Тања Кочовска годишнината од бракот со сопругот Предраг Павловски ја одбележа во нејзиниот препознатлив, хумористичен стил.
Кочовска на Фејсбук објави фотографија со сопругот, на која му мери крвен притисок, а покрај неа кратко напиша: „..31..“, алудирајќи на годините поминати заедно.
Тања и Предраг се познаваат уште од студентските денови, но нивната љубовна приказна започнала дури откако повторно се сретнале во Театарот за деца и младинци. Кочовска во неодамнешно интервју за „Слободен печат“ раскажа дека, иако со сопругот се знаеле со години, љубовта меѓу нив се случила речиси преку ноќ.
Двајцата студирале заедно, но во тоа време Предраг бил во долгогодишна врска, додека Тања била во периодот кога нејзината кариера била во подем.
„Јас и Предраг се знаевме одамна, студиравме заедно. Предраг имаше девојка, со неа се забавуваше четири-пет години, а јас тогаш бев во екот на популарноста“, раскажа Кочовска за „Слободен печат“.
Подоцна патиштата повторно им се вкрстиле во Театарот за деца и младинци. Тања веќе била дел од театарот, а Предраг тогаш станал нејзин колега. Оттаму започнала нивната љубовна приказна.
И нивното запросување било далеку од вообичаено. По земањето плата, целата екипа отишла на ручек, но Тања и Предраг продолжиле да поминуваат време заедно и откако останатите си заминале. Седеле до раните утрински часови, а токму во пет часот наутро Предраг ѝ го поставил судбоносното прашање.
„Тие си отидоа, ние останавме до 5 часот наутро и тој во 5 часот наутро ме побара за жена“, се присети актерката.
Пред да го прифати неговото барање, Кочовска отворено му кажала дека има син од претходниот брак. За неа било важно Предраг да го прифати Александар и да има вистински однос со него. Со текот на годините, двајцата изградиле блиска врска.
Тања и Предраг имаат и заедничка ќерка, актерката Нела Павловска, која го продолжи семејниот пат во актерството. Нела неодамна зборуваше за семејството и истакна дека особено го цени својот татко затоа што никогаш не направил разлика меѓу неа и Александар, иако тој не му е биолошки син.
Денес, по повеќе од 30 години заеднички живот, Кочовска и понатаму со препознатлив хумор зборува за својот брак. Во интервјуто за „Слободен печат“, кога била прашана за романтиката, таа низ шега рекла дека Предраг е романтичен само кога се на Мљет, каде што, според неа, има „риба на скара и вино“.
И 31-годишнината од бракот ја одбележа на свој начин. Наместо вообичаена романтична фотографија или долга порака посветена на сопругот, Кочовска објави фотографија со апарат за мерење притисок и кратка, духовита порака за годините што ги поминала со Предраг.
