-0.2 C
Скопје
09:48 - 20 декември, 2024

Бомбашкиот „кичерај“ ги засени фалбите и ветувањата

Најголемите опоненти на претстојните предвремени парламентарни избори СДСМ и ВМРО-ДПМНЕ негираат каква било врска со објавувањето на нелегално снимените разговори што деновиве се пуштаат од повеќе анонимни јутјуб-канали, но не им пречи да ги користат кога имаат средби со граѓаните или да ги коментираат на прес-конференции. Деновиве на повеќе канали се пуштаат снимени разговори на лидерот на ВМРО-ДПМНЕ Христијан Мицкоски со осудениот за „Рекет“ Зоран Милески Кичеец, во кој зборуваат за контроверзниот Орце Камчев, потоа разговори на поранешниот директор на Фондот за здравство Ден Дончев, како и  разговор помеѓу Кичеец со контроверзниот српски тајкун Миодраг Давидовиќ Дака во кој се споменуваат лидерот на СДСМ Зоран Заев и генералниот секретар на Владата Драги Рашкоски итн. и во сите има индиции за незаконски дејства.

Како последица од петдневното бомбардирање граѓаните на социјалните мрежи повеќе зборуваат за разговорите отколку за суштинските проекти на партиите, па засега впечатокот е дека предизборните програми се изгубија во чадот од бомбите. Можеби токму во тоа е и поентата, коментираат познавачите.

Намерна пасивизација на неопределените

Објавувањето на нелегално снимените разговори на политичари, функционери, бизнисмени ни стана „ново нормално“ иако е дискутабилно колку е такво нешто нормално, вели комуникологот Сеад Џигал за „Слободен печат“. Тој во овие активности препознава мотив за пасивизација на неопределените гласачи кои инаку би сакале да гласат, но се уште не знаат за кого.

– Бомбите станаа инструмент за водење на негативна кампања, за дискредитација и оцрнување на противникот. Тоа е проблематично од повеќе аспекти, а најпрво е тоа што се поткопуваат институциите. Секој кој има сознанија за кривични дела треба тоа да го пријави во Обвинителството, а евентуалните снимки да ги достави како поткрепа, но намерата е искривоколчена и бомбите служат за да се оцрнува протвникот, а не да се гонат сторители на криминал. Со тоа се девалоризира, се обезвреднува и самата кампања и пораките што се упатуваат кон гласачите, а главен ефект е демотивизација на неопределените. Сето тоа е искалкулирано. Целта на овие бомбашки напади е да се дисциплинираат клиентелистичките гласачи, да се обезбеди дека партиските послушници ќе излезат да гласаат „за да не победат овие другите“ и да се пасивизираат неутралните гласачи врз кои немаат контрола, а кои инаку би гласале. Ова не е добро за општетсвото и за самите избори – вели Џигал.

Тој додава дека кај нас не се вршени истражувања на оваа тема, но во светот да, особено во Америка, кои покажуваат дека негативните кампањи во кои постојано се оцрнува противникот ги демотивира од гласање оние избирачи кои би излегле со цел да гласаат за некое општо добро, за воведување на некоја јавна услуга итн.

– Кај нас ова стана дел од политичката култура. Имаме една театрализација, сапунизација на кампањата, каде учесниците во оцрнувањето не се заинтересирани за правосуден ефект врз актерите, за процесуирање на овие индиции пред надлежните институции, туку целта е да се постигне одреден ПР-ефект, шок-бомба во јавното мислење. Секако, ништо не го спречува Јавното обвинителство да поведе соодветни постапки за сите овие индиции од снименитре разговори кои се пуштаат во кампањата – вели Џигал.

Заев: Сè што зборува опозицијата е бла-бла

Заев вчера од Штип му порача на Мицкоски дека е чуден, затоа што секаде тој се слуша во бомбите.

