Секој е виртуоз на свој начин, но кога повеќемина се заедно во студио или на сцена, се создава езотерична кохезија, која метаморфозира во перфектен хармоничен хаос што сите заедно го носат. И да, звучат неверојатно, а сценската изведба ви ги држи очите широко отворени, обземени од бран дека промената е веќе тука.
Лав-от, Гаго, Лас Веѓас, Лукс Кмала, Боббсс, Петелјаваше, Јасмин, Пики, ВецВајсВерс и Вуиса се десеттемина артисти од „Доуп Куќата“, рапери и врапери, „инди-вудуи“, творци и носители на нов звук што грми во сосема спротивна насока од музичките тралалајкари, медиокритети и комерцијалисти. Сите се со различна професија, а тоа што ги поврзува, освен музиката, е истата освестувачка енергија, крајно позитивна, но истовремено и разорна спрема лицемерието што нè опкружува, со толку сурова искреност во поезијата што уверува дека имаме кому да се потпреме кога нивното време навистина ќе дојде во сите сфери на општеството. А, неминовно доаѓа.
Повод за нивниот меѓусебен разговор, на кој присуствувам само како записничарка и вампирка за позитивни вибрации, е промоцијата на новиот албум „Супергруб боибенд“, која ќе се случува во сабота во „Излет кафе“, со почеток во 21 часот.
Лав-от го прашува Гаго: Какво е чувството да „влезеш на песна“ со други артисти и да им ја „земеш“, да бидеш подобар од нив?
Гаго: Не знам за чувството бидејќи се водам по мотото „сложни браќа (доуп) куќа градат“. Секој од моите сокуќници симболизира посебен темел во севкупниот концепт на песните во албумот. Секој е виртуоз на свој начин, при што колективно се создава езотерична кохезија, која метаморфозира во перфектен хармоничен хаос што сите заедно го носат.
Гаго го прашува Лаз Веѓас: Од каде произлегува потребата да ја искажеш твојата сурова искреност во песните?
Лаз Веѓас: Тоа не е секогаш потреба. Некогаш е должност. Се чувствувам должен спрема другите во групата – кога секој ќе си го донесе својот најтежок камен, а јас, себично, ќе си го чувам само за себе. Другата моја опсесија е глумата, зар не се ова двете струки во кои единствениот бунар од кој црпиш инспирација е само твојот емоционален багаж?
Лукс Кмала го прашува Боббсс: Да речеме дека процесот на бодибилдингот е сличен на римувачкиот. За колку години мислиш дека ќе го стигнеш Еминем, познавајќи ја твојата физичка форма и моментална набилданост?
Боббсс: Не би сакал да римувам подобро од најдобриот, но затоа изгледам подобро од него. Секогаш има место за напредок, ајде можеби ќе ме стигне… некогаш. (Еминем римува пинг-понг со Кинг Конг, што значи тука сме некаде).
Лукс Кмала го прашува Лав-от: Која е најважната вештина што еден „супергруб боибенд“ артист треба да ја поседува?
Лав-от: Да може да работи под притисок. На пример, пред 245 души во студио за време на снимање. Од глумци до режисери, од камермани до рекетари, од убијци до лихвари, од кретени до ненормални џаболебари, до манекенки.
Лав-от го прашува Лаз Веѓас: Кој е поводот да не носиш маица на настапите?
Лаз Веѓас: Антонио, ова прашање тебе не ти го одговарам, ќе почекам медиумите сами да ме прашаат.
Лав-от го прашува Лукс Кмала: За кој свој инструментал би си рекол „е, алал да ми е!“?
Лукс Кмала: За секој што ни малку не потсетува „ала“ нечив. Ако мора да бирам, тоа би било за повеќето од претстојниот албум.
Лаз Веѓас го прашува Петелјаваше: Кои две песни ти се омилени за миксање една со друга во време на диџеј сет?
Петелјаваше: Моето лично задоволство се должи на моментот кога ќе се случи следнава транзиција: Lola’s Theme – Stupidisco.
Лукс Кмала го прашува Јасмин: Имаш албум под алијас Јасмин со име „Нешто како рап“ и албум под алијас Елиот Деб со име „Не јади многу…“. Дали си размислил да направиш колаборативен албум од Јасмин и со Елиот Деб со наслов „Нешто како врап“?
Јасмин: Ние сме врапери и ќе врапуваме!
ВецВајсВерс го прашува Пики: Дали е вистина дека имаш афера со ќерка му на Еминем, и дали Ксенија е љубоморна?
Пики: Со Хејли се немаме запознаено, само ми „реактнува“ на „сториња“ и знае да пише чат-пат. Муабетот стигна до Ксенија и мислам дека таа „се напна“ малку, иако не ми спомна ништо за тоа. Сега сме во добри односи. Пријателски, се разбира. Не би можел да одржувам врска на далечина.
Лукс Кмала го прашува ВецВајсВерс: Уште малку ќе станеш адвокат. Која е поврзаноста помеѓу адвокатството и рапот, и дали сметаш дека со сето ова адвокатско знаење ќе можеш да го „браниш“ рапот?
ВецВајсВерс: Не знам дали ќе станам адвокат, ама за рапот нема да седнам. Ќе го „(бог да) чувам“ и бранам до последниот атом, па макар…ска.
ВецВајсВерс го прашува Лукс Кмала: Кој прави подобри инструментали: Лукс Кмала или Лукас Поматски?
Лукс Кмала: Кога Лукс Кмала се чувствува немоќен и осудуван од другите артисти и продуценти, тука беше Лукас Поматски да му го покаже патот и да му докаже дека нема подобар од него. Да се вратиме на одговорот, тоа ќе остане само прашање на вкус.
Лав-от го прашува Вуиса: Кажи ми нешто повеќе за Ву и за Сах?
Вуиса: Двајца другари, едниот го знае од основно, другиот го знае од факултет. И покрај тоа што имаат „лав-хејт“ релација, успеваат да најдат компромис да се вклопат двајцата и да напишат „цела ами пола“ книга во песна од седум души. Освен Ву и Сах, наречи ги како сакаш, стари Македонац и нови Македонац, Најдобар и Најлош, Емо и Џи, Пики и Вуисах и тн.