2.8 C
Скопје
19:48 - 20 декември, 2024

Музичко патување со Џослин Пук на „Манаки“

Џослин Пук, една од најпознатите британски композитори на филмска, театарска, телевизиска и концертна музика во Битола ќе има работилница насловена „Компонирање филмска музика со Џослин Пук“.

-Музиката е важна во животот на многу луѓе. Мојата музика обично се користи како друг глас во филмовите, фрла поинаква светлина на нештата, ќе рече Пук за филмската музика која ја создава.

Номинирана и добитник на бројни награди. Најпозната по нејзината музика во филмовите „Бандите на Њујорк“ на Мартин Скорсезе и „Очи ширум затворени“ на Стенли Кјубрик, која ѝ донесе филмска награда во Чикаго и номинација за Златен глобус. Снимала и настапувала со Марк Нопфлер, Ник Кејв, Питер Габриел, Лори Андерсон, „Масив атак“, „Кренберис“ и „Комунардс“. Овој септември Џослин Пук ќе допатува во Битола каде во рамките на програмата на ИФФК „Браќа Манаки“ ќе одржи работилница за компонирање филмска музика.

Нејзината кариера како филмски композитор почна кога Стенли Кјубрик го слушнал нејзиниот албум Deluge и побарал да ја напише музиката за неговиот филм „Очи ширум затворени“. Делото „Masked Ball“, кое содржи фрагмент од православна литургија свирена наназад и стихови испеани на романски, беше дел од секвенцата со маскенбалот. Музиката на Пук за „Очи ширум затворени“ ја освои Чикаго филмската награда и беше номинирана за Златен глобус.

-Бeше изненадување за мене. Сметав дека треба да бидеш нешто посебно за да бидеш композитор. Беше неочекувано тоа што се случи и стана еден вид мое музичко патување, ќе раскаже Пук за своите почетоци како композитор на филмска музика.

Во 2018 година ја компонираше музиката за „Сопруга“ со Глен Клоуз, Џонатан Прајс и Кристијан Слејтер, за што во 2019 година ја освои наградата за Најдобра оригинална композиција во игран филм на Наградите за музика и звук.

Пук беше номинирана за наградата БАФТА за музиката за „Владин инспектор“ на Канал 4, а во април 2018 г. освои БАФТА за музиката за телевизискиот филм од 2017 г. „Крал Чарлс Трети“ (во режија на Руперт Голд). Ја напиша и музиката за документарната серија на Нетфликс „Скали“ во режија на Жан-Ксавиер Лестрад.

Џослин Пук е англиска композиторка и виолистка. Во 1983 година дипломирала на Школата за музика и драма Гилдхол во Лондон, каде што студирала виола со Дејвид Такено и пијано со Карола Гриндеа.

Учествуваше во светската турнеја „Лексикон на љубовта“ на групата „Еј Би Си“ и се појави во филмот „Стапица за мажи“ на Џулијан Темпл/„Еј Би Си“, по што следеше период на снимање и настапи со музичари кое траеше три години. Во овој период, исто така, настапувала како музичарка/актерка во експерименталните театерски компании „Театарска кооператива“ и „Лимие и син“, како и во неколку продукции на Националниот театар.

Нејзините рани дела како композиторка се претежно за танц; ја напишала музиката за ДВ8 Физички театар, О Вертиго Данс, Вејн Мекгрегор, Танцовата компанија Феникс, Шобана Џејасинг Данс, а во поново време компанијата на Акрам Кан и Англискиот национален балет. Работела на неколку претстави на ДВ8 Физички театар, меѓу кои и „Чудна риба“, за која ја има освоено Наградата на Италија за музика.

Пук беше член и на музичкиот ансамбл „Регјулар мјузик“ на композиторот Џереми Пејтон Џоунс и ги сними нивните албуми за „Раф трејд“ и „Сенчури 21“. Таа беше коосновач на неокласичниот камерен квартет „Електра стрингс“ заедно со австралијанската виолинистка Соња Слејни. Електра квартетот снимаше, аранжираше и настапуваше со многу уметници, како Џулс Холанд, Марк Нофлер, „Стренглерс“, „Кренберис“, „Дис мортал коил“, Ник Кејв, „Дивајн комеди“, Пол Велер, Риуичи Сакамото, Мајкл Најман и Лори Андерсон, а во 1991 година се појави во филмот „Едвард Втори“ на Дерек Џарман.

Како солистка Пук има објавено неколку албуми: Deluge („Вирџин рекордс“ 1997), Flood („Вирџин рекордс“ 1999) и Untold Things („Риал ворлд рекордс“, 2001-2013). На нив се појавуваат пејачи со кои таа редовно соработува, како Мелани Папенхајм, со која работеле заедно на многу проекти.