– Во едни други бомби тој се слуша како договара и прави криминал, се слуша како заштитува криминалци, го опструрира носењето на Законот за ЈО и како редовно прима пари за финансирање на партија и на кампања, а од друга страна се обидуваат да ме инволвираат со разговори меѓу трети лица. Заев работел чесно и покажал комплетна посветеност за својот народ и својата земја. Уште еднаш ќе испратам порака до сите дека сето ова што го правевме е конкретно и видливо, а она што го зборува опозицијата е бла-бла и ништо повеќе. Требаше храброст за да падне режимот во 2015 година, видоа храброст. Требаше храброст да го обединиме нашето мултиетничко општество, еве им храброст. Требаше храброст да се решат споровите со Грција и Бугарија, покажавме храброст. И додека сите овие прашања ги решававме, ја кренавме економијата – рече Заев.

Викендов тој ги коментираше разговорите на Мицкоски и рече дека во нив има сериозни индиции за криминално финансирање на политички партии и незаконско финансирање на кампањи и институциите мора да постапат за да се дојде до разрешница и одговорност.

– Ова што го слушаме овие денови е сериозна потврда за криминал и верувам дека ќе се отворат сериозни истраги, заради тоа што нелегалното финансирање на партиите може да предизвика невидени криминални активности. СДСМ е транспарентна партија, својот начин на финансирање јавно го објавува. За спрегите Камчев-Груевски-Мицкоски можеме да видиме како тие си ја финансирале кампањата, а за возрврат на тоа некој да го блокира Законот за ЈО или да го уништи СЈО, а се со конечна цел да спаси предмет како што е „Империја“. Ова се сериозни удари врз правосудството, посебно од некој кој што е аспирант за премиер, тоа е не е дозволиво никаде во светот и не е дозволиво и во нашата земја – порача Заев.

Од ВМРО-ДПМНЕ, пак, вчера соопштија дека Заев и СДСМ се посветени само на криминали, корупции и рекет.

„Последните материјали покажуваат дека секоја работа во владата била дебело плаќана. Српски тајкун платил најмалку 300.000 евра поткуп за да му се заврши некој бизнис со владата на Заев. Колку од овие пари завршиле кај браќата Вице и Зоран Заев, затоа што има сведоштва дека сите изрекетирани пари завршувале токму кај нив. Сега граѓани гледаат дека оваа власт била организирана  единствено кога се работи за криминалот, а се друго е оставено да тоне и да пропаѓа“, соопштија од ВМРО-ДПМНЕ.

Во јавноста се коментира дека негативната кампања им оди во прилог на најголемите партии кои и онака играат на картата на помала излезност заради корона-кризата. Се очекува дека бомбардирањето деновиве ќе се засили и дека снимените разговори кои најсилно ќе одекнат ќе се емитуваат на крајот од кампањата. Не помага ниту апелот од претседателот Стево Пендаровски кој на почетокот рече дека очекува сите политички партии да се однесуваат достоинствено, со високо ниво на политичка култура, ниту присуството на мисијата на ОБСЕ која ги набљудува сите аспекти на изборниот процес, ниту пак бројните апели од европратеници и европски дипломати дека кампањата во една земја, која е аспирантка за членство во ЕУ, мора да биде фер и демократска, а не само денот на изборите.

 

The post Бомбашкиот „кичерај“ ги засени фалбите и ветувањата appeared first on Слободен печат.


Бомбашкиот „кичерај“ ги засени фалбите и ветувањата was first posted on јуни 29, 2020 at 9:20 am.

Слични објави

Франција ја забрани продажбата на Ајфон 12, поради преголемо зрачење

Еспресо

Небото ќе го осветли Нишимура, феномен кој се случува еднаш на 435 години: Вечерва поминува кај нас

Еспресо

(Видео) По слетувањето на Месечината, Индија лансираше ракета за проучување на Сонцето

Еспресо

(Видео) Само 24 пилоти имаат дозвола да слетаат на аеродромот во Бутан

Еспресо

„Зум“ ги враќа своите вработени назад во канцеларија

Еспресо

Среќник од Германија доби 10 милиони евра на „Евроџекпот“

Еспресо
Се вчитува....