Кантавторката Мијата се сретна со британската музичка ѕвезда Емели Санде откако настапи пред неа на фестивалот „Скрим“ во Скопје.
По настапот, зад сцената, Мијата ја изненади Санде со специјално изработен накит од Македонија, инспириран од македонското културно наследство.
„Имам подарок за тебе. Ова е скулптурален накит направен во Македонија. Инспириран е од оригинално старо македонско парче накит од четвртиот или петтиот век. Го нарачавме специјално за тебе, за да се сеќаваш на Македонија“, ѝ рече Мијата на Санде, подарувајќи ѝ прстен.
Емели Санде не го криеше воодушевувањето од подарокот.
„Благодарам многу. Ова е преубаво, прекрасно е“, рече пејачката.
Мијата ѝ подари и примерок од својот втор албум, објаснувајќи дека средбата со Санде за неа има особено емотивно значење.
„Благодарение на тебе ја добив можноста да го отворам овој настан. Не е секогаш лесно да ја запознаеш својата инспирација. Ова е одлична можност за нас“, ѝ кажа Мијата.
Таа ѝ објасни и дека накитот има посебен начин на носење и ѝ вети дека ќе ѝ испрати фотографии со инструкции од дизајнерот.
Фестивалот „Скрим“ се одржа на 7 ноември во „Т арена“ во Скопје, а настапија британската ѕвезда Емели Санде, македонското дуо „Дупер“ и пејачката Мијата. Настанот ја обедини домашната музичка сцена со меѓународната, а Санде, позната по хитовите „Next to Me“, „Read All About It“ и „Heaven“, беше главната ѕвезда на вечерта.
За Мијата, која со години гради препознатлив авторски музички израз, ова беше повеќе од концертен настап, можност лично да ѝ се заблагодари на уметницата што ја инспирирала и преку симболичен подарок да ѝ пренесе дел од македонската традиција.
View this post on Instagram
