Кинескиот претседател Си Џипинг изјави дека новиот коронавирус, кој рапидно се шири во Вухан, е „демон“ што мора да биде поразен, но водечките експерти не се согласуваат за тоа колку време ќе биде потребно за конечно да се стави под контрола болеста.
Џон Наншан, специјалист за респираторни болести, кој одигра клучна улога во борбата на Кина против епидемијата на сериозниот акутен респираторен синдром (САРС) во 2002-03, смета дека стапката на ширење на вирусот би можела да го достигне својот максимум на почетокот на февруари.
-Мислам дека својот максимум коронаворусот ќе го достигне за седум до десет дена, после тоа нема да има поголемо зголемување на бројот на заразени лица- вели Џонг.
Тој, исто така, оцени дека кинеските напорите за рана детекција и изолација на Кина се исправни.
– Откако ги направивме овие две работи, прилично сме сигурни дека ќе спречиме ново ненадејно зголемување на бројот на заболени пациенти … САРС траеше скоро пет-шест месеци, но не верувам дека новиот коронавирус ќе преживее толку долго – рече тој.
Од друга страна, Габриел Лиунг, декан на Факултетот за медицина на универзитетот во Хонгконг, во понеделникот изјави дека истражувањето покажало дека болеста веќе лесно се пренесува од лице на лице во сите поголеми градови во Кина и предупреди за опасност од пандемија.
-Ние мора да бидеме подготвени, оваа специфична епидемија може да стане глобална- рече тој, повикувајќи ја владата на Хонгконг да воведе „значајни и драконски мерки“ за спречување на движењата на населението.
Гао Фу, директор на кинескиот Центар за контрола и спречување на болести, вели дека е „оптимист“ и верува дека „пресвртница“ со епидемијата би можела да дојде на 8 февруари.
-Ако се придржуваме до сегашните мерки, ситуацијата би можела да се подобри во блиска иднина- рече тој. Според негова проценка, тоа би можело да се случи пред осми февруари.
Џон Едмундс, професор на Институтот за хигиена и тропски болести во Лондон, кој е специјализиран за развој на модели на заразни болести, смета дека „никој не може да предвиди точно кога болеста ќе го достигне својот максимум“, но не верува дека може да се случи пред април или на мај.
Професорот и епидемиолог на Универзитетот во Колумбија, В. Ијан Липкин, на прашањето кога очекува да достигне максимум епидемија од корона вирусот или да се забави ширењето на инфекцијата, одговори:
– Немам кристална топка.
The post Експертите откриваат кога смртоносниот коронавирус ќе го достигне својот максимум appeared first on Слободен печат.