Ќерката на пејачката Маја Гроздановска-Панчева и фудбалската легенда Дарко Панчев, Марија Панчева, има уште една причина за славење – го заврши и вториот факултет.
Веста ја сподели нејзината мајка на Инстаграм, каде што објави фотографија од Марија со букет цвеќе по повод дипломирањето.
„И вториот факултет е завршен“, напиша Марија на англиски јазик на фотографијата, која подоцна ја сподели и нејзината мајка.

Од фотографијата се гледа дека Марија дипломирала на Филолошкиот факултет „Блаже Конески“ во Скопје. На екранот зад неа е прикажана темата „Реалистички приказ на општеството во ‘Ефи Брист’ од Теодор Фонтане“, под менторство на професорката Маријана Ѓоргиева.
Марија е една од двете ќерки на Маја и Дарко Панчев, кои повеќе од две децении се еден од најпознатите брачни парови на македонската јавна сцена. Иако и двајцата се добро познати во јавноста, семејството вообичаено го чува својот приватен живот подалеку од медиумското внимание.

Маја Гроздановска-Панчева беше меѓу најпопуларните македонски поп-пејачки во деведесеттите години, а подоцна се повлече од естрадата и продолжи да работи во хорот на Националната опера и балет. Дарко Панчев, пак, е еден од најуспешните македонски фудбалери на сите времиња. Во 1991 година со Црвена звезда ја освои европската титула, а истата година го освои и признанието „Златна копачка“.
Нивната љубовна приказна започнала пред повеќе од 25 години. Во интервју за „Еспресо“, Маја раскажа дека Дарко прв ѝ пришол во кафуле во скопскиот трговски центар „Беверли Хилс“, откако претходно ја забележал на „Макфест“. Иако меѓу нив постоела привлечност, таа извесно време одбивала да излезе со него.
„Знаејќи го неговиот статус, долго време го одбивав да излеземе, но почнав да му верувам сѐ повеќе и на крајот попуштив“, изјави тогаш Маја.
Во едно интервју за „Слободен печат“, пејачката зборуваше и за нивното секојдневие. Таа откри дека семејните ручеци им се особено важни, бидејќи тогаш сите разговараат за тоа како им поминал денот, а со Дарко имаат навика да одат и на заеднички прошетки.
Маја во повеќе наврати истакнувала дека семејството и воспитувањето на ќерките се меѓу нејзините најголеми животни приоритети.
