-2.2 C
Скопје
19:34 - 22 декември, 2024

И Трамп и Шилегов го имаат истиот проблем

Не е мала работа што Светскиот економски форум во Давос годинава решил да се занимава со проблемот на деградацијата на животната средина. Како и секоја година, таму е собран „кремот“ на глобалниот капитализам и на оние кои аспирираат да се нурнат што подлабоко во тој „крем“, што значи дека главните виновници за алармантната состојба со природата во светот се лоцирани на неколку десетици квадратни километри во едно, инаку, подзаспано селце во Швајцарија во преостанатите 360 денови од годината.

Целата ситуација во Давос може најдобро да се отслика преку епскиот судир на отворена сцена, пред очите на светската јавност, помеѓу „Давид и Голијат“: од една страна, онаа мала, прозрачно бледичка и по малку патетична, но неверојатно енергична и решителна шведска тинејџерка Грета Тунберг; наспроти нејзиниот архи-непријател, во физичката појава на „бела мечка“ со тапирана фризура и црвена вратоврска обесена еден метар околу вратот, американскиот претседател Доналд Трамп.

На дрскоста на Тунберг, чијшто речник ескалира во секоја наредна прилика, која на собраната бизнис и политичка елита им порача дека „нашата куќа е во пламен, а вие со вашата инертност само ги засилувате пламените јазици од час во час“, Трамп одговори со нескриен цинизам, повикувајќи ги капиталистичките лидери да не ги слушаат „претскажувачите на крајот на светот“, споредувајќи ги современите климатски активисти со „апокалиптичари“ и „радикални социјалисти“ кои лажно предвидуваа експлозија на светското население во шеесеттите и масовна глад во седумдесеттите години од минатиот век.

И тоа е тоа. Во Давос ќе има уште малку сликање и позирање, ќе се произведе и по некоја аферичка (како опскурната приказна во еден локален швајцарски весник дека пред некој ден од таму биле протерани двајца руски дипломати кои, наводно, местеле уреди за прислушување на разни локации), ќе има многу нови бизнис зделки и капиталистички заговори зад затворени врати, па сите ќе си појдат по дома, за да се посветат на зголемување на профитите кои ќе треба да се произведат и оваа година.

Но, самиот факт што и Светскиот економски форум морал да ја посвети својата годишна конференција на темата за општата состојба со животната средина говори многу. Од таа тема, којашто за само неколку години буквално „експлодира“ во глобални рамки, веќе нема бегање.

Не треба човек да оди подалеку – погледајте го, на пример, вниманието со кое се следи приказната за скопската „Дрисла“ и за шокот во јавноста со која се проследија цифрите за увезен отпад во Македонија во изминатите десетина години, кои изгледаат неверојатни!

Ајде милиони тони донесен отпад од Италија, преку Бугарија, или од други европски земји, таа шема уште и ја разбирам; но, какво ли ѓубре во илјадници тони сме увезле, по ѓаволите, од Пакистан!? Неколку пати сум бил во тој Пакистан, земја со 218 милиони жители и со респектибилен арсенал од нуклеарно оружје, и слободен сум да ве известам дека, по слободна проценка, нема таков отпад што таму не може да се обработи или да се фрли по депонии (помалите се со големина на Скопје), или макар преку границата со Авганистан (под услов да го преживеете транспортот преку ФАТА регионот на талибанските племиња).

Којзнае, можеби има некаква логика во тоа за која ние, неупатените и наивни, не сме дораснати… Да не е нешто останато зад оној ебиветар Александар Велики, па сега ни го враќаат?

Но, го гледам и Петре Шилегов, објавувајќи ја радосната вест за скопјани дека „Дрисла“ се враќа под управување на Градот, како внимателно најавува дека нема намера да се бави со „минатото“ на депонијата и дека го интересира само нејзината иднина.

Исправно. Петре мора да си вика, ако вмровциве десетина години правеле милионски профити обработувајќи ѓубре, зошто таа убава традиција да се поремети со „гледање наназад“, кога може да се продолжи со „гледање нанапред“?

Е, тука доаѓаме до онаа мала, наметлива, иритантна Грета Тунберг: можеби пред три или пред пет години отпадот бил тема само за „добро упатени“ во бизнисот за броење милиони; денеска, од локалниве „Грети“ и слични климатско-еколошки активисти, нема да можете ни цигара да запалите во канцелариите на „Дрисла“, а да не ви се качат на глава за секое кило отпад што ќе ви помине низ капијата на депонијата…

Ете, тоа е придонесот на Грета Тунберг, со која и еден еколошки дибек како Трамп, сакал-нејќел, мора да се расправа.

The post И Трамп и Шилегов го имаат истиот проблем appeared first on Слободен печат.

Слични објави

Франција ја забрани продажбата на Ајфон 12, поради преголемо зрачење

Еспресо

Небото ќе го осветли Нишимура, феномен кој се случува еднаш на 435 години: Вечерва поминува кај нас

Еспресо

(Видео) По слетувањето на Месечината, Индија лансираше ракета за проучување на Сонцето

Еспресо

(Видео) Само 24 пилоти имаат дозвола да слетаат на аеродромот во Бутан

Еспресо

„Зум“ ги враќа своите вработени назад во канцеларија

Еспресо

Среќник од Германија доби 10 милиони евра на „Евроџекпот“

Еспресо
Се вчитува....