2.8 C
Скопје
00:34 - 24 декември, 2024

Две сценарија за коронавирусот

Многумина се чудат како можам да сум воздржан кога пишувам и зборувам за оваа пандемија. Тоа е исто како кога деминер лежерно шета по мински полиња. Тој знае нешто за деминирањето, а вие, шетајќи сами низ минско поле, си мислите дека секоја секунда е последна. Епидемиологот не се плаши од епидемија затоа што тој знае дека секоја епидемија може ефикасно да се потисне, тоа е само прашање на преземање драстични мерки. Ако ситуацијата се влоши, имаме барем уште неколку безбедносни мрежи што можеме да ги активираме.

Ако сакаше, Хрватска можеше да стане „светски шампион“ во борбата против ковид-19. За помалку од два месеца би можеле да ја прогласиме Хрватска за зона без коронавирус. Вкупниот број случаи веројатно не би надминал 1.000, а бројот на починатите би бил многу мал. И затоа сите дебати за сериозноста на симптомите на ковид-19 и на грипот, затоа што тоа не е она што првенствено го загрижува епидемиологот. Нему му е важно да ја сузбие епидемијата. Секоја епидемија ќе биде на пат на истребување кога секое заразено лице ќе инфицира во просек помалку од една здрава личност. Исто така, ќе биде на пат на експоненцијално ширење кога секое заразено лице ќе заразува повеќе од една здрава личност.

Без антиепидемиски мерки, овој нов коронавирус се шири од секое заразено лице на најмалку 2,2 нови здрави субјекти, претежно во фаза на инкубација, додека заразеното лице сè уште не покажува симптоми. Сè што треба да се стори е тој број да се намали на под 1,0 и епидемијата полека ќе се гаси, што може да се постигне со строг карантин.

За епидемиологот, поопасна е болеста од која ќе умрат повеќе луѓе оваа година, без оглед какви симптоми имаат пред да умрат, тоа толку не го интересира. Ако навистина сакаме, вирусот можеме да го сузбиеме и контролираме со строги карантини, како што тоа го направија Кинезите, кои се една шестина од светската популација – помалку од 3.200 смртни случаи досега на милијарда и четиристотини милиони луѓе.

Значи, ако Хрватска денес решеше да биде „светски шампион“ во борбата против коронавирусот, би требало да ги примени следниве мерки за да се спречи ширењето на вирусот – ние ќе ги наречеме „екстремни леви и плански“ мерки:

– целосно затворање и контрола на сите свои граници, спречувајќи влез и излез;
– да ги прими сите хрватски државјани што сакаат да се вратат во Хрватска, но да ги стави во карантин најмалку 30 дена пред да бидат пуштени дома (толку траеше приближно најдолгата евидентирана инкубација);
– да нареди сите да останат во куќите и во становите наредните два месеца (време за кое сите заразени лица ќе се разболат и ќе ги заразат домашните, сè дотогаш кога вирусот веќе ќе нема на кого да „прескокне“ и да исчезне);
– би работеле само маркети и апсолутен минимум на јавни услуги (топлани, електрани, телекомуникации, ТВ и радио);
– дозвола само на најмладиот член на домаќинството да пазари еднаш на секои три дена (најмладиот, зашто децата се изложени на најмал ризик од умирање), притоа да носат маска и нараквици, и само доколку немаат симптоми;
– на сите постари лица соседите да им ги купуваат намирници и да им ги даваат со маска и нараквици;
– речиси сите пациенти да бидат третирани од мобилни медицински тимови што би доаѓале во домаќинствата со преносни респиратори. Треба да се настојува по секоја цена да се избегне приближување на заразените лица до болниците за да не се предизвикаат болнички епидемии, што би предизвикало многу повисока стапка на смртност;
– на банките, на мобилните оператори и на другите да се наложи да не наплатуваат рати од кредити во текот на тие два месеца, туку тоа да го наплатат со редовни рати во текот на следните 12 месеци;

Со вакви радикални мерки и потполно непропустливи граници, Хрватска би се ослободила од коронавирусот веројатно во рок од два месеца, со оглед на сегашната состојба, со вистински минимален број смртни случаи. Апсолутно е клучно да се спречи внесување на коронавирусот во неинфективни одделенија. Ова беше главната причина за ужасните бројки од појавата на епидемиите во Вухан и во Ломбардија.

Сепак, како и секоја интересна приказна, и оваа има неочекуван пресврт. Последиците од ваквите драстични мерки за националната економија ќе бидат катастрофални. Два изгубени месеци, пропаѓа туристичката сезона. Но, проблемот го имаат и другите. Затоа не треба да пречекуваме никого во Хрватска. И онака агонијата за економијата ќе продолжи цело лето.

