За да го разбереме овој финансиски модел, мора да дадеме разбирлива дефиниција за тоа што претставува побарувачка. Побарувачката набљудувана од стоковен аспект претставува количина на производи, стоки и услуги што се продаваат на одреден пазар, по одредена цена и во одреден период. Набљудувана од ценовен аспект, претставува цени по кои се продаваат производите, стоките и услугите во одредена количина, на одреден пазар по одредена цена. Ова е важно да се каже поради фактот што кризата од вирусот, покрај здравствени, предизвикува и економски последици, кои веќе кај некои држави во светот без да помине кварталот од шест месеци се манифестираа како послаби или посилни рецесиски појави. Според едно истражување објавено на веб-страницата на Светската банка, се проценува дека европското стопанство ќе потоне во рецесија во распон од минус 2,8 до минус 4,4 отсто.
Врз основа на кажаното, отворено се наметнува и се поставува прашањето: дали треба да им се помогне со соодветни парични средства на граѓаните од страна на државата? Како и кои реперкусии можат да се случат доколку се преземат овие мерки, со цел да се подобри побарувачката на производи, стоки и услуги? Овој процес на делење парични средства од страна на државата не е нов. Тој води потекло од 1969 година. За првпат го употребува економистот Милтон Фридман кој метафорички го нарекува „пари од хеликоптер“. Тој е добитник на Нобеловата награда (1976).
Во денешни услови на криза, оваа мерка е предложена во САД, и тоа во износ од по 1.200 долари на возрасни и по 500 долари на деца. За да се спроведе, федералните резерви на САД ги купуваат државните обврзници и директно ги финансираат граѓаните. Оваа мерка се проширува и на лицата што се невработени, како и на лицата што се самовработени. Слични мерки размислуваат да воведат и Велика Британија, Канада, Австралија. Негативен пример е Финска. Преку својот модел (universal basic income), со помош од 560 евра месечна плата на невработени, има согледувања дека доделените парични средства имплицираат предизвикувачки социјален ефект, но не и економски. Кај лицата што земале ваков надоместок, се намалувал интересот за вработување.
Што подразбира овој процес на поделба на пари кај нас? Во економијата е познат како неконвенционална мерка во монетарната политика, која се предлага како алтернатива на квантитативното ублажување на економските последици. Односно, централната банка ги купува државните и корпоративните хартии од вредност, со цел да изврши директна поддршка на економијата доколку се појават проблеми во ликвидноста. Затоа, оваа мерка, со директен инпут на пари кај граѓаните (или правните лица) има за цел да ја поттикне побарувачката како една од можните алатки за раздвижување на економската активност и, воопшто, стопанскиот раст. Меѓутоа, овој инпут има свои позитивни и негативни последици. Не навлегувајќи во проценти за економскиот раст што се очекуваше во нашата држава пред појава на вирусот, преовладува објективен факт дека тој не може реално да се оствари. Затоа треба да се преземат соодветни алтернативни мерки со цел негативноста што е можно подобро и побрзо без последици да се амортизира. Едно е сигурно, падот на БДП се движи пропорционално со временскиот период од завршување на кризата. Со зголемување на временскиот период на кризата се зголемува и падот на БДП.
Без оглед на мерките кои Владата ги презема, сепак, кризата со вирусот со себе носи и економска криза. Нашето стопанство нема да биде одминато. Последиците ќе се одразат негативно и врз граѓаните (овој запис се однесува на нив, не навлегувајќи во деловниот сектор), туку и врз јавните финансии. Една од мерките е доделување на секој граѓанин бесповратна помош или директна помош (пример, има иницијатива во Србија износот да изнесува 100 евра). Во земјите од регионот оваа мерка е предложена или веќе се применува во различен износ. Доколку кризата се набљудува од паричен аспект, тогаш инпутираните парични средства кај граѓаните ќе предизвикаат позитивен ефект. Но доколку се набљудува од стоков аспект, кризата со вирусот предизвика намалување на понудата. односно стоков дефицит. Тоа значи се појавува дискрепантност во однос на мерките што треба да се преземат и реалното трошење на паричните средства кои се доделени. Логично, доделените парични средства можат и да не се потрошат за својата намена, што претставува уште еден негативен индикатор.
Во однос на доделувањето на паричната помош, доколку се додели на социјално загрозените категории граѓани (невработени, пензионери со ниско ниво на пензија, вработените кои примаат минимална плата, носители на социјална помош ..) тогаш може да ја исполни својата цел. Во спротивно, ќе се смета за популизам кога станува збор за предизборна година, односно, предизвикува сосема поинаков ефект кој може да се толкува на различни начини. Од друга страна, доколку пак помошта не се однесува на сите, а сите се погодени од кризата, тоа значи се врши дискриминација. Прашања што треба да се размислуваат и врз нив да се донесе соодветна правилна одлука.
Зголемувањето на побарувачката за да се постави економскиот еквилибриум, автоматски влијае врз зголемување на понудата, а со тоа и на нов поттик во делот на зголемување на производството. Што е многу позитивна мерка. Се разбира, има различни толкувања за оваа мерка, кои се логични и економски точни. Од деловниот сектор апелираат да се поделат соодветни ваучери, со кои исклучиво би се купувале домашни производи. Тоа значи директна стимулација на домашното производство и зголемување на домашната понуда, а и трансфер на дел од паричните средства преку ДДВ во државната каса. Позитивно и логично, со цел паричните средства да се потрошат во системот а не надвор од него, во т.н. сивата економија.
Од каде би се обезбедиле тие финансиски средства? Станува збор за повеќе од 100 милиони евра (не би сакал да манипулирам со бројки со кои во дадениот момент официјално не располагам). Доколку државата ги има, во ред, но доколку ги нема, ќе треба да се задолжува. Задолжувањето предизвикува негативни последици во делот на фискалниот дефицит и јавниот долг. Овие две компоненти предизвикуваат дезавуирачки и на моменти деструктивни економски импликации. Секако дека намерите на Владата се израз на добра намера, но сепак треба да се размислува и за последиците доколку оваа намера не се анализира внимателно. Пред сѐ, потребни се чекори што треба да се преземат без последици кои можат да предизвикаат макроекономска нестабилност. Оваа трансмисија ќе се изврши по завршување на кризата, а дотогаш останува отворено прашањето за дискусија и полемизирање.
The post Бесповратно делење пари заради зголемена побарувачка: за или против appeared first on Слободен печат.