Собранието денеска ја почна расправата за изборот на нова Влада. Пратениците ќе го разгледаат и дебатираат предлог составот на новата млада, на мандатарот Зоран Заев, по што тој треба да биде изгласан најдоцна до утре на полноќ.
Активностите во Собранието за седницата што беше закажана со почеток во 11 часот се одвиваат според протоколите за работа во услови на пандемијата со КОВИД-19.
За избор на владата е потребно просто мнозинство, односно 61 глас, а владината коалиција на СДСМ и другите партии од коалицијата „Можеме”, ДУИ и ДПА, во Собранието има парламентарно мнозинство од 62 пратеника.
Најголемата опозициска партија ВМРО-ДПМНЕ вчера најави дека ќе учествува на дебатата на собраниската седница за изборот на новата Влада и како што изјави партискиот портпарол Димче Арсовски ќе гласа „против”.
Бројот на министерски места во новата влада е намален за седум и сега ќе брои 19 министри и премиер.
Програмата и предлог-составот на новата Влада, мандатрот Зоран Заев до Собранието ги достави во средата. Покрај него како премиер, членови на Владата ќе бидат и Љупчо Николовски како вицепремиер за борба против корупцијата, Фатмир Битиќи – вицепремиер за економија, Никола Димитров – вицепремиер за европски прашања, Оливер Спасовски – министер за внатрешни работи, Радмила Шекеринска – министерка за одбрана, Бојан Маричиќ – министер за правда, Благој Бочварски – министер за транспорт и врски, Венко Филипче – министер за здравство, Мила Царовска – министерка за образование и наука, Јахода Шахпаска – министерка за труд и социјална политика и Ирена Стефоска – министерка за култура.
Дел од приоритетите на новата Влада, како што соопшти Заев се, трансформација на економијата за забрзан раст и повисок стандард, вложување во јавното здравство, намалување на стапката на сиромаштијата под 16 проценти со посебен акцент на детската сиромаштија, воведување на комунална полиција под ингеренции на локалната власт…
Министерство за земјоделство, шумарство и водостопанство ќе го води Аријанит Хоџа од Беса, предизборниот коалициски партнер на СДСМ, а Горан Милевски од ЛДП ќе биде министер за локална самоуправа и во новата Влада.
Артан Груби од ДУИ ќе биде прв вицепремиер и министер за политички систем, Бујар Османи – министер за надворешни работи, Фатмир Бесими – министер за финансии, Крешник Бектеши останува министер за економија, а Насер Нуредини министер за животна средина. За министер за информатичко општество и администрација е предложен Јетон Шаќири.
Во предлог-програмата на новата Влада предвидено е и намалување на привилегиите на јавните функционери со цел да се спречи злоупотреба на функцијата за лични цели, намалување на буџетските трошоци и зголемување на ефикасноста во вршењето на функцијата.
Предвремените парламентарни избори во Северна Македонија се одржаа на 15 јули. Поради состојбата со коронавирусот се гласаше три дена, под строги здравствени протоколи.
The post ГАЛЕРИЈА Почна собраниската седница за избор на нова влада appeared first on Слободен печат.
ГАЛЕРИЈА Почна собраниската седница за избор на нова влада was first posted on август 29, 2020 at 11:54 am.