8.8 C
Скопје
13:45 - 22 декември, 2024

До кога ќе се прогласуваат по 30 дена вонредна состојба? Во Собранието е лекот, но пратениците молчат

Најголемите политички партии во Македонија СДСМ и ВМРО-ДПМНЕ немаат проблем со новите 30 дена вонредна состојба што на 16 април ги прогласи претседателот Стево Пендаровски поради продолжената закана од коронавирусот, но помалите партии, граѓанските организации и поединци деновиве сѐ погласно бараат самораспуштеното Собрание итно да се состане и да ги исконтролира одлуките на Владата со кои значително се ограничуваат граѓанските права.

Откако Пендаровски пред пет дена ја презеде одговорноста и, при уставни недоречености, донесе нова одлука со која се утврди вонредна ситуација во период од 30 дена, се наметна прашањето уште колку вакви одлуки може да донесе претседателот? Односно дали на 16 мај ќе донесе трета ваква одлука за нови 30 дена, па во јуни четврта итн. и кога во Македонија ќе се одржат парламентарните избори?

Според Уставот, само Собранието може да одлучи за завршување на вонредната состојба, па се наметнува и прашањето кој пратенички состав и кога ќе донесе таква одлука, затоа што спикерот Талат Џафери инсистира дека актуелните пратеници повеќе немаат мандат, а изборите во вонредна состојба не е реално да се организираат. Од друга страна, и пикот на заразата во Македонија сè уште не е достигнат, а најавите за ограничување на движењето на старите лица до крајот на годината сугерираат дека вонредната состојба ќе потрае уште долго.

Вонредната ќе трае сѐ додека јавноста дава поддршка

Политичкиот аналитичар Петар Арсовски смета дека претседателот Пендаровски ќе може да ја прогласува вонредната состојба сè додека јавноста го поддржува.

– Не ја анализирам ситуацијата правно, туку политички. Во Уставот има недоречености околу прогласувањето и продолжувањето на вонредната состојба, која може да трае најмногу 30 дена, и Пендаровски ќе може да ја презема одговорноста да ја продолжува сѐ додека има широка поддршка за тоа. Јавноста ги поддржува преземените мерки затоа што бројот на заразени и починати од коронавирусот секојдневно расте и затоа „ќе му гледа низ прсти“ и ќе нема забелешки. Толку е голема оваа глобална здравствена криза што луѓето се согласуваат и со најстрогите мерки. Но, ако дојдеме до момент бројот на заразени да се намалува, а власта да се обидува да ја злоупотреби вонредната состојба, тогаш под притисок на јавноста, власта ќе го мери секој свој чекор и ќе внимава и на најмалата процедура, а вонредната состојба нема да може да се продолжува – вели Арсовски за „Слободен печат“.

Според него, ако претседателот не прогласи вонредна состојба по третпат во мај, состојбата во земјата ќе се врати на истата правно-политичка ситуација каква што беше пред да биде прогласена на 18 март.

– Тоа значи дека изборниот процес ќе продолжи онаму каде што прекинал. Ние бевме на неколку денови пред почеток на предизборната кампања, со заклучени кандидатски листи, завршена ждрепка за редослед на гласачкото ливче итн. Ако се посака да се одложат изборите за да се добие време во кое ќе се анализира однесувањето на Владата во вонредната состојба, тогаш изборите мора да бидат поништени, па сѐ да почне од почеток, а за тоа треба да се свика Собранието. Но, ако се укинат изборите, тогаш на сцена ќе се врати претходната политичка влада, наместо сегашната техничка – вели Арсовски.

Тој смета дека претседателот не го крши Уставот туку наоѓа начин да донесе одлука во услови на уставни недоречености.

Помалите партии бараат итна собраниска седница

Твоја партија ги повика пратениците да се вратат во Собранието и да ја преземат контролата над извршната власт.

