9.8 C
Скопје
20:52 - 22 ноември, 2024

Датумот за вонредните избори ќе го одреди одлуката за вонредна состојба?

Не е договорен датум за одржување на предвремените парламентарни избори на лидерската средба што се одржа завчера попладне кај претседателот Стево Пендаровски, а е постигната согласност следната недела да се одржи уште една средба на истата тема. Претседателот Пендаровски по состанокот соопшти дека партиските лидери со консензус одлучиле дека здравјето на граѓаните останува приоритет, а пред одлуката за датум за избори ќе се бара мислење од три институции – Комисијата за заразни болести треба да ги препорача мерките и протоколите што треба да се почитуваат за време на изборната кампања и гласањето, Државната изборна комисија ќе се изјасни за временските рокови што им се потребни за подготовките за изборите, а ќе биде побарано и мислење од Канцеларијата на ОБСЕ/ОДИХР за тоа кога ќе можат да испратат набљудувачка мисија. Од одговорите на овие три институции ќе зависи кога ќе се гласа.

Здравјето им е најважно

Претседателот на ВМРО-ДПМНЕ Христијан Мицкоски по средбата нагласи дека договореното на средбата било негов план за организација на изборите, а останатите лидери го прифатиле. Тој рече дека побарал Комисијата за заразни болести да даде мислење кое потоа никој нема да го  проблематизира, да се консултира ДИК за роковите и набљудувачката мисија на ОБСЕ/ОДИХР.

– Дури потоа можеме да зборуваме за изборен датум. ВМРО-ДПМНЕ не сака да оди на избори и да победи, ако тоа биде по цена на човечки живот – рече Мицкоски.
Тој рече дека прашал што по истекот на вонредната состојба, која завршува на 16 мај

– Не добив одговор, но деновиве јавноста ќе знае дали ќе имаме или ќе немаме продолжување – рече Мицкоски.

Претседателот на СДСМ Зоран Заев објасни дека Владата ќе комуницира со ОБСЕ/ОДИХР и со Комисијата за заразни болести, а претседателот Пендаровски ќе организира состанок со ДИК.

Заев ја обвини опозицијата дека не била подготвена да разговара за изборен датум. Тој објасни дека изборите се веќе прогласени, а изборниот датум зависи од тоа дали вонредната состојба ќе биде продолжена или не. Заев не ја исклучи можноста да се прогласи вонредна состојба и по третпат, во траење од 30 дена или една или две недели, во зависност од тоа за кога ќе ги договорат изборите.

– Ако нема трета вонредна состојба, тоа значи дека изборите се на 8 јуни. Ако се прогласи нова од 30 дена, изборите би биле на 7 јули. Ако се направи покуса вонредна состојба од две седмици, тогаш изборите се на 21 јуни. Овие рокови се сосема доволни за да продолжи ажурирањето на Избирачкиот список, а оваа постапка не е завршена со замрзнувањето на другите изборни процеси – рече Заев.

И тој нагласи дека сите биле едногласни дека нема поважна работа од здравјето на граѓаните и дека сите имаат целосна доверба во здравствените комисии.

СДСМ и ВМРО-ДПМНЕ ја прераскажаа лидерската на свои начини

Од ВМРО-ДПМНЕ вчера се спротивставија на толкувањата на Заев дека датумот за избори ќе произлезе од одлуката за вонредната состојба.

– Не е вистина и дека ако се укине вонредната состојба, ќе значи и веднаш почеток на изборниот период. Тоа не може да се толкува на тој начин, тоа е противправно толкување на Изборниот законик. Не е точна изјавата на Заев дека изборите се прогласени, не може да се прогласени кога нема договор за изборен датум – велат во ВМРО-ДПМНЕ.

СДСМ вчера го обвини Мицкоски дека се обидува да избега од избори.

– Мицкоски го пролонгира денот кога ќе доживеат уште еден изборен пораз. Со секој нов ден измислуваат нови предуслови, бараат лидерски средби, а бегаат од одлука за изборен датум – велат во СДСМ.
Од партијата нагласуваат дека Заев на лидерската средба ги отворил сите аргументи за потребата од избори во првиот можен рок, за условите и роковите, како и за сите можни датуми, на што никој не се спротивставил.

– Мицкоски на средбата немаше никаков детален план, ниту за здравството ниту за економијата, како што тоа го најавуваа познатите опозициски портали. Тој имаше план само за една своја лична цел, да бега од темата за избори, наметнувајќи други теми на состанокот. Се обидуваше да ја вмешува ДИК како можна пречка за спроведување на изборите, потоа ги спомнуваше и ОБСЕ и нивните можности за мониторирање, но сите евтини трикови му беа веднаш одбиени – ДИК е институција што има задача да спроведува избори, а не да дава мислења и совети, а ОБСЕ е сериозна меѓународна организација, која најпрофесионално ќе одговори на потребата од набљудување, се разбира откако ние како држава ќе ги известиме за датумот на изборите – велат од СДСМ.

На лидерската средба главно прашање било дали по завршувањето на вонредната состојба по автоматизам продолжуваат изборните дејства, кои со уредбата од 22 март беа замрзнати на точно 22 дена пред гласањето. Се очекува на оваа тема да се одржи и експертска средба, затоа што има различни толкувања.

Претседателот на Собранието во заминување Талат Џафери се изјаснил дека по завршувањето на вонредната состојба, ДИК треба веднаш да продолжи со подготовка на изборите, а ист став во јавноста изнесе и поранешниот претседател на ДИК, Александар Новаковски. Актуелниот претседател на ДИК Оливер Дерковски смета дека штом ќе заврши вонредната состојба, изборните процеси треба да почнат од почеток и дека на Комисијата во овие здравствени околности ќе ѝ бидат потребно повеќе време и пари за организација на изборите.

Утре седница на Советот за безбедност

Во сабота на 16 мај истекува втората одлука на претседателот Стево Пендаровски за прогласување вонредна состојба заради пандемијата со коронавирусот и многу работи во државата ќе зависат од тоа дали ваква одлука ќе биде донесена и по третпат. Од кабинетот на претседателот велат дека досега не добиле предлог од Владата за повторно прогласување вонредна состојба.

– Во врска со тоа дали ќе има повторно прогласување вонредна состојба или не, во овој момент не можеме да потврдиме. Овој петок ќе се одржи седница на Советот за безбедност, па тогаш се очекува да бидат појасни работите – велат од кабинетот на претседателот.

The post Датумот за вонредните избори ќе го одреди одлуката за вонредна состојба? appeared first on Слободен печат.

Слични објави

Франција ја забрани продажбата на Ајфон 12, поради преголемо зрачење

Еспресо

Небото ќе го осветли Нишимура, феномен кој се случува еднаш на 435 години: Вечерва поминува кај нас

Еспресо

(Видео) По слетувањето на Месечината, Индија лансираше ракета за проучување на Сонцето

Еспресо

(Видео) Само 24 пилоти имаат дозвола да слетаат на аеродромот во Бутан

Еспресо

„Зум“ ги враќа своите вработени назад во канцеларија

Еспресо

Среќник од Германија доби 10 милиони евра на „Евроџекпот“

Еспресо
Се вчитува....