Хрватската глумица Ена Беговиќ, која пред 26 години го загуби животот во сообраќајна несреќа е родена на 8 јули 1960 година во Трпањ, на полуостровот Пељешац, како прва ќерка на Никола и Терезија Беговиќ. Важеше за една од најомилените загрепски актерки, а името го добила по својата баба Мандалена. Нејзиниот татко, кој починал во 1989 година, бил службеник и претседател на месниот одбор, додека мајка ѝ Терезија работела како продавачка во киоск.
Ена имала невообичаено близок однос со родителите и во интервјуата често истакнувала дека мајка ѝ е нејзината најдобра пријателка. Пријателите од детството ја паметат како жива и разиграна девојка која постојано носела панталони, а долгата руса коса ја плетела во плетенка. Сакала да чита и уживала во самотијата.
View this post on Instagram
Актерството не било нејзина прва животна определба. Прво се запишала на Правниот факултет во Загреб. По преселбата во хрватската престолнина живеела во изнајмен стан заедно со сестра ѝ и со Алка Вуица. Во тој период режисерот Љубиша Ристиќ ја сретнал во едно кафуле и ѝ предложил да игра во неговиот филм „Иван Горан Ковачиќ“, во кој главната улога ја толкувал Раде Шербеџија. Ни тоа не било доволно да ја заинтересира за актерството, но на крајот попуштила на убедувањата на Раде да не го занемари својот талент и да се запише на Академијата за драмски уметности.
-Воопшто не сакав да бидам актерка. Со тоа ги изненадив и моите родители. Штом го снимив филмот „Иван Горан Ковачиќ“, и тие ме убедуваа да се обидам да се запишам на Академијата. Отидов без амбиции и без некои посебни желби – изјавила Ена.
Статус на ѕвезда стекнала по улогата во филмот „Падот на Италија“ на Лордан Зафрановиќ. Сцените во кои русокосата Ена излегува од морето дополнително ја истакнаа нејзината убавина, поради што стана секс-симбол и се појавуваше на насловните страници на бројни списанија. Иако била уверена дека ќе изгради филмска кариера, по дипломирањето во 1983 година се посветила на театарот. Во Хрватскиот народен театар во Загреб поминала 16 години, каде што останала сè до својата смрт.
Ена Беговиќ го загуби животот во сообраќајна несреќа на 15 август 2000 година на Пељешац, точно 45 дена откако ја роди ќеркичката Лана.
Додека била бремена, таа немала зборови да опише колку е среќна бидејќи ѝ се исполнила животната желба да стане мајка. За жал, во таа улога уживаше само четириесет и пет дена. На празникот Успение на Пресвета Богородица, го изгуби животот во теренецот „гранд чероки“, во кој беше со нејзиниот сопруг, мајка ѝ Тереза Беговиќ, ќерката Лана и посинокот Лео Радељак, кој бил зад воланот.
Несреќата се случила во местото Сплитска, каде што нивниот теренец завршил во провалија. Повредите што ги здобила Ена биле премногу тешки и таа набргу им подлегнала. Нејзината мајка се здобила со повеќекратни повреди на раката и рамото, додека малата Лана кратко време била задржана во болница.
View this post on Instagram
Ќерката Лана ја одгледа нејзиниот сопруг Јосип Радељак, познат на јавноста по неговите врски со водителката и пејачка Влатка Покос и актерката Долорес Ламбаш.
Три несреќи
Животот на Ена го обележаа три сообраќајни несреќи, од кои третата, за жал, беше фатална. Првата сообраќајна несреќа заврши со тоа што Ена го пропушти Венецискиот филмски фестивал во 1981 година, каде што требаше да го промовира филмот „Падот на Италија“. Поради сообраќајната несреќа, дел од главата ѝ бил избричен, па не можеше да се појави на фестивалот.
Последиците од втората сообраќајна несреќа, онаа во 1996 година, беа ужасни. Ена возела, а актерот Ѓорѓе Кукуљица бил на совозачкото седиште. Еден млад човек загинал, двајца биле тешко повредени, Кукуљица поминал три недели во кома и се опоравил дури по долготрајна рехабилитација.
Последното интервју
„Кој знае што ни носи животот?“ се запраша непрежалената актерска дива во нејзиното последно интервју.
Секако најбизарниот детаљ е што непосредно пред нејзината смрт, таа на новинарката што ѝ го правела интервјуто ѝ признала дека најмногу на светот се плаши од возење.
„Ужасно се плашеше од автомобил, како да претчувствуваше нешто. Не ѝ беше пријатно ниту во авион. Се сеќавам дека одеше кај психијатри поради тој страв, па ме испрати и мене, бидејќи и јас се плашев од летање“, изјавила нејзината пријателка Алка Вуица за „Јутарњи лист“ во 2010 година.
View this post on Instagram
View this post on Instagram
