1.8 C
Скопје
19:23 - 26 ноември, 2024

Даваат стари печки за да си купат нови клима-уреди

Оваа грејна сезона, околу 4.282 оџаци на територија на Град Скопје нема да чадат. Со тоа, градските власти очекуваат намалување на загаденоста на амбиенталниот воздух во Скопје, град што неколку години наназад важи за еден од најзагадените во светот.

Вкупно 4.282 семејства побарале субвенционирање од Град Скопје за да набават енергетско-ефикасни начини за затоплување на своите домови. Со ваквата акција, на граѓаните ќе им бидат целосно надоместени трошоците за набавка на инвертер-уред, но не поголеми од 62.000 денари во нето-износ.

За да ги добијат средствата, граѓаните треба да ги достават грејните тела, а за возврат да добијат средства за купување клима-уред.

Првата ваква акција за собирање печки беше спроведена во Општина Сарај. Според информациите од Град Скопје, на пунктот во Општина Сарај биле подигнати само 90 печки иако имало околу 129 апликации од локалното население.

– Останатите граѓани можат да ги достават печките во пунктовите на ЈП „Комунална хигиена“ во Карпош и во Вардариште – информираат од Одделението за односи со јавност на Град Скопје.

Викендов пак, акција за собирање на печки, беше реализирана во Општина Шуто Оризари. Од оваа скопска општина, вкупно 120 семејства аплицирале за добивање на средства, а старите печки на дрва, јаглен и на нафта, имаа можност да ги предадат во дворот на средното училиште „Шаип Јусуф“.

– Градот Скопје ги замолува граѓаните за трпение додека трае процесот на проверка на пристигнатите апликации. Во наредниот период ќе се организира предавање на старите печки на дрва или на нафта и во другите скопски општини, за што граѓаните ќе бидат навреме информирани – велат од Град Скопје.

Инаку, ваквата акција на Градот Скопје, во соработка со Владата за субвенционирање на граѓаните за набавка на инвертер клима-уреди, наиде на одобрување од граѓаните, кои сметаат дека ова е само еден од начините да се намали загадувањето на амбиенталниот воздух во Скопје.

Но, дилемата се јавува околу тоа дали граѓаните навистина ќе го почитуваат договореното и дали навистина со стартот на грејната сезона ќе почнат да се греат на клима, а не како и досега на печки што согоруваат дрва, нафта или јаглен. Дополнителна дилема се јавува и околу тоа дали граѓаните навистина ги даваат печките што реално ги користеле или за да добијат средства, или на пунктовите ги носат старите и дотраени печки што им стоеле во двор или во подрум.

Сепак, од Град Скопје се децидни и велат дека нема да дозволат злоупотреби.

– Околу контрола и потенцијалната злоупотреба на овие субвенции, во самите услови на јавниот повик постоеја неколку критериуми за доделување на овие субвенции, а се поврзани со адресата на живеење, поточно субвенции се доделуваат за греење на конкретни локации. Во наредните две години, според условите од јавниот повик, градската или државната инспекција може да врши инспекциски надзор на лицата што добиле субвенција, во однос на тоа да се види дали навистина ги користат инвертерите или е направена измама, за што ќе биде поведена постапка за враќање на финансиските средства – велат од Град Скопје.

Оттаму велат дека се задоволни од големиот интерес на јавноста за оваа мерка. По општини, најголем број пријави се пристигнати од Кисела Вода (786), Ѓорче Петров (693), Гази Баба (636), Бутел (487), Карпош (413), Чаир (400), Аеродром (375), Центар (240), Сарај (129) и Шуто Оризари (123).

– На 22.9.2020 година, со пристигнувањето на 4.282 пријави, Град Скопје донесе одлука да го прекине јавниот повик за доделување субвенции, со цел да ги обработи пристигнатите барања за субвенции и да се направи пресек на досегашниот тек на јавниот повик. Доколку се утврди дека не се исцрпени сите средства предвидени за оваа намена, постои можност повикот да се продолжи, за што јавноста ќе биде навреме информирана- објаснуваат од Одделението за односи со јавност на Град Скопје.

The post Даваат стари печки за да си купат нови клима-уреди appeared first on Слободен печат.


Даваат стари печки за да си купат нови клима-уреди was first posted on октомври 4, 2020 at 11:49 am.

Слични објави

Франција ја забрани продажбата на Ајфон 12, поради преголемо зрачење

Еспресо

Небото ќе го осветли Нишимура, феномен кој се случува еднаш на 435 години: Вечерва поминува кај нас

Еспресо

(Видео) По слетувањето на Месечината, Индија лансираше ракета за проучување на Сонцето

Еспресо

(Видео) Само 24 пилоти имаат дозвола да слетаат на аеродромот во Бутан

Еспресо

„Зум“ ги враќа своите вработени назад во канцеларија

Еспресо

Среќник од Германија доби 10 милиони евра на „Евроџекпот“

Еспресо
Се вчитува....