Поради катастрофата во економијата, ќе се зголеми бројот на невработени и неликвидни, луѓето ќе се оддадат на алкохолизам, ќе бидат депресивни, ќе страдаат од несоница, браковите ќе се распаѓаат, ќе растат стапките на карцином и кардиоваскуларна смртност. Оние што ќе се спасат од коронавирусот, ќе страдаат од болести што ќе резултираат од нов бран сиромаштија и рецесија. Само што овие болести и смртни случаи нема да се случуваат пред камерите и никој нема да ги обвини властите за тоа. А за секоја смрт од коронавирусот ќе ги обвинуваат.

И двата исхода се, всушност, лоши. Но, со спречување на епидемијата, владините службеници ќе изгледаат покомпетентни, но никој подоцна нема да ги обвини за смртните случаи и проблемите што подоцна ќе се појават како резултат на рецесијата.

Вториот екстремен пристап може да се нарече „екстремно неолиберален“. Во моментов, Доналд Трамп можеби интензивно размислува за тоа, но и некои други земји. Поточно, да дозволат слободно да се шири вирусот. Притоа, бидејќи малку луѓе би биле тестирани за вирусот, да го минимизира бројот на смртни случаи што му се припишуваат на коронавирусот, особено кај многу стари луѓе. Би се согласил, можеби, до стапка на смртност до 1 отсто кај сите заразени, но тоа би ја спасило економијата и ќе го избегне оној „последователниот бран“ на смртни случаи. Бидејќи во ова екстремно сценарио, би умирале претежно постари. Ова, од некоја радикално неолиберална гледна точка, дури и ќе ги „засили“ пензиските фондови и здравствениот систем. Многу луѓе во најпродуктивна возраст за општеството би биле спасени.

Проблемот со овој пристап е, сепак, дека проценката на смртност треба да биде многу точна, односно да се „коцкаат“ со сигурноста што научниците ја имаат за таа стапка. Јас проценив дека таа е од 0,5 до 1 отсто, што е на работ на границата со која може воопшто да се разгледува таков пристап – дека бројот на загинати од епидемијата приближно би одговарал на проценетиот број на смртни случаи по рецесијата.

Можно е дека Трамп во моментов чека извештаи од американска почва за овие стапки на смртност и сака да има што поголема сигурност во нив. Ова е за него е како партија шах со Кина. Но, наиде на непредвидлива пречка, а тоа е дека нешто не е во ред со овој вид вирус во Италија. Можеби тоа е причината зошто Трамп нареди прекин на влезот на Европејците во САД, освен за Британците. Можеби има план да изгледа попаметен од кого било, но тој знае дека мора да биде сигурен оти „нивниот“ вирус во САД убива помалку од 1 отсто од заразените, а притоа може дополнително да се коцка со можноста вирусот да исчезне дури кон крајот на пролетта. Но, го мачи, како и сите нас, што никој не е сигурен во стапката на смртност на овој италијански вирус. Сепак, работите се малку посложени.

Сепак, најголемиот проблем на Трамп е реакцијата на медиумите и јавноста. Најлош можен избор би бил да се двоуми помеѓу овие две крајности. Погрешна би била одлуката да не прави ништо и да дозволи вирусот да се шири, а кога луѓето ќе почнат да умираат, под притисок од јавноста и медиумите, доцна да воведе карантин. Затоа што, тогаш, тоа би било катастрофа и за економијата и за јавното здравство. Многу луѓе би умреле, а карантините би траеле многу подолго, сè додека вирусот не исчезне.

Одлуката на нашите власти, но и на другите земји, ќе биде некаде помеѓу овие два екстремни пристапи. Мислам дека оваа втора екстремност станува сè поневеројатен избор поради интензивниот медиумски фокус на пандемијата. Ова е причината зошто многу европски земји сега гледаат едни на други и чекаат што и кога ќе се направи, затоа што тоа не е лесна одлука. Се надевам дека сега разбравте кои се тековните проблеми што се важни за луѓето што мораат да донесат одлуки во текот на следните два или три дена што ќе ги одреди животите на сите нас во наредните месеци. Две сценарија, 30 часа. Како во филм.

(авторот е експерт на СЗО во областа на истражувањата за глобалното здравје)

The post Две сценарија за коронавирусот appeared first on Слободен печат.

Слични објави

Франција ја забрани продажбата на Ајфон 12, поради преголемо зрачење

Еспресо

Небото ќе го осветли Нишимура, феномен кој се случува еднаш на 435 години: Вечерва поминува кај нас

Еспресо

(Видео) По слетувањето на Месечината, Индија лансираше ракета за проучување на Сонцето

Еспресо

(Видео) Само 24 пилоти имаат дозвола да слетаат на аеродромот во Бутан

Еспресо

„Зум“ ги враќа своите вработени назад во канцеларија

Еспресо

Среќник од Германија доби 10 милиони евра на „Евроџекпот“

Еспресо
Се вчитува....