14.8 C
Скопје
15:28 - 28 ноември, 2024

Договорот за 15 јули ја откочи зарибаната државна машинерија: Заев и Мицкоски оком, сите фактори скоком!

Штом се договорија лидерите на ВМРО-ДПМНЕ и на СДСМ за датумот за гласање, предвремените парламентарни избори експресно се уредија – претседателот Стево Пендаровски прогласи уште 8 дена вонредна состојба, спикерот Талат Џафери го измени решението за нивното распишување, а ДИК почна да го подготвува роковникот. Во тие осум дена, пак, здравствените власти прецизно ќе утврдат како да се одржат безбедни избори од здравствен аспект во услови на епидемија со коронавирусот.

Ова е епилогот од политичкиот договор што по неколку месеци преговарања, обвинувања и игри со нерви завчера го постигнаа лидерите на СДСМ и ВМРО-ДПМНЕ, Зоран Заев и Христијан Мицкоски, изборите да се одржат на 15 јули. Двајцата лидери по парламентарните избори изјавија дека очекуваат победа и премиерско место, а граѓаните очекуваат крај на несекојдневната состојба во која пандемијата ја начека Македонија, со распуштено Собрание и техничка влада, која наместо само да ги организира предвремените избори закажани на 12 април, го надмина својот мандат и во вонредната состојба три месеци носеше уредби со законска сила и други одлуки за борба со коронавирусот.

– СДСМ е одговорна партија, а на државата и на граѓаните им се потребни активно Собрание и целосно функционална политика влада за да ја дочекаме есента спремни, затоа што поголема криза од оваа не може да издржиме со техничка влада и без Собрание – рече Заев откако го соопшти договореното.

Мицкоски, пак, соопшти дека биле исполнети неговите барања за заштитата на здравјето на граѓаните и заштита на нивната избирачка волја и дека претходно не било, а сега „е прифатено ранливите категории граѓани да гласаат од дома“. Тој нагласи дека одлуката не била лесна и дека едната од двете опции, да одат на избори во редовниот рок, значело дека државата ќе продолжи да тоне.

– И во декември веќе и немаше да биде важно кој ќе биде во Владата, затоа што сѐ можеше да биде загубено. Државата тоне, а граѓаните страдаат. Или сега во овие сложени околности да тропнеме на маса и да кажеме дека време е за промени – рече Мицкоски по седницата на Централниот комитет.

Од Кабинетот на шефот на државата Пендаровски објаснуваат дека петтата одлука за вонредна состојба е донесена со цел да се овозможи непречена подготовка на изборите, а по постигнатиот договор на политичките партии.

„Претседателот очекува деновите од вонредната состојба да бидат искористени единствено за да се донесат неопходните одлуки и протоколи за организирање и спроведување на изборите, со акцент на мерките за заштита на јавното здравје“, соопштија од кабинетот на Пендаровски.

Претседателот на Собранието, Талат Џафери, вчера соопшти дека го потпишал изменето решение за распишување на предвремените избори на 15 април.

– Овие избори нема да бидат вообичаени затоа што нема да има вообичаена изборна кампања, а сите граѓани, поради ситуацијата со ковид-19, ќе мора да се придржуваат до мерките и препораките за заштита – изјави Џафери.

Решението е архивирано и пратено до ДИК, до Министерството за надворешни работи и до Министерството за правда, со што се запазуваат роковите за деновите утврдени во Уставот, информираше Џафери.

Договорот го поздрави и техничкиот премиер Оливер Спасовски, кој истакна дека тоа е првиот чекор кон организацијата на инклузивни, фер и демократски избори по примерот на европските искуства, кои треба да станат наша редовна практика.

„Владата ќе ги обезбеди сите неопходни услови и во оваа кризна ситуација поради ковид-19 институциите да подготват и да реализираат безбеден изборен процес од здравствен аспект“, напиша Спасовски на Фејсбук.

Претседателот на ДИК Оливер Деркоски вчера изјави дека Комисијата ќе го организира изборниот процес и ќе го ревидира роковникот откако од спикерот Џафери ќе го добие решението за распишување на  изборите.

– Имаме испланирани дејства за роковникот и штом ќе престане вонредната состојба, ќе одржиме седница на која ќе го усвоиме формално и ќе се предвидат останатите дејства до денот на изборите – изјави Деркоски за ТВ Телма.

