-0.2 C
Скопје
23:32 - 23 ноември, 2024

Фајронт за бизнис балот под маски

Во средината на март Владата, меѓу другото, ги замрзна и цените на медицинските маски и ракавици. Но, под изговор „итно“ многу институции ја искористија вонредната состојба и масовно вршеа јавни набавки со драстична разлика во цените. Ретките предупредувања дека нашите пари не се трошат рационално, поминаа бегло во паниката да се спаси „жива глава“. И така јавните набавки си минуваа(т) мазно, речиси незабележано и без одговорност.

Здравјето е најголемото богатство и не треба да се жалат пари кога тоа е во прашање. Со таков благослов, за една ракавица се плаќало од 1,8 денари до 9,32 денари, а заштитен скафандер чинел од 177 до 1.156 денари (којзнае, можеби се подготвувале за пат кон Месечината). Државните установи трошеле по над еден милион евра месечно за итни набавки во услови на корона криза. Центарот за граѓански комуникации (ЦКГ) утврдил дека од март до август во 68 проценти од склучените договори е прекршен законот.

Забележано е дека договорите не се јавно објавени во определениот рок, за секој трет договор се преговарало со еден понудувач, нема прецизен опис за производите што се набавени, а цените за ист производ се значително различни. За шестмесечните јавни набавки се потрошиле над 6,7 милиони евра, а една третина од нив отпаѓа на МВР. Следат Министерството за здравство, Клиниката за трауматологија, Градската болница „8 септември“ и МАНУ.

Ова е трет извештај на Центарот во врска со итните јавни набавки поврзани со заштита од коронавирусот. Меѓу наодите може да се прочита и тоа дека 43 отсто од вредноста на сите тендери им припаднала само на пет фирми, иако вкупно 186 фирми добиле тендер поврзан со коронавирусот.

По сето ова, јасно е дека во последните месеци повеќе институции ја искористија можноста за засилени, интервентни набавки по пат на преговори, без објава. Ако на крајот на годината нема некоја посебна ревизија, тогаш граѓаните воопшто и нема да знаат за колкави суми се работи. Тоа е веќе проблем. Секако дека, со оглед на ситуацијата, немало шанси да се спречат ваквите набавки, но треба да се знае колку пари се трошат и дали сето тоа навистина било потребно. Експертите од ЦГК имаат клучна препорака за следниот период – да нема итни набавки. Според нив, јасно е дека кризата ќе трае, па институциите треба навреме да се подготват за периодот што следи. И, за да нема сомнеж во начинот на кој се трошат народните пари, важно е институциите да објавуваат тендери врз основа на истражување на пазарот. Да ги објавуваат договорите што ги склучиле, детално да ги опишуваат производите, да ги објавуваат цените… Сѐ со цел да се види дали е направен вистинскиот избор за потрошените пари.

Неодговорноста и нетранспарентноста, за жал, се покажуваат во зловреме. Последиците од несоодветно реализираните јавни набавки, во крајна линија, паѓаат на товар на граѓаните, бидејќи се во прашање институции, кои претежно се финансираат со наши пари, граѓаните се и корисници на тие услуги.

Регионот „зовре“ од  итни набавки на заштитна опрема или респиратори, како на пример во БИХ. Голема врева се крена и околу набавката на огромни количества заштитна опрема за Институтот за јавно здравство на Србија, која ја изврши туристичка агенција! Словенечкиот министер за внатрешни работи Алеш Хојс во јуни поднесе оставка поради малверзации при набавката на заштитна опрема. Во земјава засега нема никакви санкции, а за да биде поголема иронијата, ниту вирусот си замина, ниту сме позаштитени, ниту поздрави.

The post Фајронт за бизнис балот под маски appeared first on Слободен печат.


Фајронт за бизнис балот под маски was first posted on октомври 6, 2020 at 9:00 am.

Слични објави

Франција ја забрани продажбата на Ајфон 12, поради преголемо зрачење

Еспресо

Небото ќе го осветли Нишимура, феномен кој се случува еднаш на 435 години: Вечерва поминува кај нас

Еспресо

(Видео) По слетувањето на Месечината, Индија лансираше ракета за проучување на Сонцето

Еспресо

(Видео) Само 24 пилоти имаат дозвола да слетаат на аеродромот во Бутан

Еспресо

„Зум“ ги враќа своите вработени назад во канцеларија

Еспресо

Среќник од Германија доби 10 милиони евра на „Евроџекпот“

Еспресо
Се вчитува....