06:50 - 22 декември, 2024

И такви некои слични итромански глупости…

Некои работи со коронава ме оставаат збунет…

Ги гледам најновите статистики: Шведска е држава со десетина милиони жители, има близу 8.000 заразени и околу 600 починати… Во Данска, со 5.8 милиони жители, има 5.000 заразени и над 200 починати… Во Норвешка, пак, со 5.3 милиони жители, до сега се констатирани околу 6.000 заразени и 90-тина починати…

Не ме мрзеше – а и не знам зошто, деновиве за дембелеење некако имам екстра време по дома – седнав да ги прегледам вчерашните насловни страници (thepaperboy.com) на главните весници во овие земји (тарашкав малку со гугл-транслејт, а малку и со научниот одокативен метод). Констатирав една неочекувана, а по малку и запрепастувачка работа: темата за состојбата со вирусот ја нема во ниту еден ударен наслов на тамошните главни весници, нема ни видливо објавени бројки за заразени или починати, иако на едно-две места, онака патем, ја забележав фотката на британскиот премиер Борис Џонсон (претпоставувате зошто)… Уште повеќе, верувале или не, немаше објавена ниту една „болничка“ или „доктори-во-скафандери“ фотографија на дваесетината прегледани насловници!

Хмммммммм… Не знам што им се случува на тамошните телевизии (таму, секако, нема вечерни вести што траат по 30-40 минути, по кои следуваат општествено-политички дебатни ТВ-софри од по саат-два, паралелно на 5-6 канали!), а уште помалку знам што имаат по нивните инфо-портали и социјалните мрежи, но ако се весниците некаква мерка за состојбите, северњациве баш делуваат ладнокрвно како оптегнати пингвини на антарктичко ледено сонце!

Не се ова којзнае колку поголеми земји од Македонија (на пример, намерно не ја земав Холандија предвид, која со 17 милиони жители ми се виде „преголема“ за споредба со нас, а таму има над 20.000 заразени и повеќе од 2.100 починати), иако нивните здравствени системи се „небо и земја“ во споредба со нашите медицински капацитети. Па, сепак, дури и најповршно земено, во објективните споредбени податоци нашата земја, па и поголемиот дел од Балканот, воопшто, стои очигледно подобро со справувањето со вирусната криза. (Со неопходната додавка: до сега!)

Меѓутоа, овдешните општествено-политички дебати за состојбите со заразата, по сите можни платформи и медиуми, се на врвот од прстите и на работ од нервите, со комбинација на библиски и куплерајски речник, во кои цинизмот и омразата се како океан од киселина во кој се раствора и најдебел челик, а не пак здравиот разум на аргументите на неистомислениците.

Замислете каква би била атмосферата да имаме ние не 600 потврдени, туку три или четири илјади заразени; и не 30, туку 300 починати!? Претпоставувам дека по телевизиските студија би се одело на дебати со исукани јатагани, а надлежните епидемиолози барем вербално ќе ги бесевме по градските плоштади.

Се разбира, до некаде се неумесни овие општествени „дебатни“ споредби што се обидувам да ви ги понудам како докона ментална занимација. Па, не можат да се споредуваат баби и жаби, јаболка со портокали и нордијци со балканци… Нам крвта ни врие и кога се расправаме за временска прогноза, а не пак за прашања од омилениот кафеански домен за животот и смртта.

Ќе ни кажувал нам Филипче дома да сме седеле, вака било, така било! Мене татко ми дома не ме додржал, па не некоја корона таму – ти да седиш дома, суртук еден, јас и ако се гине, сакам слободен да умрам, утре да не ме заебава кој како ќе стигне! Што е, што ме гледаш?!…

И такви некои слични итромански глупости. Ма, што знаат Норвежани што е имунитет со пензионерско гнетење пред банка!

The post И такви некои слични итромански глупости… appeared first on Слободен печат.

Слични објави

Франција ја забрани продажбата на Ајфон 12, поради преголемо зрачење

Еспресо

Небото ќе го осветли Нишимура, феномен кој се случува еднаш на 435 години: Вечерва поминува кај нас

Еспресо

(Видео) По слетувањето на Месечината, Индија лансираше ракета за проучување на Сонцето

Еспресо

(Видео) Само 24 пилоти имаат дозвола да слетаат на аеродромот во Бутан

Еспресо

„Зум“ ги враќа своите вработени назад во канцеларија

Еспресо

Среќник од Германија доби 10 милиони евра на „Евроџекпот“

Еспресо
Се вчитува....