7.8 C
Скопје
09:04 - 18 април, 2024

Проф. д-р Ленче Милошева, клинички психолог и РЕ&КБТ психотерапевт: Присутни нездрави емоции кај Македонците се бесот и нездравата завист

Рационално-емотивно бихејвиоралната терапија (РЕБТ) е прва и изворна форма на когнитивно-бихејвиоралната терапија (КБТ), која во 1955 година ја втемелил Алберт Елис, клинички психолог од Њујорк. Така гласи една од определбите на РЕБТ психотерапијата, на која прв претставник во Македонија e проф. д-р Ленче Милошева, клинички психолог и РЕ&КБТ психотерапевт, придружна членка на „Алберт Елис институт“ од Њујорк.

Може ли да ни доближите попластично која е основната премиса и цел на оваа когнитивно-бихејвиорална терапија?

– Благодарение на многу флексибилната и интегративна рамка, специфичните теоретски претпоставки на РЕБТ лесно се комбинираат со сознанијата од широкиот спектар на КБТ терапиите во третирањето на менталните растројства и емоционалните проблеми. Основната премиса на РЕБТ е дека луѓето имаат избор на неповолните животни настани да реагираат со здрави и нездрави емоции. При ова, нездравите емоции не се резултат на неповолните околности, туку се резултат на начинот на кој луѓето го конструираат својот поглед на тие околности преку значењето, јазикот, своите уверувања и целокупниот „мајндсет“ за светот, за себе и за другите. Доколку уверувањата на личноста за неповолните настани се ригидни и ирационални, нејзините реакции на тие настани се главно деструктивни и самоосуетувачки. Спротивно на ова, доколку уверувањата на оваа личност се флексибилни и рационални, нејзините реакции се главно самопомагачки и конструктивни. Затоа, РЕБТ е насочен кон идентификување и преиспитување на тие самосаботирачки уверувања на личноста, нивно оспорување и замена со рационални уверувања, кои водат кон подобри емоционални и бихејвиорални исходи. Усвојувањето на рационални уверувања за себе, другите луѓе и животот, доведува до елиминирање на симптомите и до значително поквалитетен, посмислен и поисполнет живот.

Кога ќе научиме поинаку да реагираме на слични негативни настани од дотогашните обрасци на реагирање, кои не се покажале како многу ефикасни, тогаш сме ја „научиле лекцијата“.

РЕБТ психотерапевтот треба да ги интегрира психотерапевтските и медицинските вештини и да користи одредени правила, односно протоколи, за дијагностицирање и лекување, препорачани од меѓународната научно-клиничка заедница. Дали е доволно некој да биде само психијатар или психолог за да биде психотерапевт или е потребно дополнителна едукација и дали е потребно клиничко искуство?

– За да бидеш РЕБТ и КБТ психотерапевт е потребно, покрај соодветното претходно образование, плус минимум четири годишна едукација во интернационална акредитирана психотерапевтска школа под супервизија на интернационални супервизори и работа со голем број клиенти. Мојата едукација беше во РЕБТ и КБТ Центарот во Белград, кој е придружница на „Алберт Елис институтот“ во Њујорк. Завршниот испит е со финална снимка и супервизија во Њујорк, на самиот институт. Ова е секако базата, која се надоградува со разни други психотерапевтски едукации од групата на КБТ терапии, но и сродни, чии техники можат да се имплементираат кај одредени клиенти. Психотерапевтот никогаш не престанува да се едуцира, постојано работи на себе и се надградува. По мене, од огромно значење е ако психотерапевтот има клиничко искуство. Јас имам континуирано клиничко искуство. Работев десетина години во Воена болница, Скопје, на Одделението за психијатрија и неврологија, паралелно работејќи го првиот докторат. Сите подоцнежни студиски и научни престои ми се врзани за клиничка работа, до денешен ден кога работам со клиенти. Ќе ги издвојам престоите на Универзитетската клиника за психијатрија и психотерапија во Нирнберг, како и престојот во Лабораторијата за анксиозни растројства и фобии за деца и адолесценти на Државниот универзитет во Батон Руж, Луизиана.

