0.8 C
Скопје
23:15 - 18 декември, 2024

3Д Принт: Производството на визири може да сопре, домашни нечесни компании го купија цел материјал за ситен профит, ние мора да набавуваме од странство

Околу 20 волонтери кои работат на дистрибуирање на визири за медицинските лица, за неполни две недели успеаjа да обезбедат заштитна опрема за голем број приватни и јавни здравствени установи. Досега со помош на хуманите граѓани обезбедени се 6.500 заштитни маски со визири.

Околу идејата да им се помогне на медицинските лица, мотивираноста, дистрибуцијата и производството на визири, разговаравме со Алдин Капетановиќ, од 3Д принт. Како што информира тој, процесот за снабдување на приватните здравствени установи се уште e во тек, но заради интензивниот труд на активистите од 3Д принт медицинска опрема, само на 7 април биле опслужени 100 установи во еден ден, паралелно со доставата на визири на: Градска Општа Болница “8ми Септември”, УГАК, Здравствен Дом – Скопјe,  Психијатриска болница Скопје, Здравствен Дом – Железара.

Како дојдовте на идеја да почнете со производство на медицинска заштита?

– Бидејќи сме во трка со времето, 3Д принтери се најбрзиот начин да се произведат визири бидејќи можеме да ги добиеме веднаш, истиот ден. Машините, иако не се најекономични, сепак се најадекватни за произведување на делови кои не се достапни на пазарот како готов производ. Лекарите нагласија дека визирите се најкомплетна заштитна опрема, па ние се фокусиравме на тоа. Со оглед на фактот дека COVID-19 вирусот навлегува најлесно преку устата, носот и очите, визирот нуди комплетна бариера на сите влезни точки.

Што Ве мотивираше?

– Не е прв пат до израз да дојде нашата грда природа како народ да ги запоставуваме лекарите. Не е ни прв пат да паднеме во здравствена криза, и никогаш до сега лекарите не добиле ниту основни услови за да можат својата работа да ја извршуваат по прописи. Ова не е никаква новост, и доколку чекавме некој друг да го реши овој проблем – истиот гарантирано ќе останеше нерешен, впрочем како што се гледа веќе сме длабоко навлезени во кризата и ретко кој има направено крупни чекори со цел да ги заштити лекарите. Затоа, иако овој товар не требаше да падне на грбот на обичниот жител, сепак ние си превземавме за обврска да го направиме она што навидум никој друг не сака – да понудиме заштита за лекарите, за истите да можат да спасат колку што е можно повеќе животи кога ќе дојде време за тоа. Воедно си дадовме за задача барем еднаш некоја акција да почне хуманитарно и да заврши хуманитарно, без политички етикети и лични профити, со надеж дека можеби ќе служи како пример за идните генерации дека сепак можело чесно, доколку се сака.

Колку луѓе сте вклучени во изработката?

– Во моментов во производство се вклучени над 80 3Д принтери, околу 20 ЦНЦ ласери и 20-тина волонтери кои работат на дистрибуирање материјали. Со оглед на фактот дека оваа акција трае неполни две недели, имаме оформено едно ниво на организација на кое можат и фирмите гиганти да му позавидат. Ги следиме набавките и потрошувачките на материјали, како и ефикасноста на секој волонтер. Доколку некој 3Д принтер не произведува со максимална ефикасност, заеднички го дијагностицираме и корегираме со цел да извади колку што е можно повеќе визири за пократко време. На прецизно одредени датуми нашите волонтери-дистрибутери возат од врата до врата и ги собираат готовите визири кои понатаму се носат на централна локација за дистрибуирање кон лекарите. Воедно имаме дисперзирани екипи во голем број на градови како што се Струмица, Битола, Куманово, Велес и повеќе други, кои произведуваат визири локално и ги дистрибуираат каде што е потребно, со цел да се заштеди на време кое би се трошело на транспорт.

На кого ги дистрибуирате?

– Во моментов можеме со задоволство да кажеме дека се опфатени речиси сите јавни здравствени установи во целата држава со основни количини, и дополнително обезбедуваме втора па и трета пратка за да се надополнат истите. Воедно ги опфаќаме и приватните установи и матичните лекари, а во план се и фармацевтите и стоматолозите. Со тоа планираме да останеме на првичното ветување дека ќе биде заштитен секој здравствен работник во земјава.

Има ли приоритети, како одлучувате на кого прв да му донирате?

– Во консултација со повеќе лекари постои листа на приоритети каде што се дистрибуираат визирите бидејќи сепак тие најдобро знаат како функционираат здравствените установи. Најпрви добиваат лекарите кои имаат директен контакт со потврдени заразени пациенти, па потоа лекари кои се во контакт со потенцијални заразени (со сомнителни симптоми), и на крај сите останати. Распределувањето е непристрасно и лекарите не се делат по ниту еден друг основ. Кај нас не постои класичното добивање залихи “преку врски” или преку ред, ниту пак има потреба за тоа, бидејќи секако сите ќе добијат.

Има ли интерес за донации?

– На наше општо изненадување донации имаше и повеќе од доволно за да ја оствариме нашата цел. Дури во неколку наврати ги замоливме членовите да престанат со донирање за да не се собере некоја сума која реално не би можеле да ја искористиме. Солидарноста на народот овој пат блескаше. Сепак нам ни е побитно народот да има доволно пари за сопствениот живот во тешките времиња кои ни доаѓаат, отколку ние да имаме повеќе од доволно средства за оваа акција. Доколку ни затребаат донации, имаме многу потенцијални донатори кои се спремни да помогнат во секој момент.

Што Ви е најпотребно од донации?

– Сега за сега донации не ни се потребни, повеќе потешкотии имаме околку набавка на материјали за изработка кои се за жал во дефицит поради одредени нечесни компании и индивидуалци што решија дека е одлична идеја да заработат ситен профит на маката на народот, па имаат откупено огромни залихи на материјали, притоа не оставајќи за нашата хуманитарна акција ни приближно доволно, па сме приморани да увезуваме од странство. Со тоа трошиме драгоцено време, и наместо да ставиме визир на лицето на лекар денес, тоа за жал ќе се одложува непотребно. Битно ни е да се знае дека 100-те денари кои тие ги заработиле, може некого да чинат живот. За хуманоста на поединци нема да дискутираме бидејќи тоа е личен избор, но не е лошо да стапат во контакт со својата совест од време на време.

The post 3Д Принт: Производството на визири може да сопре, домашни нечесни компании го купија цел материјал за ситен профит, ние мора да набавуваме од странство appeared first on Слободен печат.

Слични објави

Франција ја забрани продажбата на Ајфон 12, поради преголемо зрачење

Еспресо

Небото ќе го осветли Нишимура, феномен кој се случува еднаш на 435 години: Вечерва поминува кај нас

Еспресо

(Видео) По слетувањето на Месечината, Индија лансираше ракета за проучување на Сонцето

Еспресо

(Видео) Само 24 пилоти имаат дозвола да слетаат на аеродромот во Бутан

Еспресо

„Зум“ ги враќа своите вработени назад во канцеларија

Еспресо

Среќник од Германија доби 10 милиони евра на „Евроџекпот“

Еспресо
Се вчитува....