На денешен ден, 15 јули во 1953 година е родена југословенската глумица Неда Арнериќ, која македонската јавност најмногу ја памети по улогата на славната пливачка Атина Бојаџи во филмот „Исправи се Делфина“.
Со неполни 13 години Неда Арнериќ се појави на страниците на југословенските магазини како главна ѕвезда на филмот „Сон“ и стана првата детска филмска ѕвезда во поранешна Југославија.
Со докторот Милорад Мештеровиќ беше во брак 35 години. Мештеровиќ почина по долгата и тешка борба со карциномот, а глумицата тоа многу тешко го поднесе.
„Тој ми е мене сè, син, брат, татко, љубовник и пријател. Толку сум среќна што истуркавме заедно. Имаше разни чудесии, не бевме светци, но најголем пријател ми е“, искрено во една прилика истакна Неда.
Пред него била во брак со режисерот Дејан Караклајиќ и со глумецот Раде Марковиќ. Поради големата разлика во годините јавноста тој брак го сметала за југословенска верзија на односот на Миа Фароу и Френк Синатра.
„Раде Марковиќ е многу значаен за мене. Со него проживеав три прекрасни години. Сега се чудам колку беше постар од мене, но меѓу нас сè феноменално функционираше. Не сфаќав зошто сите се згрозуваа и се фаќаа за глава поради нас двајца, на чело со мајка ми. Можете да замислите…“, зборуваше Неда.
„Дури 32 години, огромна разлика, која јас не ја чувствував. Со него научив да ја сакам сериозната музика, да читам паметни писатели, да подготвувам театарски улоги, научив да скијам, да играм тенис, да шетам по планините, ја засакав природата… Ни беше преубаво. И сè додека Раде беше жив, кога и да се сретневме, со носталгија се сеќававме на тие наши години. Голема улога имаше во мојот живот.“
Иако сакала да има деца, не ја доживеала среќата да стане мајка, а неколкупати отворено зборуваше за тоа.
„Немам деца, но не затоа што не сакав, едноставно не ми се посреќи. Сепак, од таа ситуација денес можам да заклучам дека од секое зло не мора да произлезе зло. Гледам дека сега, во овој пореметен систем на вредности, тешко е да се воспитуваат деца…“
Неда честопати отворено зборуваше и за нејзините „разголени“ улоги.
„Не знаев ништо за тоа и играв нешто што уште немав доживеано. Многу рано научив дека снимањето филм е работа која во договор со режисерот треба сериозно да се сфати. Во сценариото, на пример, пишуваше: Тие се будат наутро и по водењето љубов почнува приказната. А јас во тоа време не знаев како се води љубов. Тоа беше дел од мојот занает, а јас се сметам за добар занаетлија“, објаснила Арнериќ.
Неда Арнериќ почина на 67-годишна возраст, а последна желба и била да ја посети Индија и да го почувствува строгиот аскетски живот, но и да оди на Алпите.
„Кога ќе настапат паузите се притајувам и правам некои други работи. Аскетизмот подразбира пост, молитва, носење стара облека, само еден оброк во текот на денот. Мечтаам за пензија на Алпите, можеби и ќе напишам книга за мојот живот. Сакам да правам многу работи“, зборуваше познатата глумица.
Освен по „Исправи се Делфина“ публиката ја памети и по култните остварувања како што се „Ко то тамо пева“, „Варљиво лето, 68“, „Тајванска канаста“, „Време чуда“, „Проколнати сме, Ирина“.
Кога станува збор за улогите што претставувале посебен предизвик за неа, таа изјави дека една од нејзините најтешки и, на свој начин, најважни работи била работата на филмот на Александар Ѓурчинов „Исправи ја Делфина“ (1977).
Иако имала дублерки за сцените со пливање, во голема мера и самата пливала покрај нив.
-Можеби најтешкото снимање во мојот живот беше за филмот „Исправи се, Делфина“. Снимавме во ненормални услови, во ноември, на Ламанш, во Улцињ, во ледено море, ноќе… Се сеќавам, целата екипа стоеше во бунди, а јас бев во водата. Тоа беше тешко и исцрпувачко снимање. Секако, имав дублерки за сцените со пливање, но тие се разболеа, а мене очигледно ме спаси адреналинот од настинка, веројатно поради огромната желба таа улога да ја одиграм што е можно подобро.
Ја сакав улогата на Делфина. Можеби токму таа беше пресвртница, бидејќи тогаш првпат ми беше доверена сериозна и тешка улога. Впрочем, општо е познато дека кај нас нема многу добри женски, а особено не таканаречени носечки улоги. Сепак, мислам дека Делфина, за тоа време и за тој начин на снимање, ја одиграв добро. Тоа е жена која навидум не е амбициозна, но всушност прави сѐ за да го оствари она што си го зацртала. Во нешто е и слична на мене. Ни јас не сум особено амбициозна, но кога ќе се зафатам со некоја задача, ја извршувам максимално педантно и прецизно. Голем работохоличар сум, а сѐ друго, би рекла, е неважно. Тоа е придружно, понекогаш годи, но не ја подразбира ниту смислата ниту исполнувањето“, зборуваше Неда Арнериќ.