Во текот на терапискиот процес, кој се одвива по строго одреден протокол, се користат многубројни когнитивни, емотивни и бихејвиорални методи и активности со голема посветеност и ангажман од страна на клиентот во сеансите и помеѓу сеансите, што значајно ја зголемува ефикасноста на оваа методи. Крајната цел на терапијата е  усвоените адаптивни обрасци на мислење да резултираат со видливи и стабилни промени во емоционалното реагирање и однесување на личноста. Со други зборови, ние не можеме да ги контролираме сите настани што се случуваат, но можеме да имаме контрола над тоа како на нив емоционално реагираме.

Дали постојат научни сознанија за ефикасноста на РЕБТ терапијата во третирањето на менталните растројства?

– РЕБТ и воопшто КБТ психотерапиите се научно емпириски засновани психотерапии. Најновите научни истражувања покажуваат дека КБТ терапиите заслужено го држат приматот на „златен стандард“ во психотерапијата. Наодите од fMRI на адолесценти со дијагностицирана депресија, снимани пред и по третмани со КБТ, укажуваат на физиолошки промени што се случуваат во мозокот на клиентот како резултат на подолготраен третман со КБТ терапија. Споредувањето на ефикасноста на психотерапиите кај широк спектар на ментални растројства со психофамакотерапијата укажува на сè поголемата оправданост за еднаков третман на КБТ терапиите со психофармакотерапиите. Потребно е доволно знаење, клиничко искуство и соработка со психијатар за да се одреди кој тип на терапија е најдобар за одреден клиент.

Сè додека една личност верува дека не смее да погреши на работното место при извршување на работните обврски и дека ако се случи тоа ќе биде ужасно, ќе се чувствува анксиозно, ќе доживува и психофизиолошки промени, ќе се однесува несигурно, понекогаш и со повлекување.

Што велите кога некој ќе дојде кај вас и ќе ви каже „не можам“? Имаме ли право да кажеме некому „можеш и мораш“ на основа на личното искуство?

– На психотерапија најчесто доаѓаат клиенти што имаат некој емоционален проблем, значи имаат нешта кои „не можат“ и бараат стручна помош да го надминат тоа. Терапевтскиот однос во РЕБТ го карактеризира специфичен однос на безусловно прифаќање на клиентот, како личност без вреднување на неговата личност. Терапевтот тежнее да биде искрен и автентичен во односот со клиентот, но не по секоја цена и безрезервно. Земајќи го предвид професионалниот и етички контекст, тој одредува во која мерка искреноста во одредени моменти на терапија е благотворна за клиентот. Терапевтот не заборава дека во терапевтскиот однос е пред сè професионалец и дека наjважната задача е да му помогне на клиентот да ги реши своите емоционални проблеми. Кога ќе процени дека личното отворање би можело да биде од корист за напредокот на клиентот, ја користи техниката на самооткривање. Но, ако процени дека клиентот би можел многу да се вознемири, тогаш тој нема искрено да му одговори на неговото прашање. Важно е терапевтот да го мотивира клиентот постојано.

Постои изрека дека ни се случуваат исти работи сè додека не научиме нешто. Како да бидеме сигурни дека овојпат навистина сме ја научиле лекцијата?

– Преведено на јазикот на РЕБТ психотерапијата ова значи дека сè додека се држиме грчевито за ирационалното уверување и не го оспориме и замениме со рационално, ќе се чувствуваме така како што се чувствуваме. На пример, сè додека една личност верува дека не смее да погреши на работното место при извршување на работните обврски и дека ако се случи тоа ќе биде ужасно, ќе се чувствува анксиозно, ќе доживува и психофизиолошки промени, ќе се однесува несигурно, понекогаш и со повлекување. Кога ќе успее ирационалните когниции да ги замени со рационални, а тоа е дека сите смееме да погрешиме па и тој/таа, дека тоа е лошо, но не и ужасно, кога нездравата, нагласена анксиозност ќе успее да ја замени преку психотерапевтскиот процес со здрава загриженост да даде сè од себе најдобро да ја работи својата работа (вклучително и со можност некогаш да се погреши), тогаш „ја научил лекцијата“. Ќе знае дека ја научил по тоа што ќе има долгорочна корист и бенефит, наспроти штетното однесување, нездравите емоции и когниции. Со други зборови, кога ќе научиме поинаку да реагираме на слични негативни настани од дотогашните обрасци на реагирање, кои не се покажале како многу ефикасни, тогаш сме ја „научиле лекцијата“.

Кои се најчестите ирационални верувања на Македонците?

