Во една сосема поинаква атмосфера од денеска започнува новата учебна година во земјава, која како резултат на пандемија со коронавирусот во земјава во најголем дел ќе се одвива онлајн. Учениците до трето одделение ќе посетуваат физичка и онлајн настава, но сите други, со исклучок на некои средни училишта кои добија дозвола за настава со физичко присуство, ќе следат исклучиво онлајн настава.
Во Македонија за првпат е промовирана Национална платформа за настава на далечина, преку која учениците и наставници ќе можат да одржуваат онлајн часови. За тоа како ќе функционира оваа платофрма, како наставниците, но и учениците ќе функционираат со помош на неа, поразговаравме со докторот по науки за методика во онлајн настава Николче Шулевски, кој е и еден од националните обучувачи во земјава.
Господине Шулевски во Македонија за првпат се воведува Национална платформа за далечинско учење, колку е ова значајно и колку ќе го промени образовниот систем во земјава, што сè добиваме благодарение на оваа платформа?
– Националната платформа за учење на далечина е новост во нашиот образовен систем и се дели на два сегменти – едниот сегмент е платформата за аудио и видео комуникација, а тоа е Мајкрософт Тимс, преку која што наставниците воспоставуваат контакт со учениците, додека самото учење се спорведува преку Националната платформа за учење која што е веќе достапна на страницата Ims.schools.mk. Овој нов начин на изведувањe на образование во нашата земја секако дека ќе доведе до голем број на промени, овој начин на учење е веќе широко распространет во светот и чест и задоволство ми е што токму во нашата земја се воведува оваа платформа и што нашиот образовен систем ќе биде еднобразен, односно сите наставници ќе користат една алатка за аудио и видео комуникација, додека образовниот дел ќе се одвива преку Националната платформа. Јас сум национален обучувач и имам големо искуство со примената на онлајн наставата во нашето образование и имам само пофални зборови за сето она што се случува кај нас. Можам само да ги поттикнам наставниците да го истражуваат, полека да се навикнат на овој начин на изведување на образовниот процес во нашата земја, бидејќи онлајн наставата е иднината на образованието.
Вие бевте еден од националните обучувачи, како помина тој процес и колку наставниците, посебно оние повозрасните кои не се интернет-генерација, успеваат да се прилагодат на платформата и да работат преку неа?
– Јас сум еден од триесетте национални обучувачи во нашата земјата. Најпрво ние како национални обучувачи имавме многу квалитетни обуки, добро се подготвувавме, спремивме голем број на презентации, видео упатства и материјали, додека нашето знаење го пренесовме на околу 1.600 училишни обучувачи на ниво на целата земја, кои понатаму нивното знаење го пренесоа кон своите наставници. Можеме слободно да кажеме дека се изврши една квалитетна обука на сите три нивоа – и за националните обучувачи и за училишните обучувачи, а секако дека тие ги пренесоа сите знаење до своите наставници. При обуката детално им се објаснуваше на наставниците како да ги користат алатките, како да поставуваат материјали, како да го користат Мајкрософт Тимс и како генерално да ја спроведуваат онлајн наставата. Морам да истакнам дека кај наставниците наидовме на голем интерес, без разлика на тоа дали се помлади или повозрасни, без разлика дали имаат поголеми или помали информатички компетенции. Сметам дека тие добро се снајдоа во обуките и дека добро се снаоѓаат со изведување на наставата, затоа што пред се ова е новина во образовниот процес и ќе треба и наставниците и учениците, но и родителите и целото општество да се навикне на овој тип на настава.
На почетокот од тестирањето на платформата се појавија и првите проблеми. Дали сметате дека постои опасност националната платформа да не го издржи тестот, кој е ризикот доколку дојде до нејзин целосен пад и дали постои таква можност?
