-2.2 C
Скопје
19:52 - 22 декември, 2024

Датумот сега поважен од членството во иднина!

Брисел смета дека ни пратил добра вест, а во регионот сè уште се бараат позитивните, но и негативните точки во новата методологија за проширување.

Претседателката на Европската комисија, Урсула фон Дер Лајен, оцени дека со усвојувањето на новата методологија на процесот на пристапување во ЕУ сепак е пратена добра порака до Западен Балкан. „Европската комисија предлага веродостоен и динамичен план што ќе го постави патот за отворање преговори за пристапување со Македонија и Албанија“, напиша таа на Твитер и додаде дека проширувањето на ЕУ е „вин-вин“ ситуација.

Европската комисија инсистира на тоа дека не станува збор за промена на процесот туку за негова ревизија, со цел тој да стане подинамичен и поефикасен. Трите главни политички партии во Европскиот парламент исто така ја поздравија ревидираната методологија и ја поддржуваат европската перспектива на Западниот Балкан.

За домашната политичка сцена ќе биде многу поважно дали отстранувањето на актуелната блокада, односно од ветото од Франција ќе се случи сега, пред закажаните избори во април. Дека тоа може да се случи навестува и Душан Релјиќ, шеф на бриселската канцеларија на Германскиот институт за меѓународни односи и безбедност, во интервју за Дојче веле.

– На претседателот Емануел Макрон многумина му префрлаат дека ја принудил ЕУ да ризикува историска геополитичка грешка со тоа што го блокираше пристапот за тие две држави. Претпоставувам затоа ќе се откаже од блокадата по овие козметички измени во Брисел, доколку од Скопје и од Тирана и натаму доаѓаат адекватни сигнали – вели Релјиќ.

Еден од тие „соодветни сигнали“ е усвојувањето на законот за Јавно обвинителство, на што инсистира и го очекува меѓународната заедница.

Релјиќ смета дека отсега ќе бидеме сведоци на уште повеќе пречки за земјите од регионот со отворањето на можноста да се блокираат или суспендираат преговорите по барање на земјите членки. За економските елементи на методологијата вели дека е нејасно дали навистина ќе биде применет некаков Маршалов план, кој ќе направи пресврт во актуелното општествено-економско и политичко назадување во регионот.

– Имајќи ги предвид споровите во рамките на ЕУ околу новиот буџет, мали се шансите да настапат промени и Западниот Балкан да ја добие неопходната неповратна помош за вистински напредок, смета сепак Ралјиќ. Тој е оптимист само околу можноста да се забрзаат преговорите, но само ако има политичка волја во ЕУ.

– Сетете се на забрзувањето на пристапувањето на Хрватска во 2013 година, кое почиваше на политичките интереси и на поддршката од голем дел на Унијата, порача Релјиќ.

Според поранешниот вицепремиер за евроинтеграција Васко Наумовски, клучно е дека со новата методологија се воведуваат построги критериуми во областите на кои се однесуваат поглавјата, како и можност за ревирзибилност на процесот.

– Покрај реформите на правосудството и владеењето на правото, се дава поголемо значење и на економските критериуми, посебно на јавните набавки и финансиската контрола. Ќе бидат потребни вонредни напори од наша страна за реализација на потребните чекори, имајќи предвид дека самата Европска комисија ќе биде под засилена политичка контрола од страна на државите-членки – смета Наумовски.

Малинка Ристевска Јорданова од Институтот за европска политика гледа потенцијал за нови, непотребни компликации.

– За да води ваков процес, држава кандидат треба да има ист или можеби посилен капацитет од држава членка, а знаеме дека тоа не е случај. За мене уште поголем проблем се негативните ефекти што можат да ги предизвикаат одделни аспекти на процесот. Тој не гарантира дека приоритетите што ќе се поставуваат, особено оние во кластерот „Основи“, ќе бидат објективни и ќе се засноваат на нивната регулатива, а тие имаат потенцијал да ја доминираат домашната агенда. Во отсуство на сопствена визија и стратегија општо за развојот и за пристапувањето на ЕУ и капацитет за градење и оценка на политиките, погрешното исполнување на погрешно поставени услови може да има многу негативни последици – предупредува Ристевска.

Таа смета дека можноста од исклучување, многу повеќе отколку казните, ќе ги натера политичките и другите центри кај нас да почнат сериозни реформи за да не се блокираат или да се суспендираат преговорите.

– Обрачот на ЕУ околу нас се стеснува. Политичките актери гледаат во дијапазонот на следните избори, а за ваков процес потребна е подолгорочна визија и сопствен пристап – вели Ристевска.

За тоа каде се навестените фондови во новата методологија,таа смета дека  никогаш цврсто не ни биле ветени.

– Неофицијално стигаат информации дека постоел предлог за структурни фондови, кој бил блокиран од државите корисници на структурните фондови. Колку да ја повториме лекцијата дека интересите ја водат политиката! – вели Ристеска.

The post Датумот сега поважен од членството во иднина! appeared first on Слободен печат.

Слични објави

Франција ја забрани продажбата на Ајфон 12, поради преголемо зрачење

Еспресо

Небото ќе го осветли Нишимура, феномен кој се случува еднаш на 435 години: Вечерва поминува кај нас

Еспресо

(Видео) По слетувањето на Месечината, Индија лансираше ракета за проучување на Сонцето

Еспресо

(Видео) Само 24 пилоти имаат дозвола да слетаат на аеродромот во Бутан

Еспресо

„Зум“ ги враќа своите вработени назад во канцеларија

Еспресо

Среќник од Германија доби 10 милиони евра на „Евроџекпот“

Еспресо
Се вчитува....