„Ги повикуваме да се произнесат во врска со продолжувањето на вонредната состојба. Твоја партија го повикува претседателот да не дозволи натамошно кршење на Уставот со пролонгирање на вонредната состојба надвор од уставните одредби“, апелираа од неодамна формираната партија.

Твоја партија потенцира дека во Упатствата од Советот на Европа доставени до Македонија е наведено дека „продолжувањето на вонредната состојба и нејзината потреба треба да бидат предмет на контрола од Парламентот“ и според тоа, не постојат ниту правни ниту други причини поради кои не може да функционира Собранието.

„Според Уставот, Деловникот, Законот за Собранието и Законот за пратениците, мандатот на пратеникот трае од моментот на верификација до верификацијата на новоизбраните пратеници или до моментот на исполнување на некој од законските услови за негов престанок. Самораспуштањето на Собранието не е идентификувано како основа за губење на мандатот. Ова Собрание може да се смета за Собрание во оставка, кое мора да ги извршува клучните задачи што му припаѓаат“, соопштија од Твоја партија.

Партијата Демократски сојуз предложи претседателот, Владата и најмалку 20 пратеници да побараат да се свика итна собраниска седница, на која ќе се расправа за вонредната состојба и потребата од продолжување.

„Парламентот треба да отвори и сериозна расправа за издржаноста и оправданоста на мерките за борба со коронавирусот и подготовките за нивното олабавување, за враќање на животот во нормала, за заштитата на човековите права и сл. ДС укажува дека Собранието е во постојано заседание и не постојат уставни и законски пречки да се свика Парламентот, но политички постојат, поради тоа што голем дел од актуелните пратеници не се на кандидатските листи за пратеници. Можеби е тоа мотивот за блокада на Парламентот. Инаку, нема никаква основа Талат Џафери и натаму да се спротивставува да свика седница“, соопшти ДС.

Собранието итно да ја исконтролира Владата

Собранието мора повторно да се состане за да констатира дали постојат услови за вонредна состојба. Оваа одлука мора да ја донесе законодавното тело кое го претставува суверенитетот на граѓаните, соопшти Институтот за демократија „Социетас цивилис“.

„Вонредната состојба не одредува конкретни мерки, туку нуди основа за постапување на Владата во која има широки можности што носат и големи ризици. Во последниот период, Владата носи уредби со законска сила, кои ограничуваат права на граѓани како мерки против епидемијата. Во такви услови граѓаните заслужуваат нивните претставници да се вклучат во носењето на одлуките, како контратежа на извршната власт, за да се обезбеди дека секое ограничување на правата е резултат на крајна нужност, но и дека постојат механизми за контрола. Собранието треба навремено да реагира и да спречи можни повреди на човековите права, злоупотреба на службена должност од извршната власт и да обезбеди владеење на правото. Станува збор за елементарен принцип на поделба на власта, кој мора да биде испочитуван за да не настане преседан за идни недемократски тенденции“, соопштија од граѓанската организација.

Според нив, Собранието може да се состане затоа што Уставниот суд во 2016 година утврдил дека пратениците не можат повторно да заседаваат по одлуката за самораспуштање, освен во услови на воена или вонредна состојба. Во услови на физичко дистанцирање и забрана за собирање во групи Собранието може да заседава онлајн.

The post До кога ќе се прогласуваат по 30 дена вонредна состојба? Во Собранието е лекот, но пратениците молчат appeared first on Слободен печат.

Слични објави

Франција ја забрани продажбата на Ајфон 12, поради преголемо зрачење

Еспресо

Небото ќе го осветли Нишимура, феномен кој се случува еднаш на 435 години: Вечерва поминува кај нас

Еспресо

(Видео) По слетувањето на Месечината, Индија лансираше ракета за проучување на Сонцето

Еспресо

(Видео) Само 24 пилоти имаат дозвола да слетаат на аеродромот во Бутан

Еспресо

„Зум“ ги враќа своите вработени назад во канцеларија

Еспресо

Среќник од Германија доби 10 милиони евра на „Евроџекпот“

Еспресо
Се вчитува....