не е гаранција за нејзините внатрешни состојби?

– Лесно е да се каже завршена приказна. Крв проплукавме да биде така. Дел од политичката елита во Македонија сеир гледаа и држеа „ручна“ на тоа прашање, загледани во Русија и Србија. За нас НАТО ни е вазна однатре за релаксација на меѓуетничките односи, а не само однадвор, за „одбрана од напад“. Трето, НАТО внесува структура на организација која влијае врз државата да се самоорганизира според стандарди и, конечно, внесува намалување на ризикот за економски инвестиции. Значи, тоа е ЈАКА ЗАВРШЕНА ПРИКАЗНА.

 

The post ИНТЕРВЈУ Љубомир Фрчкоски: СДСМ ќе истера уште еден мандат appeared first on Слободен печат.

Слични објави

Франција ја забрани продажбата на Ајфон 12, поради преголемо зрачење

Еспресо

Небото ќе го осветли Нишимура, феномен кој се случува еднаш на 435 години: Вечерва поминува кај нас

Еспресо

(Видео) По слетувањето на Месечината, Индија лансираше ракета за проучување на Сонцето

Еспресо

(Видео) Само 24 пилоти имаат дозвола да слетаат на аеродромот во Бутан

Еспресо

„Зум“ ги враќа своите вработени назад во канцеларија

Еспресо

Среќник од Германија доби 10 милиони евра на „Евроџекпот“

Еспресо
Се вчитува....