На музиката на Пук за филмот на Мајкл Радфорд „Венецијанскиот трговец“ со Ал Пачино пее контратенорот Андреас Шол, а беше номинирана за Брит награда за класична музика. Други нејзини позначајни дела работени за филм се: „Брик лејн“ (во режија на Сара Гаврон), „Хајди“ (во режија на Пол Маркус), „Тајм аут“  (во режија на Лоран Канте), „Хаотичната Ана“  и „Соба во Рим“ на Хулио Медем, и дело за саундтракот на „Бандите на Њујорк“ во режија на Мартин Скорсезе.

Пук напишала музика и за неколку концерти, музички театар и опера, а била и на турнеја со „Џослин Пук Ансамблот“.

Во 2002 година „Промс“ ја ангажираа да напише дело за „Кингс сингерс“, „Mobile“ во соработка со Ендру Моушн. Во 2003 година ја освои Британската награда за композитор (која сега се вика Ајвор награди за композитор) за нејзиното дело „Зборување во мелодии“ за музички театар. Беше ангажирана да напише кратка опера, „Ингерланд“ за РОХ2 (продуцентскиот дел на Лондонската кралска оперска куќа), која Кралската оперска куќа ја изведе во јуни 2010 година во театарот Линбери.

Во декември 2012 година нејзиниот циклус симфониски песни „Hearing Voices“, со кои се истражуваат искуствата со ментални болести, ја имаше премиерата во Квин Елизабет Хол, во изведба на Концертниот оркестар на Би-Би-Си и Мелани Папенхајм, под диригентство на Чарлс Хејзелвуд.

-Сакам предизвици. Фацинирана сум од гласовите, музичката комплексност на гласот, генерално од говорот и тој е дел од мојата музичка палета. За овој проект се инспирирав од дневниците на роднина која доживеала нервен слом, а мајка ми го зачувала.Тоа беше прекрасен материјал кој ми помогна во работата. Беше вистинско патување и добивме навистина неочекувани резултати, ќе раскаже Пук за проектот.

Во 2012 година Пук ја освои втората Британска награда за композитор за музиката за танцовата продукција DESH на Акрам Кан. Во јуни 2014 година компонираше музика за Англискиот национален балет, кој за првпат настапи на фестивалот Гластонбери со „Прашина“ на Акрам Кан, со тематика од Првата светска војна, со пренос на Би-Би-Си 2. Нејзиниот последен балет за Англискиот национален балет, „М-Дао“, во кореографија на Јабин Ванг, ја имаше премиерата во 2016 година во „Седлерс велс“.

Во 2008 година ја освои наградата Оливие за делото „Св. Јованка“ на Националниот театар (во режија на Мариен Елиот). Други театарски дела се претставата „Крал Чарлс Трети“ на Мајк Бартлет од 2014 година, која имаше премиера во театарот Алмеида, потоа се пресели во театарот Виндам во Вест Енд и во Бродвеј, Њујорк. Пук ја напиша и музиката за наградуваната претстава „Адам“ за Националниот театар на Шкотска, која ја имаше премиерата на Меѓународниот фестивал во Единбург во 2017 година со настап на интернационален, дигитално поврзан хор од 120 души.

Во 2019 година „Промс“ ја ангажираа Пук да напише ново дело за Пром 49: Загубени зборови. Во „You Need To Listen To Us“ се користат зборови од говорите на еколошката активистка Грета Тунберг. Таа ја компонираше и музиката за „Кингмејкер“, документарец за контроверзната политичка кариера на Имелда Маркос, поранешната прва дама на Филипините, во режија на Лорен Гринфилд.

Фото: ©MatthewAndrews

 

 

 

 

Слични објави

(Фото) Чантата на Јелена Томашевиќ вреди колку зимување на Копаоник: Сите зборуваат за ова модно парче

Еспресо

(Фото) Поранешниот сопруг на Драгана Мирковиќ ужива за сите пари: Чаша бело вино и нереална глетка на убава дестинација

Еспресо

По раскинувањето со Зоран Марјановиќ, Инди откри валкани детали за поранешниот: „Манипулатор кој ми го испра мозокот“

Еспресо

Оваа земја ќе биде засекогаш исфрлена од Евровизија? Има една причина

Еспресо

Разоткриен просекот на оценките на Јована Јеремиќ од факултет: Сакам да ги нервирам квазиинтелектуалците

Еспресо

(Фото) Голема прослава во домот на Сања Маринковиќ! Огномет го осветли небото, еве кој е поводот

Еспресо
Се вчитува....