3.8 C
Скопје
03:09 - 17 ноември, 2024

Амбициозна операција „Муншот“ на премиерот Џонсон: Сто милијарди фунти за 10 милиони тестирања на ден

Премиерот Борис Џонсон подготвил програма за масовно тестирање на милиони Британци секој ден како „последна надеж“ до развојот на ефикасна вакцина против ковид-19.

Ако биде спроведена, операцијата „Муншот“ би била национален подвиг што би можел да се споредува со вселенска мисија до Месечината, а би чинела значително повеќе. Целта е да се развие капацитет за спроведување 10 милиони тестови за коронавирус секој ден, што звучи неверојатно во споредба со досегашното темпо на тестирање. Од почетокот на пандемијата досега во Британија биле спроведени нешто повеќе од 17 милиони тестови. Во светот најмногу тестирања досега спровела Кина, дури 160 милиони, пред САД (90 милиони), Индија (52 милиона) и Русија (39 милиони).

– Програмата за масовно тестирање е нашата последна надеж за избегнување изолација на национално ниво пред да биде изнајдена вакцина – наведува Џонсон во документот што не е официјално објавен, но чија содржина веќе ја пренесуваат низа медиуми.

Неверојатна е и сумата што треба да биде издвоена за операцијата „Муншот“ – приближно 100 милијарди фунти, што е еквивалентно на годишниот британски буџет за образование.

Дел од средствата се наменети за развој на нужни технологии што засега не постојат.

– Земјата сега има капацитет за тестирања за коронавирус како никогаш досега, а уште повеќе ќе го надградиме со инвестиции од 500 милиони фунти во тестови од идната генерација, кои ќе даваат резултати за 20 минути. До крајот на октомври ќе го зголемиме капацитетот на половина милион тестови на ден – изјави претставник на Одделението за здравство и социјална грижа.

Стратегијата предвидува до декември да се развие капацитет за спроведување по 2 до 4 милиони тестови на ден, што би било доволно за масовно тестирање цели градови во кои има жаришта. До крајот на годината би требало да се спроведува тестирање на сите наставници еднаш неделно, како и за сите посетители во болници и центри за грижа.

Вториот бран пристигна

Планот е изготвен во чувствителен период кога Британија е на удар од вториот бран на пандемијата. Не само што се замрзнати плановите за постепено отворање на стадионите и салите за навивачи и посетители на културни настани, туку премиерот Џонсон завчера објави нова мерка за забрана на собирање повеќе од шест луѓе и во затворени простории и на отворено. Главниот медицински експерт, професорот Крис Вити, во исто време изрази „огромна загриженост“ поради неодамнешниот значителен пораст на бројот на новозаразени луѓе. Анализирајќи го загрижувачкиот тренд, професорот Вити оцени дека во „многу тешкиот“ период до пролетта идната година граѓаните може да очекуваат наметнување нови мерки, особено до Нова година.

Наведувајќи ја основата на амбициозната операција, премиерот Џонсон изрази убедување дека таа ќе придонесе граѓаните да живеат „понормално“. Критичарите веднаш забележаа дека актуелниот систем за тестирање е пренапрегнат и ја обвинуваат владата за некомпетентност.

– Имаме многу проблеми. Технологијата мора да функционира. Потребен ни е извор на неопходните материјали за да произведуваме толку многу тестови. Мораме да поставиме ефикасна мрежа за дистрибуција и мора да надминеме многу логистички проблеми – изјави Џонсон на прес-конференција.

Тој, сепак, оцени дека „би требало да биде возможно“ да се засили тестирањето.

– Треба да биде можно да се испорачуваат овие тестови многу повеќе отколку што постигнала која било земја, буквално да се спроведуваат милиони тестови секој ден – изјави Борис Џонсон.

Враќање на трибините и на работните места

Ако биде спроведена според планираното, операцијата „Муншот“ би овозможила да се одржуваат сите спортски и културни настани како и порано. Гостите и навивачите ќе можат да престојуваат во салите и на стадионите ако истиот ден имаат негативен резултат на тест. Така би било овозможено да се врати вообичаеното темпо и на работните места.

Презентација со слајдови од август и доверливиот документ „Објаснување на масовното тестирање во Обединетото Кралство“ ја истакнуваат операцијата „Муншот“ како највисок приоритет за премиерот, кој лично се посветил да ги отстрани сите можни препреки за нејзино спроведување, а тоа го побарал и од својот кабинет. Во доверливите материјали е забележано дека премиерот барал пристап како за проектот „Менхетн“ (за развој на атомската бомба во САД) за да се постигне потребното ниво за иновации и развој на технологии.

– Премиерот го задолжи секретарот за здравство и социјална грижа да ја испорача Програмата за масовно тестирање на населението, сега наречена операција „Муншот“, до крајот на оваа година. Ова е опишано од премиерот како наша последна надеж за избегнување втора изолација на национално ниво пред да се изнајде вакцина, што нашата земја не може да си го дозволи. Тој го бара ова и како поддршка за отворање на економијата и за да му се овозможи на населението да се врати барем чекор кон нормалноста – пишува во документите пренесени од „Британскиот медицински журнал“.

Поддршка од приватниот сектор

За доктор Чанд Нагпол, претседавач на Британската медицинска асоцијација, е несфатливо како може да се спроведе толку амбициозна програма ако се има предвид актуелниот капацитет на лабораториите.

– Мора со голема претпазливост да се пристапи кон забелешката за отворање на општеството врз основа на негативните тестови на оние без симптоми и поради високиот процент „погрешни негативни“ случаи и поради можноста да се пропуштат оние што се носители на вирусот – забележува Чанд.

Се претпоставува дека приватниот сектор би бил охрабрен од можноста со засилени тестирања да се заштити работната сила.

– Бизнисот би ја поддржал стратегијата, нудејќи „тестирања по домови“ за да се овозможи одржување настани со висок ризик, како фудбалски натпревари, театарски претстави, концерти или конференции. Трошоците за патувања или за активности за релаксирање би можеле да вклучуваат и тестирање – се наведува во стратегијата.

Се очекува низа компании од дејноста да се вклучат во развој на брзи тестови, со цел да се развие нова голема инфраструктура во аптеки, училишта и работни места, покрај здравствените установи.

 

Подготвил: Митко Билјаноски

The post Амбициозна операција „Муншот“ на премиерот Џонсон: Сто милијарди фунти за 10 милиони тестирања на ден appeared first on Слободен печат.


Амбициозна операција „Муншот“ на премиерот Џонсон: Сто милијарди фунти за 10 милиони тестирања на ден was first posted on септември 10, 2020 at 7:50 pm.

Слични објави

Франција ја забрани продажбата на Ајфон 12, поради преголемо зрачење

Еспресо

Небото ќе го осветли Нишимура, феномен кој се случува еднаш на 435 години: Вечерва поминува кај нас

Еспресо

(Видео) По слетувањето на Месечината, Индија лансираше ракета за проучување на Сонцето

Еспресо

(Видео) Само 24 пилоти имаат дозвола да слетаат на аеродромот во Бутан

Еспресо

„Зум“ ги враќа своите вработени назад во канцеларија

Еспресо

Среќник од Германија доби 10 милиони евра на „Евроџекпот“

Еспресо
Се вчитува....