Од среда, па во наредните 15 дена, ќе се примаат електронските апликации за бескаматните кредити од втората линија, наречена „Ковид 2“, а која се однесува за компаниите од сите дејности, со максимален број на 250 работници и со намален приход за 30 отсто во однос на истиот месец од претходната година, или пак во однос на просекот од претходната година.
Јавниот повик е објавен во петокот и компаниите треба да побрзаат да ја обезбедат неопходната документација наведена на официјалната страница на Развојната банка.
Бескаматната втора кредитна линија е во износ од 492 милиони денари, односно 8 милиони евра. Добиените пари треба да се вратат за 3 години со вклучен грејс период до 12 месеци, а отплатата на кредитот од страна на кредитокорисникот ќе се врши квартално.
Висината на кредитот ќе зависи од бројот на вработени, а формулата за средствата за кои се аплицира е многу едноставна: 14.500 денари помножено со 3 месеци и помножено со број на вработени. Но сепак, максималниот износ на одобрениот кредит не може да биде поголем од 5.535.000 денари, а минималниот износ не може да биде помал од 184.500 денари. Исклучок се претпријатијата до 5 вработени кои може да аплицираат за кредит од 184.500 денари и претпријатија со вработени од 128 до 250 вработени кои може да аплицираат за кредит за износ до 5.535.000 денари.
Она што може да се забележи од јавниот повик е дека за бескаматните кредити може да учествуваат и фирми каде што државата има удел, но ако тој е 49 отсто, или помалку.
Првата кредитна линија “Ковид 1“ изнесува 5,7 милиони евра и се однесува само на компаниите од секторите туризам, угостителство и транспорт. Во петокот, директорот на Развојната банка Кире Наумов, рече дека според дотогаш разгледаните апликации условите за кредит ги исполниле 584 компании со повеќе од 5.000 вработени, а вкупниот износ на кредит за овие фирми е 4,4 милиони евра, што значи дека има уште апликанти и уште расположливи пари. Но, тој исто така рече и дека многу компании кои не биле од секторите за кои се однесуваше првата линија, аплицирале тогаш и затоа ги повика да поднесат документи за втората линија, која е за сите дејности.
The post Фирмите да побрзаат со прибирање документи: Од среда електронски се аплицира за бескаматните кредити appeared first on Слободен печат.