– Самиот збор тест период кажува дека во тој период се тестира платформата, а јас како експерт би кажал дека во тест периодот се тестира дали таа ќе функционира, односно дали платформата има доволно ресурси, дали е поставена на доволен број на сервери, односно дали системот којшто се изработи од страна на МОН, Бирото за развој на образование и ФИНКИ, ќе го издржува сето тоа. Нормално дека за време на тест периодот имаше паѓања и недостапност на платформата, но тој период е наменет токму за тоа. Јас би рекол дека е добро во самото тестирање да се прикажат тие пречки и се надевам дека во следните периоди сите тие пречки, недостатоци и мани ќе се отстранат и платформата ќе биде целосно функционална. Платформата која моментално се инсталира и воведува во нашата земја е најголема платформа во светот. Официјално, најголемата платформа во светот, Мудл, е направена во 2012 година во Република Австрија и таа има 230.000 корисници. Ако направиме споредба на таа платформа со 230.000 корисници со нашата платформа која ќе брои 300.000 корисници, слободно можеме да кажеме дека во Македонија во моментов се инсталира најголемата платформа во светот за онлајн настава. И оттука доаѓа тој тест период кој е намерно креиран сегмент за да се откријат сите аномалии за да може таа платформа во иднина успешно да функционира. Јас како ескперт тврдам дека платформата е многу квалитетна, многу добра, односно одлична алатка за изведување на онлајн настава. Ако е добро поставена и ако има добри ресурси ќе носи навистина одлични квалитети, а овој тест период води токму кон подобрување на платформата. Имаме одличен тим од експерти од факултетот на ФИНКИ и сите првични недостатоци и проблеми кои се појавуваат верувам дека тие брзо ќе ги отстранат.
Каква содржини нуди платформата и што е она што учениците првично треба да го знаат за неа, кои се основните работи кои најпрво треба да ги научат кога за првпат ќе го одржат првиот официјален час преку неа?
– Платформата не е наменета само за еден вид на образование, на пример само за основно, само за средно или само за високо образование, таа е универзална алатка која со одредени приспособувања може да се користи за кој било тип на настава. Активноста „задача“ која ја користи платформата може да се користи за училишна задача или за домашна задача. Потоа доаѓа активноста „квиз“, која може да се користи за изучување нов материјал, за повторување, за вежбање, може да се користи во сите фази на часот, а и при спроведување на тест и писмена работа. Кога сме веќе кај учениците сакам да го истакнам следното, а тоа е дека во платформата има улоги – Улога на администратор, улога на менаџер, улога на наставник и улога на ученик. Сите овие улоги имаат различен пристап на платформата. Наставникот уредува, поставува материјали, активности и ресурси, додека пак ученикот нема право да уредува. Учениците во овој процес од традиционален во онлајн вид на настава најлесно ќе се прилагодат, затоа што тие имаат доста добри информатички компетенции и затоа што платформата е многу лесна за користење со многу едноставно мени и многу прифатлив интерфејс за работа. Потребно е ученикот само да се најави, да пристапи до својот предмет и директно има пристап до своите материјали за учење. Со еден клик ученикот директно се поврзува до Мајкрософт Тимс со својот наставник или професор. За учениците е многу едноставно и многу лесно. Секако дека и на нив ќе им треба време за прилагодување, но иднината на наставата, не само кај нас, туку и ширум светот е во онлајн учењето. Ова ние што го правиме во нашата земја сега со забрзано темпо и тоа го оправдувам, бидејќи во цел свет по појавата на ковид-19 имаше проблеми со наставата.
За крај, сакам да ги охрабрам сите наставници, сите професори, сите ученици, но и сите родители дека овој вид на настава е навистина квалитетен, навистина добар и дека е потполно квалитетен како и класичната настава, а дури можеби, затоа што ќе им биде доста интересен на учениците, можеме да речеме дека ќе биде и поквалитетен од класичната настава, затоа што учениците ќе бидат позаинтересирани да учат, ќе имаат пристап до материјалите 24 часа, ќе се поттикнуваат на тој начин кон поинтересна настава, кон поинвентивна настава, а и самиот наставник ќе се потруди да го направи часот поинтересен, преку многуте достапни алатки кои се на располагање. Во класичната настава учениците секогаш се ограничени на оние ресурси коишто во моментот ги има во училницата, па поради ова велам дека онлајн наставата може да биде поквалитетна и подобра од класичната.
The post ИНТЕРВЈУ д-р Николче Шулевски: Националната платформа нуди квалитетна настава која може да биде подобра и од класичната (ВИДЕО) appeared first on Слободен печат.
ИНТЕРВЈУ д-р Николче Шулевски: Националната платформа нуди квалитетна настава која може да биде подобра и од класичната (ВИДЕО) was first posted on октомври 1, 2020 at 8:53 am.