-0.2 C
Скопје
10:47 - 23 декември, 2024

Џабе глетката, кога младите си заминуваат

Кога во селото Горанско, оддалечено пет километри од Плужине, Јован Цвијиќ застанал на возвишувањето каде што, по негов предлог, во 1864 година војводата Лазар Сочица подигнал кула, рекол дека од тоа место се протега најубавиот поглед на Балканот.

Се гордеат мештаните на Горанско и приказната за ова место главно ја почнуваат со цитатот на прочуениот српски научник Цвијиќ, за „најубавиот поглед на Балканот“.

„Географски, Горанско е на вистинското место. Не беше залудно што рекол Цвијиќ дека од местото на кое се наоѓа кулата на Лазар Сочица се протега најубавиот поглед на Балканот. Од таа кула можете да видите повеќе од 20 околни села. Дотолку повеќе што селото е покрај магистралата, а зимите знаат да бидат и поблаги“, вели мештанинот Перо Рабрен, кого екипата на „Вјести“ го затекна како меша комиње, додека во помошниот објект сè мирисаше на печена ракија од сливи.

Перо Рабрен, жител на Горанско, жали за оние времиња кога во Горанско работеа и по 250 работници, што значи најмалку 200 семејства

Жали денеска Рабрен за оние времиња кога во Горанско работеа и по 250 работници.

„Се живееше малку подобро од сега, бидејќи ни уништија бројни нешта. Се затвори Фабриката за електроди, каде што работеа 220 души, што е најмалку 200 семејства. Имаше и Дистрибутивен центар во кој се чуваше роба на лагер, а во него работеа 30-40 работници. Да не говорам за Плужине. И таму сè е затворено. Остана само Електраната, а и во неа сега работат одвај 20 отсто од некогашните вработени од Пива. Другите се од Никшиќ, од Подгорица и уште од подалеку. Џабе што е погонот во нашето место, ние сме запоставени. Младите мораат да заминат по парче леб, да работат некаде…“, негодува Рабрен и нè нуди со домашна сливка.

Вели, домашната ракија и лукот се остар лек против короната и секое утро, и покрај тоа што има три бајпаси и еден стент, тој го започнува со една чашка и со китка лук.

Короната и родните огништа

Можеби короната, вели Рабрен, ќе ги „натера“ луѓето да се вратат на село и во заборавените родни огништа, иако, вели, тоа требаше одамна да се случи.

„Одамна требаше да се вратат доста луѓе, но државата не се ни заврте. Додека и јас и жената бевме здрави, барав да добијам една-две крави на кредит. Ме прашуваат – имам ли десет крави?! Значи, ако имам две-три крави не можам уште две-три да добијам, но на оној кој има десет му даваат уште некоја, а овој кој нема, нему плус и ќе му укинат! Господ да чува! Никого не прашувам за никаква политика, ништо. Доколку и сега продолжат по старо, тогаш подобро новиве и да не доаѓаа на власт, туку старите да останеа, да знаеме како и што е. Оти нив барем ги навикнавме“, потсмевајќи се вели Рабрен.

Неговата сопруга е, исто така, болна од срце, а двајцата, со вкупно 51 година стаж, заедно примаат 300 евра пензија. Здравствената состојба не им дозволува интензивно да се занимаваат со земјоделие, па имаат само една крава и чуваат неколку кокошки.

Работлив е тој народ

Соседот на Рабрен, Весо Бакрач, вели дека Горанско е познато по своите работливи, организирани луѓе.

„На Горанско се живее добро. Кој сака да работи – има, а и се работи. И самите гледате какви се куќите, какви се домаќинствата, градините. Фабриката го одржуваше и сточарството и селото, бидејќи додека беше фабриката имаше повеќе жители и тогаш многу повеќе се работеше. Сепак, работлив е народот овде – садат, косат, одгледуваат стока, никнуваат и нови фирми“, вели Бакрач.

И Бакрач и неговата сопруга се пензионери. Имаат повеќе од 60 овци и јагниња. Тој, за разлика од Рабрен, смета дека денешните млади ги напуштаат огништата повеќе од помодарство.

„Има малку домаќини во селото без стока. Годинава ќе има и поголемо количество ’ртки. Денеска луѓето сакаат малку повеќе да се жалат. Повеќе сакаат да се прошетаат, а помалку да се одработи. Меѓутоа, сето тоа може да се постигне, бидејќи Горанско го сече магистралниот пат, блиску се Никшиќ и Плужине, може да се работи, но забележувам, а дали сум во право не знам, дека е мода сè некаде да се оди и дека таму подобро ќе се живее од овде“, смета Бакрач.

Богата историја

Пензионираниот учител Сретен Цицмил потсетува на богатата историја на овој крај, како и на културно-историските знаменитости, како кулата на Лазар Сочица, која следната година ќе се адаптира во природно-историски музеј со кој ќе стопанисува Паркот на природата „Пива“, со што ќе се комплетира туристичката понуда во овој крај.

„Мислам дека Горанско е едно од најубавите села во Пива. Во селото се наоѓа и кула на три ката на големиот човек, војводата, воинот и јунакот на своето време, Лазар Сочица, која во тоа време била и еден од најголемите објекти во Црна Гора. Отспротива е летниковецот на Омер-паша Латас, подигнат во 1853 година, на кој стои натпис што го потврдува тоа“, раскажува учителот што заминал во пензија во 2009 година.

Паркот на природата „Пива“ или Пивско езеро е е најголемото вештачко езеро во Црна Гора или второ по големина од сите езера, веднаш по Скадарско езеро

„Кога на фабриката ставија катинар, беше тоа сигнал за многумина, особено за помладите, дека работа мора да бараат на друго место, па добар дел од нив го напушти селото“, вели Цицмил.

Сепак, вели тој, останаа доволно за живот во Горанско.

„Останаа најмногу машки од младите. Тоа се многу добри, вредни и работливи младинци, но не се женат, бидејќи девојките не сакаат да дојдат да живеат на село, иако животот тука не би им бил лош. На времето, животот на село беше многу тежок. Се работеше физички, се косеше, се пластеше, со волови се влечеше… Денес за сè има машини, само треба да се управуваат. Голема е разликата при споредбата на некогаш и сега“, вели Цицмил.

Училиштето, најстаро во Пива, сега е подрачно одделение на плужанскиот Образовен центар, а во него некогаш имало 28 ученици. Денеска таму има само две првачиња.

Сите, сепак, се надеваат дека Горанско секогаш ќе биде примамливо, како за мештаните, кои не сакаат да ги напуштат родните огништа, така и за туристите, кои ќе сакаат да се уверат дека Јован Цвијиќ бил во право.

Напишано од Светлана Мандиќ

Пренесено од „Вијести“ од Црна Гора

 

The post Џабе глетката, кога младите си заминуваат appeared first on Слободен печат.


Џабе глетката, кога младите си заминуваат was first posted on ноември 1, 2020 at 12:06 pm.

Слични објави

Франција ја забрани продажбата на Ајфон 12, поради преголемо зрачење

Еспресо

Небото ќе го осветли Нишимура, феномен кој се случува еднаш на 435 години: Вечерва поминува кај нас

Еспресо

(Видео) По слетувањето на Месечината, Индија лансираше ракета за проучување на Сонцето

Еспресо

(Видео) Само 24 пилоти имаат дозвола да слетаат на аеродромот во Бутан

Еспресо

„Зум“ ги враќа своите вработени назад во канцеларија

Еспресо

Среќник од Германија доби 10 милиони евра на „Евроџекпот“

Еспресо
Се вчитува....