Хрватскиот пејач Тони Цетински со потресна порака се прости од својот татко Мирко Цетински, познат пејач од Истра, кој почина во четвртокот, на 78-годишна возраст, по долго и тешко боледување. Во објавата на социјалните мрежи, Тони сподели искрени зборови за загубата, спомените и љубовта што останува и кога најблиските веќе не се меѓу нас.
View this post on Instagram
„Постојат моменти во животот за кои човек никогаш не може да биде подготвен. Еден од нив е моментот кога мора да се прости од сопствениот татко“, напиша пејачот на својот профил на Инстаграм.
Тој призна дека меѓу нив останале многу неискажани зборови, а дури сега станува целосно свесен колку биле драгоцени едноставните, секојдневни моменти што понекогаш ги земаме здраво за готово.
„Денес не сакам да го бројам она што не успеавме да го направиме. Сакам да го паметам она што го имавме. Сè што беше убаво, сè што беше тешко, сè што беше наше. Зашто односот меѓу таткото и синот не е секогаш изграден само од зборови“, порача Тони.
Во емотивната посвета, пејачот му се заблагодари на својот татко за животот што му го дал и за сите лекции што ги научил од него. Додаде дека некои од нив можеби дури сега ќе ги разбере во целост, кога веќе нема да може да побара совет од него.
„Посакувам уште само еднаш да те прегрнам. Уште еднаш да го слушнам твојот глас. Уште еднаш да имам можност да ти го кажам она наједноставното, а најважното: Те сакам, тато“, напиша пејачот.
Тој истакна дека дел од неговиот татко засекогаш ќе продолжи да живее во него – во мислите, во спомените и во секоја песна што ќе ја испее од срце.
„И затоа ова не е збогум засекогаш. Почивај во мир, татко мој. А јас ќе те носам таму каде што разделбите не постојат. Во моето срце“, напиша Цетински на крајот од посветата.
Мирко Цетински почина на 78-годишна возраст. Роден е во Пула, а најголемиот дел од животот го поминал во Ровињ, град на кој му посветил бројни песни.
Со музика се занимавал цели шест децении, а публиката го памети по песните „Моето лудо срце“ („Moje ludo srce“) и „Ти купив прстенче“ („Kupil sam ti prstenac“), со кои оставил белег на регионалната музичка сцена.
Освен како пејач, Мирко бил познат и како еден од основачите на Радио Ровињ (Radio Rovinj), со што придонел за развојот на локалниот медиумски и културен живот.
Последното испраќање ќе се одржи во кругот на семејството, во согласност со желбата на најблиските.
Со својата порака, Тони Цетински потсети дека загубата на родител остава празнина што не може да се пополни, но и дека љубовта, заедничките спомени и сè што сме научиле од оние што нè одгледале продолжуваат да живеат во нас и по нивното заминување.
