Повеќе од две недели откако граѓанската иницијатива „Да ја спасиме Попова Шапка“ побара државата да го стопира масовното узурпирање на Попова Шапка и бесправно градење објекти, ниту една институција не ги удостои со одговор што се презема за запирање на „интензивното бетонирање на Шапка од страна на градежната мафија“, како што се вели во дописот на оваа група граѓани.
– Се обративме и до Општина Тетово и до МВР, како и до Државниот инспекторат за урбанизам и до Јавното обвинителство, но од ниту една од нив сè уште немаме добиено одговор што преземаат и што ќе преземат за овој проблем, вели Хамди Сулејмани од иницијативата „Да ја спасиме Попова Шапка“.
Во дописот упатен до Општина Тетово и до другите институции, кон крајот на минатиот месец, граѓанската иницијатива наведува дека во моментов на Шапка се градат повеќе од 80 објекти на државно земјиште. Иницијаторите инсистираат комуналните градежни инспекторати да ги применуваат важечките закони и да не се спроведува никаква постапка за легализација на бесправно изградените објекти што се градени по 2011 година. Иницијаторите во дописот, исто така, бараат да не се дозволи продолжување на градбата за објектите за кои постои записник за прекин на градбата, велат од иницијативата и тврдат дека зад ова барање стојат многу жители, сопственици на викендички и на хотели на Попова Шапка.
Во дописот се наведува дека им се познати имињата што се поврзуваат со градежната мафија во Попова Шапка.
„Таа (градежната мафија) се состои од неколкумина сторители кои веќе му се познати на целото население и инвеститори во Попова Шапка кои управуваат и изведуваат работи без соодветни дозволи, лиценци и одобренија“, се вели во писмото на иницијативата „Да ја спасиме Попова Шапка“.
„Слободен печат“ побара став и информација од Општина Тетово, која има ингеренции во сферата на урбанизмот на Попова Шапка, за состојбата со дивоградбите во некогаш најатрактивниот зимски туристички центар во земјава. Сепак, и покрај дводневните упорни обиди за контакт, на ниту еден телефонски повик или испратен имејл од контактите што се наведени на официјалната веб-страница на Општината, не бевме удостоени со одговор. На страницата на Општина Тетово нема ниту една информација за активности поврзани со проблемите на Попова Шапка, од кои само еден од најгорливите е узурпацијата на државното земјиште и бесправното градење.
Од МВР добивме одговор според кој СВР Тетово континуирано постапува по пријави од граѓани, како и врз основа на свои контролни и други сознанија за узурпација на недвижности или за бесправно градење на Попова Шапка.
„Годинава, заклучно со денес, во СВР Тетово се изготвени и до Основното обвинителство Тетово се поднесени 2 поднесока (писмени известувања) поради основи на сомнение за сторени кривични дела ‘узурпација на недвижности’ и ‘бесправно градење’ во реонот на Попова Шапка и 1 поднесок за истите кривични дела во месноста Бањиче. Со првите два поднесока се опфатени исто толку сторители“, се вели во дописот од Министерството за внатрешни работи. Во истиот одговор се наведува и дека во 2019 година биле поднесени вкупно две кривични пријави за кривичните дела за кои станува збор, а кои се однесувале на Попова Шапка и со кои биле опфатени исто толку лица.
Попова Шапка е само дел од поширокиот регион на Шар Планина, кој треба да биде опфатен со заштита преку прогласување на национален парк. И додека Попова Шапка мака мачи со дивоградби, паралелно се одвива јавната расправа, која до крајот на месецов треба да резултира со конечно решение на идниот изглед и границите на опфат на Националниот парк Шара, со највисок степен на заштита.
The post Градежната мафија брза со дивоградбите пред Шапка да стане национален парк appeared first on Слободен печат.
Градежната мафија брза со дивоградбите пред Шапка да стане национален парк was first posted on септември 12, 2020 at 8:56 am.