3.8 C
Скопје
22:34 - 20 декември, 2024

Болните ќе гласаат дома, здравите надвор, а новозаболените никаде

Лицата што имаат коронавирус или се во самоизолација ќе можат да гласаат доколку се пријават најдоцна седум дена пред изборите на 15 јули, што значи дека оние што ќе добијат позитивен тест или решение за самоизолација од 8 јули до денот на гласањето, нема да можат да го остварат своето избирачко право. Државната изборна комисија завчера попладне го усвои ревидираниот роковник, во кој прецизно се утврдени роковите за извршување на преостанатите изборни дејства, како и правото на гласање за болните од ковид-19. Деновиве се очекува ДИК заедно со Комисијата за заштита од заразни болести да го усвојат и здравствениот протокол со прецизни инструкции за однесувањето на сите што вклучени во изборите – гласачите, набљудувачите и членовите на избирачките одбори – и да почнат подготовките за десеттите парламентарни избори во Македонија, кои се вонредни и по предвременото одржување и по состојбата во која се наоѓа земјата.

Ако се разболите од 9 до 14 јули, за вас нема гласање

Според роковникот на ДИК, избирачот кој е во домашен карантин поради позитивен тест или има решение за самоизолација, најдоцна до 8 јули треба преку полномошник да ја извести Општинската изборна комисија дека сака да гласа. Исто така и немоќно и хронично болно лице треба до 8 јули да ја извести ОИК дека ќе гласа, а оние што се во домашен притвор тоа можат да го сторат преку полномошник најдоцна до 11 јули на полноќ.

Кај болните лица, кои ќе гласаат на 13 јули (понеделник) ќе одат посебни избирачки одбори, во кои три лица ќе бидат здравствени работници. Министерството за здравство до 21 јуни треба на ДИК да ѝ испрати податоци за здравствените работници според местото на живеење, а политичките партии од власта и од опозицијата, кои на последните избори освоиле најмногу гласови, треба да достават свои предлози за членови во посебните одбори, кои ДИК ќе ги формира до 23 јуни.

Надлежните институции и политичките партии уверуваат дека гласањето, што поради корона-кризата за првпат ќе се одвива три дена, од 13 до 15 јули, ќе биде целосно безбедно за здравјето на гласачите и за членовите на избирачките одбори и комисии. Ќе бидат преземени сите лични мерки за заштита, а гласачките места ќе бидат доволно големи за да може да се одржува растојание, при што не е исклучено во помалите избирачки места да се гласа на отворено.

Од ДИК ги повикуваат граѓаните да внимаваат на своето здравје. Претседателот Оливер Дерковски вели дека претстои интересен период со политички препукувања, но најголемиот предизвик ќе биде заштитата на здравјето на сите учесници.

– Како Комисија ќе се потрудиме да обезбедиме максимална заштита на здравјето на сите што учествуваат во нашата изборна администрација, на околу 35.000 граѓани. Ќе обезбедиме пристап до гласачките места на малку поинаков начин. Граѓаните треба да имаат доверба во ДИК и во изборната администрација и да ги следат препораките на здравствените власти, затоа што е исклучително важно да се гласа на изборите. На крајот, нашата држава да биде оценета од сите набљудувачи како држава која одлично организирала изборен процес во вонредни услови и тоа ќе ни биде уште еден чекор напред кон она што ние сите се стремиме, а тоа се евроинтегративните процеси што следуваат есенва и понатаму – рече Дерковски.

Во ДИК очекуваат до почетокот на кампањата на 24 јуни да бидат објавени сите здравствени протоколи, а потоа врз основа на тие протоколи ќе врши едукација на членовите на изборните органи и на околу 500 здравствени работници, кои ќе бидат дел од посебните избирачки одбори.

Сите ветуваат дека ќе ни го чуваат здравјето

Лидерот на ВМРО-ДПМНЕ, Христијан Мицкоски, завчера попладне по средбата со коалициските партнери повтори дека за нив е многу важно да се утврдат строги правила за заштита на здравјето на граѓаните и можноста сите ранливи категории и хронично болни да се пријават за гласање и своето право да го остварат од дома.

– Целосно ќе бидат заштитени при гласањето и целосно нивното право на глас ќе биде тајно. Ги охрабрувам сите што спаѓаат во овие ризични категории граѓани, слободно да се пријават и да гласаат. Другите граѓани во безбедни услови ќе можат да излезат и да гласаат на 15 јули – рече Мицкоски.

Најголемите партии веќе се определија дека нема да одржуваат големи собири и митинзи за време на кампањата што почнува за пет дена и ветија дека ќе направат сè изборите да не ја усложнат состојбата со корона-кризата. Генералниот секретар на СДСМ Љупчо Николовски најави дека ќе водат одговорна и стопроцентно безбедна кампања, во која сите ќе бидат дисциплинирани и одговорни, а со гласачите ќе комуницираат преку социјалните мрежи и на други алтернативни начини.

Филипче: Политичкиот жар да не го надвладее разумот

Министерот за здравство Венко Филипче упати апел до сите фактори при спроведување на целиот изборен процес да не се загрозува здравјето на граѓаните.

– Барам апсолутно сите кандидати, партии, активисти, сите што ќе бидат дел од кампањата, да бидат одговорни и да ги почитуваат, без исклучок, сите протоколи за заштита од коронавирусот. Жарот на политичката битка не смее да го надвладее разумот и во ниту еден момент политиката не смее да се исправи пред здравјето на граѓаните. Секоја активност треба да биде целосно прилагодена на препораките. Уверен сум дека изборниот процес може да се организира на начин безбеден за сите учесници – рече Филипче.

Според него, функционерите и лидерите на политичките партии и партиските активисти имаат обврска да бидат пример за сите, со доследно придржување кон мерките за заштита на колективното здравје.

– Соочени со избори во време на пандемија, како земја мора да покажеме дека сме подготвени да одговориме и на овој предизвик, да одржиме фер и безбедни избори, без ниту еден ризик по здравјето на граѓаните – вели министерот.

The post Болните ќе гласаат дома, здравите надвор, а новозаболените никаде appeared first on Слободен печат.


Болните ќе гласаат дома, здравите надвор, а новозаболените никаде was first posted on јуни 18, 2020 at 8:00 am.

Слични објави

Франција ја забрани продажбата на Ајфон 12, поради преголемо зрачење

Еспресо

Небото ќе го осветли Нишимура, феномен кој се случува еднаш на 435 години: Вечерва поминува кај нас

Еспресо

(Видео) По слетувањето на Месечината, Индија лансираше ракета за проучување на Сонцето

Еспресо

(Видео) Само 24 пилоти имаат дозвола да слетаат на аеродромот во Бутан

Еспресо

„Зум“ ги враќа своите вработени назад во канцеларија

Еспресо

Среќник од Германија доби 10 милиони евра на „Евроџекпот“

Еспресо
Се вчитува....