Политичката неизвесност предизвикана од заразата Ковид 19 се очекува да се надмине на лидерска средба која е најавена од 10 до 12 мај, во претседателската вила на Водно. Најверојатно тогаш ќе биде договороен и изборниот ден.
Универзитетскиот професор Борче Давитковски посочува дека не треба да се прави правна гимнастика од нешто што е правно јасно, бидејќи во случај на распуштено Собрание, вонредна состојба поради пандемија и одложени избори, спикерот Талат Џафери, треба да донесе ново решение за избори, а старото да го поништи. Тој посочува дека тоа го налага правната процедура, бидејќи Решението за избори е конкретен управен акт, кое поради правна и фактичка невозможност за извршување, „виша сила“ не можеше да се спроведе и да има избори на 12 април.
Во меѓувреме, Давитковски вели дека по завршувањето на вонредната состојба, ДИК треба да го прочисти Избирачкиот список. Потоа 20 дена пред рокот кој ќе се утврди за избори да почне кампањата и да продолжи се како што треба.
-На спикерот Џафери кој е технички претседател на Собранието и ги врши како што и тој самиот вели административните работи (потпишува плата на пратенциите) мандатот му трае 4 години. Тој треба да си го поништи своето Решение за избори и да си донесе ново Решение во кое ќе го определи терминот за одржување на изборите, кој најверојатно ќе се договара на лидерската средба. Кога нашите, условно речено „поглавици“, ќе се договорат кога да бидат изборите, тогаш ќе почнат да течат роковите. Не знам зошто се прави правна гимнастика од нешто што е сосема јасно, во услови кога е распуштено Собрание нема жива сила која ќе го свика повторно Собранието. Секаде во светот, во демократијата, кога се распушта Собранието Владата е таа која ги преземе сите ингеренции, ги спроведува изборите до формирање на нова власт, до ново Собрание кое ќе избере нова Влада. После 16 мај, кога истекува и втората вонредна состојба во Македонија, доколу не се воведе нова, почнуваат да течат изборните рокови. Кога изборите ќе се закажат дали тоа ќе биде крај на јуни или почеток на јули, останува тие да одлучат – вели Давитковски.
За Уредбата донесена на последната лидерска средба кај шефот на државата Пендаровски, зад која застанаа сите партиски лидери, Давитковски смета дека е регуларна и важи се додека не се заврши вонредната состојба.
Член 5 од Уредбата објавена во Службен весник гласи:
„Спроведувањето на изборните дејствија ќе продолжи од денот на престанок на вонредната состојба. Сите изборни дејствија кои се преземени согласно одредбите на Изборниот законик до денот на стапување на сила на оваа Уредба се сметаат за важечки“.
Со замрзнувањето на изборните дејства, Државната изборна комисија доби обврска еден ден по завршувањето на вонредната состојба, да објави нов роковник. Од ДИК велат дека тие се подготвени законски да ги спроведат изборите. Посочуваат дека чекаат прво да биде одреден изборниот ден, па потоа да испратат покана до ОБСЕ за да ги набљудува изборите. Набљудувачите на ОБСЕ поради пандемијата од Ковид 19 си заминаа.
Во меѓувреме, претседателот Стево Пендаровски доби согласност од двајцата лидери на двете најголеми партии, Зоран Заев и Христијан Мицкоски, за лидерска средба. Шефот на државата неодамна изјави дека во ситуација кога втората одлука за вонредна состојба ќе истече на 16 мај, ќе се создаде уште една правна нејаснотија помеѓу правото на Владата да донесува укази и потребата Собранието да ги одобри уредбите што се донесени или да се усвојуваат нови закони потребни за надминување на ситуацијата. Пендаровски не може да гарантира дека е подготвен постојано да прогласува нови вонредни состојби сè додека не дојде времето за редовни избори во декември.
The post Давитковски: Џафери да го поништи старото решение за избори и да донесе ново appeared first on Слободен печат.