Тој очекува здравствените власти да донесат протокол, кој ДИК ќе го преточи во упатства и инструкции до избирачките одбори. Според него, иако било објавувано дека постои таков протокол, до ДИК стасал само имејл со општопознати препораки за гласање.

– Едно е препорака што е незадолжителен документ, а друго е протокол или правилник од кој произлегуваат права, обврски и одговорности. Значи, ние бараме таков документ, во кој точно и прецизно ќе бидат наведени одредени постапки. Во она што го добивме на две страници како препораки, премногу воопштено се објаснува постапката. Впрочем, тоа е она што секојдневно го слушаме, а не прецизно објаснето како ќе се гласа кај лицата кои се, на пример, во карантин, како ќе гласаат тие на домашно лекување, во изолација… Треба точно да биде објаснето. Нашите избирачки одбори не се ниту епидемиолози ниту инфектолози за да можат точно да знаат како да се однесуваат – вели Дерковски.

Еден од проблемите со кои ќе се соочи ДИК е да обезбеди пристапни и пространи места за гласање за да се испочитуваат мерките за заштита и дистанца и да нема ризик од ширење на вирусот. Дерковски вели дека веќе проверувале кои гласачки места може со решение да бидат заменети со поголеми простории, а со оглед дека изборите ќе бидат во лето, гласањето може да се одвива и на отворено, особено во места со мал број гласачи, но да се внимава на тајноста на гласањето. Во училиштата ќе бидат искористени ходниците и спортските сали.

Ќе се гласа три дена, кај болните од ковид-19 ќе одат лекари

Кампањата ќе почне на 24 јуни и ќе трае 20 дена, а ќе се гласа три дена. На 13 јули (понеделник) ќе гласаат лицата што се во домашен карантин поради позитивен тест на коронавирусот и лицата на кои им е одредена мерка самоизолација. На 14 јули (вторник) ќе гласаат немоќните и болните лица според член 111 од Изборниот законик, како и хронично болните лица и останатите лица што гласаат еден ден пред изборите. На 15 јули (среда) гласањето ќе почне во 7 часот и ќе трае непрекинато до 21 часот.

Во општините во кои ќе се гласа во понеделник, во зависност од бројот на болните и оние во самоизолација, ДИК ќе формира еден или повеќе посебни избирачки одбори, составени од тројца здравствени работници кои ќе го спроведуваат гласањето, при што политичките партии имаат право да именуваат член во посебниот избирачки одбор.

Министерството за здравство за потребите на изборите ќе обезбеди заштитни маски, ракавици и друга потребна заштитна опрема за сите членови на изборните органи и средства за дезинфекција за секое избирачко место.

Николовски: СДСМ ќе води одговорна и безбедна кампања

СДСМ ќе води одговорна и 100 проценти безбедна кампања од здравствен аспект, рече вчера  генералниот секретар на СДСМ, Љупчо Николовски.

– 15 јули е денот кога одлучуваме кој ќе ги предводи институциите и кој ќе ја води државата. Ве повикувам да бидеме дисциплинирани и одговорни, да им помогнеме на здравствените работници, кои се на првата борбена линија. Кампањата почнува на 23 јуни и ќе трае до 12 јули на полноќ, кога настапува предизборниот молк. Ги откажуваме митинзите, големите собири и сите потенцијално ризични настани за да го заштитиме здравјето на нашите активисти, членови и на сите граѓани. Ќе бидеме со вас преку социјалните мрежи, медиумите, преку дигитални алатки и други канали. Заедно со граѓаните ќе извојуваме уште една победа за европска иднина – изјави Николовски.

The post Договорот за 15 јули ја откочи зарибаната државна машинерија: Заев и Мицкоски оком, сите фактори скоком! appeared first on Слободен печат.


Договорот за 15 јули ја откочи зарибаната државна машинерија: Заев и Мицкоски оком, сите фактори скоком! was first posted on јуни 17, 2020 at 7:45 am.

Слични објави

Франција ја забрани продажбата на Ајфон 12, поради преголемо зрачење

Еспресо

Небото ќе го осветли Нишимура, феномен кој се случува еднаш на 435 години: Вечерва поминува кај нас

Еспресо

(Видео) По слетувањето на Месечината, Индија лансираше ракета за проучување на Сонцето

Еспресо

(Видео) Само 24 пилоти имаат дозвола да слетаат на аеродромот во Бутан

Еспресо

„Зум“ ги враќа своите вработени назад во канцеларија

Еспресо

Среќник од Германија доби 10 милиони евра на „Евроџекпот“

Еспресо
Се вчитува....