-2.2 C
Скопје
07:53 - 23 декември, 2024

Чак Норис му се јавил на Филипче…

Има разни несалам луѓе во светот, на врвни државни функции, кои во последните години го доведуваа во прашање меѓународниот систем на соработка; а и науката, како водечки принцип на третирање на домашните и глобалните предизвици.

Но, примерот со сегашното делување на Светската здравствена организација, се надевам, им ги затна националистичките, изолационистички муцки, иако по висока (и сè уште растечка) цена. „Сите сме заедно во ова“, изјави на последната прес-конференција, некни, генералниот директор на СЗО, Етиопјанецот Тедрос Аданом Гебрејесус.

Парадоксално, таа меѓународна соработка на едно ниво се одвива со неопходноста од затворање на меѓудржавните граници и приземјување на голем број интернационални авионски летови, бидејќи ширењето на овој вирус, што не се пренесува по воздух, може да се спречи со физички ограничувања на патувањата на потенцијално заразени, што значи и многу здрави лица.

Но, на друго, поапстрактно ниво, меѓународната медицинска и научна соработка е неопходна и незаменлива за сопирањето на оваа пандемија, без разлика – или токму заради тоа – колку е чиј здравствен систем подготвен за справување со драматичниот притисок што го наметнува корона вирусот. А ниту еден здравствен систем не е, бидејќи не се подготвувани за справување со одамна искоренетите епидемии од широки размери. Тоа веќе сите го научивме.

Следното ниво на неопходноста од меѓународна соработка е – економијата. И тоа токму во период на растечките, меѓусебни, економски „војни“. Оти, да нема забуни: глобалната рецесија нема да може да се избегне, веќе за некоја недела или месец од сега. А никој не може, сè уште, да ги пресмета колосалните загуби на светскиот економски систем кој е така финансиски и производствено испреплетен, што една кинеска епидемија, уште пред и да стане пандемија, го клекнува системот на колена. Ќе потрае оваа „мртва трка“ на падот и на потрошувачката и на производството/услугите на сè и сешто, неизвесно е само кога ќе го допрат дното.

Но, додека пронајдат вакцина, повторно парадоксално, колку помалку физички се дружиме, толку побрзо ЗАЕДНО ќе го победиме вирусот. Неговата сила, во еден критичен момент ќе „издиши“, ако го прекинеме синџирот на неговото ширење. Вирусот бара да не се допираме, да сме на оддалеченост од најмалку еден метар еден од друг… Нема топли гушкања и по три бакнувања, дури ни поздравувања со раце! Можеби затоа потешко или воопшто не се шири во Финска и Исланд, одошто во Шпанија и Италија?!

Ако потрае вирусов, ќе ни ги смени ли навиките засекогаш? Којзнае. Како што вели еден поет, „на крајот од зимата, кога ќе се вратат попладнињата“… ќе видиме на што сме.

Сепак, ако ви е за утеха, еве, на пример, некои од најдобрите трагедии на Шекспир („Кинг Лир“, „Магбет“, „Антониј и Клеопатра“) тој ги има напишано додека бил во карантин заради чумата којашто владеела во негово време. Можеби некој нов „Шекспир“ се крчка во нечие соседство…

А во меѓувреме, ВМРО-ДПМНЕ почна со свои прес-конференции на кои дели „барања“ и „совети“ за состојбата со вирусот во земјава, љубоморни на компетентноста со кои сегашната техничка влада ја држи ситуацијата под контрола… Да, сите знаеме дека работите, најверојатно, ќе станат полоши, пред да станат подобри, па опозицијата грчевито се бори да може, кога ќе им „треба“, да каже: „Ние на време предупредивме, ама СДСМ“… Прилично евтино политикантство.

А и ДУИ до крај не го разбирам, со идејата десетина илјади нивни партиски активисти да помагаат на оние на кои, во карантинов, им треба помош… Таа паралелна „мрежа“ на помагачи може да биде извонреден начин за побрзо ширење на вирусот. Не е ли подобро, на организиран начин, волонтерите-интегративци да се стават на услуга на Црвениот крст на Македонија, па кога ќе поминат некаква, барем елементарна, обука и ќе бидат соодветно опремени, да помагаат според потребите со кои ќе раководат надлежните државни органи… Бидејќи и ова, вака, во споредба со она на ВМРО, изгледа на малку поскапо и поопасно политиканство.

Разбирам, имаат проблем со Филипче. Но, гледајте, дури и Чак Норис, кој пред некој ден наполни 80 години, му се јавил на Венко да го праша за совет како да се справи со коронава. „Слушај, Чак – го посоветувал Филипче – стави го вирусов две недели во изолација и ништо нема да ти фали!“…

Така Чак го победи вирусот, по совет на Филипче.

Кај и да е, на прагот сме на воведување вонредна состојба. Па, си реков, мала шега не е премногу, пред сосема да се затвори просторот за каква било шега и овде.

The post Чак Норис му се јавил на Филипче… appeared first on Слободен печат.

Слични објави

Франција ја забрани продажбата на Ајфон 12, поради преголемо зрачење

Еспресо

Небото ќе го осветли Нишимура, феномен кој се случува еднаш на 435 години: Вечерва поминува кај нас

Еспресо

(Видео) По слетувањето на Месечината, Индија лансираше ракета за проучување на Сонцето

Еспресо

(Видео) Само 24 пилоти имаат дозвола да слетаат на аеродромот во Бутан

Еспресо

„Зум“ ги враќа своите вработени назад во канцеларија

Еспресо

Среќник од Германија доби 10 милиони евра на „Евроџекпот“

Еспресо
Се вчитува....