Српската пејачка Ивана Селаков отворено зборуваше за тешкиот пат до мајчинството, но и за предизвикот со кој таа и нејзиниот партнер Пеѓа се соочиле откако ја добиле ќерката Круна.
Двојката со години се обидувала да добие дете, а нивната желба конечно се остварила со помош на инвитро оплодување. Во 2018 година се родила нивната ќерка Круна.
Ивана во една пригода раскажа дека во текот на процесот на инвитро оплодување голема поддршка ѝ бил Пеѓа, кој дури научил како да ѝ ја дава потребната терапија бидејќи таа се плашела од игли.
„Во текот на инвитро оплодувањето, во тие први две недели, треба да се прима одредена терапија со најмалата игличка. Јас се плашам од игли и не можам да замислам самата да се боцнам. Мојот сопруг, кој нема никаква врска со тоа, едноставно отиде во клиниката и жените таму му покажаа како треба да го стисне мојот мускул и под правилен агол да боцне“, раскажа пејачката.
Таа нагласи дека поддршката од партнерот е исклучително важна во целиот процес.
„Исклучително е важно сопругот да биде покрај жената во тоа, тоа е заедничка цел и заедничко дете“, порача Селаков.
По раѓањето на Круна, семејството се соочило со нов предизвик. Кога девојчето имало околу десет месеци и требало од кашеста да премине на цврста храна, родителите забележале дека има голем отпор кон одредени намирници.
„Првиот проблем кој Круна го имаше со исхраната се појави кога имаше 10 месеци. Додека јадеше кашички, сè беше во совршен ред, но тоа се промени во периодот кога требаше да премине на цврста храна. Забележавме дека има отпор кон храната, дека ѝ е тешко да касне што било“, раскажа Ивана.
Според неа, изборот на храна на девојчето во еден период бил ограничен на само неколку намирници, а одбивала овошје и зеленчук.
Загрижени, Ивана и Пеѓа побарале лекарска помош, но првично добивале одговори дека треба да бидат упорни. Подоцна стапиле во контакт со лекар кој, според пејачката, им објаснил дека проблемот е поврзан со сензорни тешкотии кои кај некои деца може да се манифестираат преку одбивање различни видови и бои на храна.
Селаков тогаш изјави дека по четири години состојбата значително се подобрила.
„Нашата ќерка денес е здраво и среќно дете кое по четири години конечно нормално јаде и благодарни сме му на Бога за тоа“, изјави пејачката.
Таа додаде дека во нивниот случај биле потребни многу трпение и посветеност, а денес со олеснување зборува за периодот низ кој поминало семејството.
