Денеска е 1 април, Светски ден на шегата, кога многумина се трудат со својата досетливост да ги измамат и да ги насмеат другите.
Овој ден се обележува со векови, но неговото потекло е нејасно. Постојат различни толкувања, а едно од нив е дека овој своевиден „народен празник“ се појавил кон крајот на Средниот век во Европа, и претставувал општонародна веселба.
Англичаните мислат дека е преземен од истокот и 1 април го нарекуваат Ден на сите глупаци.
Финците го поврзуваат со пролетното подучување на децата за земјоделските работи, а слично е и во Швајцарија.
Постојат мислења дека корените на овој „празник“ се во Стариот Рим, кој бил познат и по тоа што неговите граѓани знаеле добро да се забавуваат смислувајќи различни шеги.
Други сметаат дека тој обичај се појавил во 16 век во Франција, околу 1564 година, а за оној кој бил „насамарен“ имале обичај да кажат дека добил „априлска риба“.
Германците го сметаат 1 април за ден кога се ранливи и овој ден го поврзуваат со денот кога се родил предавникот на Христос, Јуда.
Во некои земји, како и во Македонија, постои традиција луѓето да се маскираат за први април.
Годинава, поради коронавирусот улиците нема да бидат преплавени со дечиња и луѓе кои маскирани ќе шетаат по улиците, па затоа Слободен печат одлучи да спроведе акција за еден поинаков првоаприлски маскенбал.
The post Денеска е 1 април, Денот на шегата: Да направиме една поинаква Априлијада appeared first on Слободен печат.