-4.2 C
Скопје
02:43 - 23 декември, 2024

Академик Владо Камбовски: Би било невиден преседан доколку Унијата ги прифати барањата на Бугарија (Интервју за Слободен печат)

Коментирајќи ја работата на меѓудржавата комисија за утврдување на можноста за заедничко одбележување на настани и личности од историјата, Академик Камбовски во интервју за Слободен печат смета дека е направена голема грешка што во преден план се пуштени историски теми кои биле дискутабилни и ќе останат како такви уште долго време.

Тој смета дека е беспредметно за идентитетот да се преговара. Во однос на толкувањето на историјата Камбовски вели дека „мора да дозволите можност дека постои „софиска школа“ и дека постои еднакво вредна „македонска школа“ на толкувања“.

Оттаму Академик Камбовски вели дека би било невиден преседан доколку Унијата ги прифати барањата на Бугарија.

Ви го пренесуваме интервјуто со Академик Владо Камбовски што го направи новинарката Весна Тодоровска.

Господине Камбовски по речиси цела година денеска во Скопје се сретна мешовитата македонско – бугарска комисија за историски прашања. Резултатите од овие средби ми се чини дека секогаш се завиткани во мистерија. Се добива впечаток дека бугарските историчари се поотворени за своите медиуми, па отаде Пирин планина ни пристигнуваат вести за тоа каде „запнале“. Дали вие како член на македонска академија на науките и уметностите сте информрани за текот на овие разговори?

-И ние овде во Академијата немаме никакви информации, се информираме од вас медиумите. Порано имаше идеја македонската и бугарската академија да ги координираат средбите и да учествуваат во усогласувањето на ставовите. Но, таа идеја не заживеа. Би било добро двете академии активно да се вклучат, за да можат да се влијаат на поусогласен пристап, бидејќи Договорот со Грција, или пак, Договорот со Бугарија не се еднонасочни договори кои се фокусирани само на прашањата од историјата. Тие се сеопфатни договори кои опфаќаат научна и економска соработка, но и соработка меѓу високообразовните и кулутурните институции. Тоа се условите за добрососедство.

Но, еве веќе втора година преговараат историчари?

Според мене, направена е голема грешка што во преден план се пуштени историски теми кои биле дискутабилни и ќе останат како такви уште долго време. Потребна е една широка програма за соработка која ќе ги покрие сите подрачја кои се наведени во договорите и се услов за добрососедство. Тие програми за одредени подрачја ќе придонесуваат да се создава клима на доверба и пријателство, бидејќи без таква клима и некои најситни научни спорови можат да се драматизираат и до стигнат до рамниште „да се биде“ или „да не се биде“.

Од историски прашања, Бугарија почна да бара Македонците да се откажат и од македонскиот идентитет и македонскиот јазик. Како понатаму?

-Никогаш, ниту со меѓународни договори, ниту со билатерални договори, или, пак, кои и да се други инструменти, не може да се влезе во чувствителните прашања на националниот идентитет. Тоа е прашање на самоопределување, кое постои како идентитетско самоопределување или, не постои. Но, тоа е работа на самиот народ. Со ниеден договор, конвенција или политика не може да се загрози, да се наруши или ограничи тоа право. Беспредметно е прашања за идентитетот да се сметаат за прашања за кои може да се преговара. Тука спаѓаат сите идентитетски обележја од јазик, традиции, митови, религија, колективната меморија која ја изразува посебноста на еден народ или било која друга група.

Што се случува кога немате таква широка соработка за која зборувата, а во исто време Бугарија од Македонија очекува големи отстапки во името на европската иднина на земјава?

– Кога не развивате сестрана соработка во полињата како што се науката, културата, економијата, спортот, образованието, тогаш паѓате во замката која можат да ја искористат одредени политички структури кои ќе се обидат да влијаат во разгорувањето на меѓусебните недоразбирања или нетрпеливост, за да извлечат одредена корист за себе. Ниту една историска група не може да ги расчистува прашањата за националниот идентитет и јазик, тоа се апсолутни принципи за кои нема разговори и преговори. Како можам јас да преговарам дали сум Македонец?