– Во последните неколку години во рамки на научен проект за РЕБТ пристапот при проучување на пострауматскиот синдром работам на истражување кое меѓу другото опфаќа истражување на рационалните и ирационалните уверувања на испитаници од Македонија. Однапред не би ги дискутирала резултатите. Но, она што секојдневно го гледам и пратам на социјалните мрежи, потоа и во секојдневна комуникација со луѓето во Македонија е нешто што сериозно ме загрижува. Зборувано со РЕБТ-овски речник, доминираат ирационалните уверувања на отсуство на фрустрациона толерантност и присуство на „обезвреднување на другиот“, односно глобална проценка на нечија личност врз основа на само една постапка или штура информација/дезинформација. Присутен е „скок на заклучок“ без никаква логичка или рационална елаборација. Наспроти условното прифаќање на другите/себе/животот- што е дериват на ирационалното уверување, преференцијата е безусловното прифаќање на себе/други/животот, што многу недостига во Македонија. Пожелна е затоа што во основата на безусловното прифаќање на себе и другите луѓе лежи тезата за погрешливост на сите луѓе и почит кон различноста. Од присутните нездрави емоции би ги издвоила бесот и нездравата завист, негативни емоции кои ако по интензитет, фреквенција, траат подолго време може да бидат извор на разни психосоматски и ментални болести. Во периодот на пандемија, која ја соголи нашата реалност и ни откри што е функционално а што дисфункционално, очекував солидарност, емпатија, агилност и учење на грешки. Но, за жал, реалноста е сосема друга.

Вашиот научен интерес најмногу е насочен кон адолесцентите. Според Ваше мислење, како медиумски претставената слика на стварноста во Македонија, влијае на развојот на личноста кај адолесцентите?

– Како стипендист на Стејт Департментот престојував како визитинг-професор во САД на постдокторско усовршување токму за развојната психопатологија и менталното здравје на адолесцентите. Фокусот на моите втори докторски студии на Универзитетот во Белград и втората докторска дисертација се на когнитивната вулнерабилност за депресија во адолесценција од аспект на КБТ. Значењето на медиумите во креирањето на стварноста на сите нас, посебно на адолесцентите е многу големо за менталното здравје. Многу одамна Виготски во своите тези во рамки на социо-културната теорија зборувал за влијанието на медиумите врз психичкиот развој на децата, адолесцентите, па и на возрасните и како медиумите преку процес на медијација влијаат на мозокот и умот и го обликуваат и менуваат. Алберт Елис, основачот на РЕБТ терапијата исто така смета дека луѓето од една страна се биолошки предиспонирани самостојно да креираат произволни екстремни евалуации во врска со себе, другите, животот, но од друга страна личноста може да усвои и готови ирационални идеи од социјалната средина. Во оваа смисла би кажала дека како општество имаме сите одговорност што се пласира во медиумите како реалност. Наместо конфузни, збунувачки дезинформации кои се штетни за сите, „концептот на агилност“, програми за „растечки мајндсет“, програми за зајакнување на психолошката сигурност и резилентност се само неколку насоки за медиумите кои би ги спомнала, а кои водат кон формирање на рационалниот наспроти ирационалниот „мајндсет“. Во оваа смисла, како член на Националната комисија за превенција и заштита на менталното здравје, дадов и придонес, токму во делот за менталното здравје на децата и адолесцентите.

 

The post Проф. д-р Ленче Милошева, клинички психолог и РЕ&КБТ психотерапевт: Присутни нездрави емоции кај Македонците се бесот и нездравата завист appeared first on Слободен печат.


Проф. д-р Ленче Милошева, клинички психолог и РЕ&КБТ психотерапевт: Присутни нездрави емоции кај Македонците се бесот и нездравата завист was first posted on октомври 13, 2020 at 12:00 pm.

Слични објави

Франција ја забрани продажбата на Ајфон 12, поради преголемо зрачење

Еспресо

Небото ќе го осветли Нишимура, феномен кој се случува еднаш на 435 години: Вечерва поминува кај нас

Еспресо

(Видео) По слетувањето на Месечината, Индија лансираше ракета за проучување на Сонцето

Еспресо

(Видео) Само 24 пилоти имаат дозвола да слетаат на аеродромот во Бутан

Еспресо

„Зум“ ги враќа своите вработени назад во канцеларија

Еспресо

Среќник од Германија доби 10 милиони евра на „Евроџекпот“

Еспресо
Се вчитува....