Пејачката Ребека Јанковска-Ристески со години е присутна на македонската музичка и јавна сцена, а покрај музиката, препознатлива е и по својата долгогодишна борба за подобри права и услови за лицата со попреченост и нивните семејства.
Таа е мајка на три сина, а нејзиниот најстар син Маркијан има ретко заболување, туберозна склероза. Ребека низ годините отворено зборува за неговата состојба, за предизвиците со кои се соочува нивното семејство, но и за потребата од поголема инклузија, поддршка и разбирање за лицата со попреченост.
Ребека во интервју за „Sweet 40“ искрено зборуваше за животните лекции што ги стекнала со годините, за луѓето што останале покрај неа, за семејството и децата, но и за тоа како се менувале нејзините животни приоритети.
Таа вели дека денес најмногу го цени времето поминато со своите деца и дека научила оти секој момент и секој ден се скапоцени.
„Па, во принцип, моите животни мотоа се менуваат низ текот на годините. На времето, кога бев тинејџер, ја прочитав ‘Најголемиот трговец на светот’ од Ог Мандино и тогаш ми стана животно мото ‘Carpe diem’ – искористи го денот.
Потоа, со текот на годините, сфатив дека без фантазија животот не бидува. Мора човек да фантазира и да си ги реализира своите соништа. А потоа, сега да кажам, актуелно мото ми е: ‘Не гледај со очите, туку со срцето’.
Така што не можам да кажам дека имам едно животно мото, туку секогаш, во однос на она што ми се случува во животот, и моите мотоа се менуваат. Луѓето се менуваат, така што и мотото се менува“, вели Јанковска-Ристески.
Со годините, вели таа, се менуваат и критериумите според кои ги избираме луѓето што ги пуштаме блиску до себе.
„Па, во принцип, нормално е дека ќе се сменат критериумите, ќе се смени изборот на луѓе, ќе се намали бројот на луѓе, затоа што во текот на годините разбираме дека многу малку се оние бисери од луѓе коишто ги имаме покрај нас и коишто биле во сите искушенија со нас. Така што изборот сам по себе се прави, јас не мора да го правам, едноставно се селектираат луѓето. И изборот претежно ми е фокусиран на моите деца. Да имаш време за своите деца, затоа што сите нешто се во трка за пари, работат многу, а јас сум дома со моите деца, готвам многу, уживам во секој момент со нив, сакам да им удоволувам, сакам да ги научам, да им дадам алатки за да продолжат да живеат и сами понатаму.
А, изборот на луѓе е многу краток, мислам, многу да кажам сублимиран на некои пет луѓе со коишто секојдневно комуницирам и тоа е пак моето семејство, пријатели коишто можам да ги избројам на една рака и уживам во секој, да кажам, момент во денот затоа што научив дека секој момент и секој ден е скапоцен“, вели Ребека.
Зборувајќи за својот стил, таа вели дека тој зависи од пригодата, но во секојдневието сè повеќе избира практичност.
„Па, стилот е еден за секојдневие, друг е за вечерно излегување, трет за сцена, така што во последно време стилот ми е многу практичен. Верувам во слатките 40-ти“, вели таа.