Што понатаму, за да се надмине историскиот камен на сопнување?

– Сега двете влади и бугарската и македонската треба да се излезат со сеопфатна програма, во која ќе бидат вклучени и други институции, универзитетите, научните институции, двете академии, македонската и бугарската, бидејќи двете историски комисии ниште не решаваат. Не треба да очекуваме тие да ни го дадат клучот за соработка. Соработката е еден широк поим за добрососедство.

Но, Бугарија инсистира и уценува да ја прифатиме нивната вистина, на пример дека Гоце Делчев е Бугарин, а не Македонец?

– Во секоја наука има едно основно правило на т.н. научен плурализам да постојат две или повеќе различни концепти и теории за одредено пршање и да нема примат за ниту една од нив. Во науката нема примат. Мора да дозволите во однос на толкувањето на историјата, можност дека постои „софиска школа“ и дека постои еднакво вредна „македонска школа“ на толкувања. Тоа се случува и во многу други науки, било тие да се општествени или природни. Таму ќе сретнете за едно исто прашање мноштво различни концепти и секоја од нив претендира на своја вистина со која се докажуваат тие научни ставови. Секое инсистирање на научен монизам е прифаќање на некои догми кои не се од корист на науката.

Што би и порачале на мешовитата комисија за историски прашања?

– Прво и основно, да се држат до научните принципи и второ да имаат взаемна толеранција во однос на тоа што го изнесува секоја страна. Никаде во Договорот за добрососедство со Бугарија не пишува дека ќе се усогласуваат научните погледи во однос на историските личности. Таму во членот 8, точка три пишува „Двете договорени страни ќе организираат со заемна согласност заеднички чествувања на заеднички историски настани и личности, насочени кон зајакнување на добрососедските односи во духот на европските вредности“. Значи не пишува дека едната страна мора да ги прифати погледите на другата страна, туку да се усогласат.

Каков е вашиот став за бугарските барања во меморандумот кој го испрати до ЕУ и за заканите дека ќе ја блокира првата меѓувладина конференција на која Македонија очекува да добие зелено светло за почеток на преговорите?

– Тие барања се апсурдни. Не верувам дека некој во Европската унија ќе прифати такви услови. Ниту сега, ниту во минатото од страна на Еврпската комисија, од Европската унија е назначено „почнете да се размислувате да прифатите вакви услови“. До сега за ниту една земја немало услови кои се однесуваат на националниот идентитет или јазик. Би било невиден преседан доколку Унијата ги прифати барањата на Бугарија. Пораките од резолуцијата, што Европскиот парламент неодамна ја донесе за Бугарија, во која се наведени јасни назнаки во делот на човековите права, меѓу кои и регистрацијата на македонските здруженија даваат очекување ЕУ да остане на своите принципи. Не верувам дека Европската унија ќе се изневери себе си до таа позиција за да удоволи на бугарските барања.

The post Академик Владо Камбовски: Би било невиден преседан доколку Унијата ги прифати барањата на Бугарија (Интервју за Слободен печат) appeared first on Слободен печат.


Академик Владо Камбовски: Би било невиден преседан доколку Унијата ги прифати барањата на Бугарија (Интервју за Слободен печат) was first posted on октомври 15, 2020 at 4:10 pm.

Слични објави

Франција ја забрани продажбата на Ајфон 12, поради преголемо зрачење

Еспресо

Небото ќе го осветли Нишимура, феномен кој се случува еднаш на 435 години: Вечерва поминува кај нас

Еспресо

(Видео) По слетувањето на Месечината, Индија лансираше ракета за проучување на Сонцето

Еспресо

(Видео) Само 24 пилоти имаат дозвола да слетаат на аеродромот во Бутан

Еспресо

„Зум“ ги враќа своите вработени назад во канцеларија

Еспресо

Среќник од Германија доби 10 милиони евра на „Евроџекпот“

Еспресо
Се вчитува....